Радост во духот и традицијата: Членовите на Академија „Еуроарт“ го збогатија Четвртиот летен камп по Вероучение во Битуше

Со благослов на нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, детскиот летен камп по Вероучение во Бигорскиот скит посветен на Светите Кирил и Методиј во живописното село Битуше, повторно процвета со духовна радост, детска насмевка и живо предание.

Посебен печат и убавина на четвртиот по ред камп му даде гостувањето на младите членови од Академијата „Еуроарт“ од Штип, кои се верни чувари на нашето вековно предание, фолклор, богата култура и идентитет. Децата при нивното гостување беа придружувани и поддржани од нивните посветени професори, Милена Ристовска Михајловска и Ангеле Михајловски, кои трудејќи се неуморно, постојано и со љубов ги вдахновуваат младите генерации.

Во дворот на манастирскиот конак во Битуше, овие талентирани деца кои се најчист одраз на нашата вера и иднина, под раководство на актерот Христијан Танчевски, изведоа прекрасен и вдахновен перформанс пред владиката Партениј. Преку песната, играта и негувањето на традиционалниот мелос, младите уметници покажаа како со љубов се чува наследството од нашите предци и како културата и верата се преплетуваат во една хармонична целина.

По завршувањето на перформансот, Неговото Преосвештенство Епископот г. Партениј им се заблагодари на гостите за прекрасната програма, упатувајќи им важни духовни поуки и благослов за понатамошен успех во нивната благородна мисија – чувањето и негувањето на преданието и културниот идентитет.