Третиот летен детски камп во Битуше

​Со благослов на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, во прекрасното мијачко село Битуше се одржа третиот по ред детски летен камп, кој уште еднаш донесе изобилство од насмевки, молитва и љубов.

Овој пат кампот собра дваесетина деца од Битола и Кичево, кои со својата детска чистота и искрена вера го исполнија овој простор со посебна радост.

​Меѓу учесниците беа талентираните дечиња од „Академија Атанасова“ од Битола и членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево. Во текот на престојот, најмладите имаа можност да учествуваат во богослужбениот живот на Црквата, да учат за православните вредности, но и преку песна, творештво и дружба во природата да ги продлабочат своите меѓусебни пријателства.

​Посебна благодарност за успешниот тек, организацијата и топлата атмосфера на кампот им должиме на наставничките: Даниела и Катерина, како и на Марија Саздева, кои со својата неуморна грижа, мајчинска љубов и посветеност, тие се погрижија секое дете да се чувствува закрилено, радосно и инспирирано за време на сите активности.

Најголема, пак, радост беше средбата со нашиот Старец и владика Партениј, кој инспириран од творештвото на овие прекрасни дечиња, им упати топли татковски зборови, кои веруваме дека ќе ги чуваат во своите срца, преточувајќи ги во дела за нашата најсвета Црква. ​Овој камп уште еднаш потврди дека најголемата радост е кога најмладите растат во духот на Христовата љубов. Нека Господ ги благослови сите учесници и нивните раководители, оставајќи им ги овие денови во Битуше како траен спомен за убавината на заедницата и верата.