Возвратно обраќање на Неговото превосходство, цивилниот управник на Света Гора, архонт на Светата Христова Велика Црква и на Александриската патријаршија, г. Алкивијадис Стефанис, пред почетокот на бдението за Раѓањето на Чесниот Претеча, во Бигорски, на 6 јули 2026
Ваше Преосвештенство, епископе Антаниски, свет игумене на Свештената обител на Чесниот Претеча, г. Партениј, благословете!
Ви благодарам многу за Вашите убави зборови, но би сакал да истакнам дека честа е моја што сум овде. Многу одамна сакав да дојдам во вашиот манастир, бидејќи имав слушнато толку многу исклучително убави зборови за Вас.
Што најнапред да споменам? Возобновувањето од пепелта на ова прекрасно место? Исклучителните резби на иконостасот? Светата икона? Вашата духовност и начинот на кој ги раководите младите?

Нека Ве чува Светиот Бог, за да продолжите да принесувате и да служите на ова прекрасно место!
Две нешта би сакал да кажам и со тоа ќе завршам, свети Старче.
Првото: ме восхити достоинственоста, верата и благоговението на верните кои се овде во храмот. И најважно од сè, начинот на кој тие ја изразуваат својата љубов кон Вас.
И второто: со радост видов овде деца од Атонијадата, кои дојдоа и разговараа со мене. Ние на Света Гора сме многу горди на децата од Атонијадата кои се одовде, и им честитаме на родителите за прекрасните созданија што ги донеле на свет.

Исто така се радувам, Старче, бидејќи гледам овде многу монаси, почитувани монаси од Света Гора. Значи, навистина чувствуваме дека сега сме на Света Гора. Впрочем, и Вие самиот сте светогорец.
Завршувајќи, сакам да го кажам следново: кога сум на Света Гора, ме прашуваат кој ми е омилен манастир, а јас одговарам дека сите дваесет манастири ми се омилени. Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света Обител овде.
Старче мој, Вашиот благослов. Ве сакам многу!











