Обраќање на имамот г. Орхан Зенго на првата меѓурелигиска Трибина во Дебар на тема: „Семејството: стожер на љубовта и општествениот развој“, одржана на 9 ноември 2024
Почитуван Градоначалник на општина Дебар г. Хекуран Дука, почитуван Муфтија на Дебарското Муфтиство Решат еф. Качалнику, почитуван владика на Бигорскиот манастир г. Партениј и вие почитувани присутни, дозволете ми да ви се обратам со неколку зборови и да придонесам колку толку во овој одличен проект.
Болката секогаш е причина за човекот да го стави во употреба своето размислување, народно кажано: „јазикот оди таму каде што боли забот“, а тоа се гледа со вашата голема присутност и покажува дека семејството како една посебна друштвена институција е во криза, се соочува со сериозни предизвици, и нормално е дека сите разумни луѓе ќе размислат како понатаму да се соочат со ваквите ситуации и да го заштитат она што е најосновното во семејството, а тоа е здравото семејство.
Религијата, но и науката до некаде се занимава со темата на семејството, иако во последно време науката како да го сменува својот правец па настојува да се одвои од религијата и да го редефинира семејството како нешто друго надвор од природното дефинирање на религијата и науката во минатото. Со тоа свесно или несвесно денешната наука го уништува тоа јадро на општеството, кое е дефинирано од страна на Господ, а со тоа создаде голем предизвик и голема криза чии последици ние ги гледаме денес но ќе ги гледаме и во иднина.
Од исламска перспектива ќе кажам неколку зборови.
За да имаме здраво семејство, религијата ја има клучната улога. Оваа не ви го велам затоа што самиот сум теолог, туку сите слободоумни луѓе и научници тоа го тврдат и ќе го тврдат сè до крајот на човештвото. Луѓето денес се исплашени од религиозноста. Да се биде религиозен подразбира да се биде човек во потполна смисла на зборот.
За да имаме вистински човек, изградена здрава личност потребно ни е пред сè здраво семејство.
Здравото семејство се состои од стапување во брак на маж и жена, татко и мајка кои се здрави и изградени личности. Стапувањето во брак не е некоја спонтана норма каде што луѓето ќе ги задоволат само своите страсти, туку бракот е единствен амбиент во кој се создава новиот живот. Токму од тука почнува и обврската на градење на здрава личност. Затоа е потребно претходно да се има добро зацртан план и цврста идеа која треба да ги спои мажот и жената во нејзиното реализирање.
Стапувањето во брак на не добро изградени личности и кои не се свесни за важноста на семејството и вредноста на доаѓањето на новиот живот а ниту имаат пак некаков идеен конкретен план, нема да ни ги донесе посакуваните резултати на квалитетна изградена личност.
Какви личности треба да претставуваат родителите?
Исламот на бракот гледа како еден голем сериозен проект на кој треба сериозно да се пристапи. Треба да се избере вистинска личност за да се стапи во брак, тоа е предуслов за да се создаде здраво семејство. Сите хумани и човечки вредности пред сè треба да ги поседуваат оние кој стапуваат во брак, односно создаваат семејство.
Родителите треба да бидат најдобриот пример на своите деца ако сакаат да изградат здава личност. Тие треба да се однесуваат одговорно кога е во прашање воспитувањето на своите деца и градењето на здравиот морален карактер кај нив.
Треба да изградиме прво добри родители за потоа да можеме да изградиме добри деца.
Нас ни требаат родители на кои им се совпаѓаат нивните зборови со нивните дела. Децата повеќе се воспитуваат од тоа што го гледаат кај своите родители отколку од тоа што го слушаат. Замислете, ако само еднаш вашето дете ве најде во лага, дали тоа дете ќе може да креира чувство на одговорност во себе и дали ќе ви верува вас? Сигурно нема да ви верува. Затоа првенствено ни треба добар модел на родители. Од тука почнува исламот.
Второ што сакам да напоменам за да имаме здраво семејство, добро изградени и позитивни личности, треба родителите да посветат големо внимание кон своите деца во однос на нивното воспитување. Повеќето од времето треба да го посветите во воспитување на своите деца. Тоа е најдрагоценото потрошено време. Вие како родители ќе треба да се потрудите сите хумани и човечки вредности да ги инсталирате кај вашите деца. Детето е како една бела хартија. Во таа бела хартија вие како родители ќе запишете каква личност ќе биде вашето дете. Ако се потрудите да ги запишете добрите и хумани вредности ќе успеете да изградете вистинска личност. Тоа е темел на една здрава личност. Можеби влијанието на животот може да разниша нешто од тие вредности но сепак темелот ќе остане непроменет. Затоа припазете што ќе напишете во таа бела хартија.
Секое нарушување на овие вредности односно секоја криза со која ние денес се соочуваме во нашето семејство тоа е како резултат на нашата неодговорност во градењето на здравата личност.
Трето што сакам да напоменам е како оваа општество ќе дојде до позитивна промена и развој?
Патот веќе ни е јасен. Ако ние изградиме здраво семејство и од него изградиме здрави личности како нови генерации, промената на подобро е на повидок. Со доаѓањето на добри луѓе со изградена личност ќе дојде и самата промена. Тие ќе го ценат сечиј живот и ќе се трудат да го помогнат и заштитат општеството од секакви предизвици и кризи.
Од исламска перспектива ние имаме два вида на семејства: семејството во кое ние сме се родиле и големото семејство кое се нарекува општество. Како општество ние сме едно семејство. Затоа секој еден од нас треба да придонесува за доброто на оваа општество. Најдобриот придонес ќе биде ако ние успееме да изградиме здраво семејство. Во оваа насока ќе треба да се вклучат и другите институции на нашето општество. И тие треба да дадат свој придонес за градење и одржување на здравото семејство.
Најголемата и највредната инвестиција е таа во човекот, тоа немојте да го заборавите. Ние може во сè друго да инвестираме, сè ќе биде залудно ако човекот ни остане во криза, како неизградена личност.
Денес повеќе од секогаш ни е потребен добриот човек, вистинската личност. Најголемата криза на денешното општество е токму добриот човек.
Денес светот брои осум милијарди луѓе. Но колку од нив имаме вистински изградени и добронамерни луѓе?
Ни треба здраво семејство за да изградиме здрава личност. Здраво семејство е алка на синџирот кој не може лесно да се прекине.
Ви благодарам!