„Водачу на небесните војски, ние недостојните секогаш те молиме, со своите молитви да нѐ оградиш под заслонот на крилјата на твојата слава бестелесна, пазејќи нѐ нас, кои грижливо ти се приклонуваме и повикуваме: Од неволји избави нѐ, како началник на вишните сили.“
– Тропар на Собор на Свети Архангел Гаврил, глас 4
Во живописниот предел на Долни Дримкол, меѓу спокојот на планинските падини и спомените што ги чуваат манастирските камења, денес повторно се вознесе соборна литургиска молитва и благодарење во древното светилиште посветено на светиот архангел Гавриил, во месноста Манастирец – метох на Бигорскиот манастир.
Во остатоците од некогашниот величествен и раскошен манастирски храм, каде што одамна нема купола подигната од човечката рака, туку самиот небесен свод го покрива свештениот простор, беше отслужена света Божествена архиерејска Литургија. Со евхаристиското торжество чиноначалствуваше нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со свештенослужители од Бигорското братство, како и со почитуваните свештеници: протопрезвитерот Александар Димовски и отец Љупчо Симиџиоски од Охрид и отец Миле Ангелкоски од Дебар.
Уште од раните утрински часови кон древниот Манастирец започнаа да пристигнуваат верници од повеќе краишта, исполнети со желба токму на тоа историско и осветено место да Му принесат молитва на Бога и да го побараат небесното застапништво на архистратигот Гавриил. Множество народ, собран околу Чашата Господова, создаде слика на жива Црква – собор на луѓе обединети не само од споменот за минатото, туку и од верата во воскресението и обновувањето на сè што е осветено со молитва, љубов и саможртва.
Навистина неповторливо беше чувството да се учествува во Божествената Евхаристија среде древните ѕидини, кои и покрај раните на времето сè уште сведочат за некогашната убавина и духовна слава на ова светилиште. Камењата, обраснати со мов, како неми сведоци ги чуваат молитвите на претходните поколенија, додека над нив се простираше бескрајната синевина на небото, како природна купола, создадена од Самиот Творец. Сонцето, планинскиот воздух и срдечните молитви и благодарности се соединија во едно литургиско песнопение, претворајќи го целиот предел во еден голем храм на славата Божја.
Особена духовна убавина на торжеството му придаде вдахновеното слово на нашиот старец, епископот г. Партениј, кој со својата препознатлива пастирска топлина и богословска длабочина, ги потсети присутните дека вистинскиот храм се, пред сè, живите човечки срца во кои пребива Бог. Кога во човекот постојат вера, покајание, благодарност и љубов, тогаш и урнатините можат да станат светилиште, а опустошеното место – простор на воскресение и надеж.
Присуството на толку многу верници беше најубавото сведоштво дека Манастирец не е само археолошки остаток или блед спомен од минатото. Тој е живо духовно средоточие, место на средба меѓу земното и небесното, меѓу историјата и вечноста, меѓу молитвите на предците и надежите на новите поколенија. Светата Литургија повторно го исполни древниот простор со благодат и покажа дека она што е втемелено врз Господа Исуса Христа може да биде ранeто од времето, но не и уништено.
По завршувањето на евхаристиското собрание следуваше богата културно-уметничка програма, подготвена од младите членови на ансамблот „Свети Јоаникиј Ракотински“ од Скопје. Со своите песни, ора и традиционални носии, тие внесоа дополнителна радост и убавина во празничниот ден, покажувајќи дека духовното и народното наследство се две неразделни нишки на нашето историско паметење. Особено радуваше присуството на младите, кои преку својата љубов кон традицијата го продолжуваат она што со векови го создавале и го чувале нашите предци.
Од сето срце им изразуваме благодарност на сите спонзори, добротвори и добронамерници кои со својата помош, труд и пожртвуваност придонесоа за достоинственото организирање на ова духовно и културно торжество. Нивната поддршка е конкретен израз на љубовта кон Црквата Божја, кон свештеното наследство и кон местата што ја обликувале духовната историја на нашиот народ.
Благодарност упатуваме и до сите свештенослужители, учесници, организатори, младинци и верници кои со своето присуство го претворија древниот Манастирец во вистинска духовна оаза. Нека светиот архангел Гавриил ги закрилува сите нив, нека им донесува благовестие, мир и благослов во домовите, а древното светилиште нека продолжи да биде место на молитва, благодарење и средби со Бога. Оти, иако неговите земни сводови се урнати, храмот во Манастирец и понатаму стои исправен во паметењето на народот и во вечната присутност на Божјата светлина. А таму каде што се служи светата Литургија, каде што народот соборно Го слави Бога и каде што срцата се отвораат кон вечноста, таму никогаш нема урнатини, туку само почеток на воскресение.































