Литургија во Гробот на Пресвета Богородица во Гетсиманија

Апостоли, собрани од краиштата на вселената овде во гората Гетсиманија, погребете го телото мое и, Ти, Сине мој и Боже мој, прими го духот мој.

Постојат прекрасни слова натопени со нектарот на рајската сладост, кои толку умилно ги насладуваат срцето и умот приемчиви за духовните красоти; слова што со леснотија ја возведуваат душата во надземните предели на недопирливите убавини. Но, се прашуваме, има ли достојна човечка реч, со која нашето ограничено и од гревот поматено словесно поимање би можело да се приближи до настанот и местото каде што Онаа, Која самата беше нектар што го хранеше воплотеното Слово Божјо и е неизречива наслада на Ангелите, се пресели и вознесе, со душа и тело, од овој гнилежен свет, таму каде што со својата девствена чистота, всушност, и припаѓа – во Царството на вечната светлина и слава, во непосредна близина на Светата Троица? „Чудесни се твоите тајни, Богородице! Престол на Севишниот се покажа, Владичице; се пресели од Земјата кон Небесата. Твојата слава богодолична сјае со богоподобни чудеса. Твоето Успение го слават властите и престолите, началствата и господствата, силите и херувимите и страшните серафими…“ Да се биде содружник на овој небесен хор и соучесник во тоа таинствено славословие, и тоа токму на местото на преселувањето на Богопрославената, е дело навистина свештено и трепетно.

И ете, токму на таа неискажлива милост нè удостои денес Пренепорочната, подготвувајќи ни трпеза, света и таинствена, со пречистото Тело и чесната и животворна Крв на својот Син и Бог наш, Господ Исус Христос. А нејзината покана за служење на Божествена Евхаристија дојде преку особено љубезниот Игумен на нејзиниот сечесен Паметник во Гетсиманија, Високопреосвештениот Митрополит г. Јоаким Еленополски, во чие срце Пресветата си направила дом и кого го пратила прв да нè пресретне во сеславниот Храм на Воскресението, во почетокот на нашето поклонение. Така, денеска на Гробот на Онаа Која Го роди Испразнителот на гробовите човечки, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, сослужуваше со Митрополитот г. Јоаким, на преубавата Литургија, која ги вознесуваше нашите души во благодатните прегратки на Царицата Мајка. Заедно со овие две благословени чеда на Богомајката, кои со своите души се силно прилепени кон Неа, служеа и Архимандритот Дионисиј, Игумен на свештеното поклониште на Темницата каде што бил затворен Христос, Архимандритот Доситеј и јеромонасите Кирил и Анатолиј од Бигорската Обител, како и други четири свештенослужители од православната Црква на Србија.

Човечкиот јазик нема доволно моќ да ги опише благодатните бранувања и доживувања на душите на свештенослужителите и на верните, собрани околу Гробот од кого воскресна Мајката на Животот. За време на Евхаристијата на тоа свештено место, човек се чувствува дека на некој таинствен, неискажлив начин се наоѓа во својот вистински дом и татковина. Или, како што во една пригода говореше нашиот најсакан Старец:

„Долго време Бог чекал да се појави таква личност, што со својата надразумна и надангелска чистота и со својата безусловна и беспрекорна љубов кон Него, би можела да Му ја отвори вратата, та да може Он да влезе во човечкото естество и во неговата историја. Таа личност беше несомнено Пресветата Дева Марија, скромната и Пренепорочната Девојка од Назарет. Таа е новиот спасителен кораб на Ное, во кого се спасува сето човештво; Таа е ‘мост и лествица помеѓу Небото и Земјата’, помеѓу Бог и човекот; Таа не беше ‘плод на гревот’, туку ‘нов цвет на правдата’; Таа постана сместувалиште на Несместливиот, ‘ново Небо и нова Земја’ – како што мошне убаво се изразува за Неа Свети Никола Кавасила; ‘Ветената Земја’, ‘Татковина на вечно живите’. Пресвета Богородица, како Онаа Која е поширока од Небесата, е наша Водителка што ги води верните од сите епохи кон Христа. Истовремено е Дарителка на сите Божествени добра кон луѓето и кон созданието. Затоа, обидот да се прикаже величието на Богородица ги надминува човечките сили“.