Совршен е оној ум којшто, спознавајќи Го со вистинска вера Неспознатливиот, ги опфатил сите Негови творенија и добил од Бога сеопфатно познание за Неговата промисла за нив, онолку колку што тоа е достапно за човек.
Св. Максим Исповедник (гл.299/400)
Само што започна постот. Постот пред Христовото Рождество. И секогаш во овој период ќе се чуе, ќе се прочита, многу околу постот. Кога започнува, како треба да се пости, накратко за постот, нашироко за постот, дали треба да постиме, дали е модерно, што мислат младите, па кога се јаде риба, до кога се јаде риба, па отпуст за млеко, па празниците во среда, прослава на Нова Година, прослава на работа, аранжмани, што велат во Црквата, што велат старите итн.
Јас лично се запрашав самиот себеси за Јуда… Односно за постот на Јуда. Зошто баш Јуда Го предаде Христа?
Сигурно не дека беше модерен, или помодерен од другите Апостоли. Сигурно не дека живееше и работеше по друг календар и празнуваше по друг календар. Сигурно не дека нему му требаа повеќе пари отколку на останатите. Сигурно не дека имаше отпуст на млеко и на млечни производи. Сигурно не дека почна да пости, а веќе вториот ден помисли на месо, колбаси, пршути и торти. Сигурно не дека 40 денови му се видоа многу, па ајде малку да скрати.
Јуда Го предаде Христа, затоа што немаше граница.
Немаше мера, немаше доволно, немаше граничник, немаше синор, немаше меѓа… Јуда немаше пост.
Јуда не разбра дека и целосното спознание за Оној Кој нема цена, а беше оценет во тој момент, не е целосно достапно за човек каков што во моментот беше Јуда, како што во моментот беа и сите Апостоли. Но, другите Апостоли си дозволија да преминат во наредните фази кои им следуваа, Јуда не дозволи и остана за навек во таа фаза и таков човек каков што беше тогаш… А, како другите си дозволија? Си дозволија со тоа што застанаа и се ограничија. Се ослободија со ограничување на самите себеси. Застанаа, за да продолжат…
Е сега, ако во денешните услови, по претпоставка, го поставиме повторно истото прашање за Јуда и за одредени ограничувања и граничници, може да се појави не само човек, карактер како Јуда, туку и адвокат, бранител кој ќе го брани Јуда во правата да се одбрани од одредени ограничувања… Ограничувања кои денес мнозинството од нас ги карактеризира и спознава како пост.
Е сега, целта е да бидеме совршени како што е совршен нашиот Отец на Небесата, нашиот Создател… А луѓе сме, не ни е сè достапно, односно не можеме да располагаме со сè што ни е достапно.
Треба да запостиме. И Господ кога ги создавал творенијата, не ги направил исти, односно, Тој самиот си ставил синор, меѓа, што е што, каде е каде, кој е кој … но, сите не ставил заедно …
Да бидеме совршени во мислата за животот и Господовите творенија, како што Тој бил совршен во Неговата промисла за нив. Односно за нас…
Силна вера ни треба, за да го сфатиме постот, секој пост, не како ограничување на слободата, прекин на поредокот, запоставување на напредокот, остаток од минатото, стара мода на нашите баби и дедовци…
Силна волја ни треба, за да ги ограничиме пороците, страстите, душегубните влијанија, да го ограничиме немирот, нетрпението, омразата, гневот, суетата, гордоста… Да изградиме нов човек во нас, да се стремиме во безгрешност со покајание, да си ја ограничиме слободата, за да ја имаме најголемата слобода, слободата на тоа да имаме сè, во границите на она што можеме да имаме, за да одиме напред.
Постот е послушание, а послушанијата не се ограничувања. Послушанијата се слобода која знае за другиот, слобода која знае за себе самиот, слобода која знае за Бога. Слобода со силна вера, надеж и љубов.
Да твориме добро, да мислиме добро, да живееме добро. Да се ограничиме на доброто.
Сè за Името Господово.