Со благослов од Бигорски, коњаницата „Патот на Црешовото топче“ тргна кон Крушево

Традиционално, во пресрет на великиот национален и црковен празник Илинден, денес во Бигорската свештена обител повторно одекна коњскиот топот на родољубивата коњаница „Бигорски Манастир – Патот на Црешовото топче“.

Продолжувајќи го повеќегодишното предание на благодарствено сеќавање на илинденските херои, триесетина коњаници пристигнаа во древното светилиште на свети Јован Крстител, од каде што, укрепени со молитва и благослов, го започнаа својот долг пат кон славното Крушево и Мечкин Камен. Оваа традиционална манифестација го чува споменот и на историското предание дека токму во Бигорскиот манастир монасите изработиле црешови топчиња за Илинденското востание.

Во отсуство на нашиот почитуван старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, коњаницата ја пречека и ја благослови нашиот собрат, архимандритот Доситеј. Со молитви кон Бога и кон небесниот покровител на Обителта, свети Јован Крстител, тој им посака на коњаниците мирен, безбеден и благословен пат, како и сили достоинствено да го исполнат својот родољубив подвиг. Во своето пригодно обраќање, отец Доситеј потсети дека местата низ кои денес минува коњаницата не се само географски точки на патот, туку живи сведоштва за македонската историја – места на молитва, надеж, страдање и искушенија, натопени со крвта на оние што ги положиле своите животи за слободата на Татковината. Тој ги повика коњаниците, преку својот пример, да го пренесат аманетот на Илинденците до младите поколенија: да ја љубат и почитуваат државата, да не ја забораваат жртвата на предците и да се обединуваат околу она што е свето и заедничко за сите.

Годинава во коњаничкиот марш учествуваат родољуби од Гостивар, Просениково, Ќанаклија, Пиперево, Василево, Радово, Муртино, Сарај, Ново Коњарево и Иловица, обединети од една заедничка мисла – достоинствено да им се поклонат на илинденските јунаци и да го продолжат патот на историското паметење. Годинашниот коњанички марш учесниците го посветуваат на македонското единство – на повикот македонскиот народ да се обедини околу она што му е најсвето и што им припаѓа на сите поколенија: Татковината. Водени од идеалот на илинденците и асномците за слободна, достоинствена и самостојна држава, коњаниците го продолжуваат нивниот пат и аманет, со порака дека љубовта кон Македонија не треба да биде предмет на поделби, туку заедничка света должност кон минатите и идните поколенија.

По примениот благослов, коњаниците тргнаа на својот повеќедневен пат, долг околу двесте километри, кој ќе ги одведе преку македонските планини и населби до Крушево. Таму, на Мечкин Камен, ќе им оддадат почит на хероите што ги положиле своите животи за слободата и достоинството на својот народ.

Нека свети Јован Крстител биде нивни молитвен застапник и сопатник на секој чекор од патот, нека ги закрилува од секоја опасност и благоуспешно нека ги доведе до целта.

Нека нивниот подвиг биде жив потсетник дека аманетот на Илинденците не му припаѓа само на минатото, туку претставува света обврска за сегашните и за идните поколенија.

Нека е од Бога благословен нивниот пат!