Официјално обраќање на нејзината екселенција, амбасадорка на Р.С. Македонија во Ватикан, г-ѓа Марија Ефремова

Дами и господа, почитувани амбасадори и членови на Дипломатскиот кор при Светата Столица, Драги пријатели,

Добровечер на сите и голема благодарност за вашето присуство. Чест е и привилегија за мене и моите соработници, вечерва да ви го презентираме документарниот филм за Бигорскиот манастир “1000 години Сведок на Светлината” во режија на Ико Каров, во оваа прекрасна библиотека на Понтефикалниот ориентален институт во Рим.

Упатувам срдечен поздрав до директорот на Комисија за односи со верски заедници, г-дин Даријан Сотировски и до ректорот на Папскиот ориентален институт,  монс. Давид Назар, кои ни ја дадоа привилегијата да бидат со нас вечерва!

Воедно им благодарам на сите кои придонесоа за прикажување на документарниот филм за Бигорскиот манастир, голем споменик на македонската култура, кој  ја претставува душата и моторот на духовноста во нашата земја.

Неговата историја е толку долга и интензивна, толку е вкоренета во нашето постоење, што речиси претставува културна енциклопедија на нашата земја и на духовноста на македонскиот народ. Сето тоа благодарение на иницијативите и решителноста на монасите и монахињите кои придонеле за неговото опстојување низ вековите и повторно раѓање. Овде ги поздравувам отец Кирил, јеромонах на Бигорскиот манастир и сестра Ефимија од манастирот Рајчица.

Го поздравувам и ви го претставувам режисерот Ико Каров на кого му честитам за режијата на филмот, кој со голема професионалност и навидум леснотија, всушност, ни го открива огромното културно наследство, духовност и креативна мисла.

Честитки и за музичките зафати на композиторот Горан Трајковски, кои маестрално ги придружуваат сликите и на филмскиот монтажер Бранко Блажески.

Би сакала накусо да потсетам, дека историјата на кинематографијата е дел од историјата на нашата земја. Првата камера на Балканот ја донеле браќата Манаки во Битола на почетокот на минатиот век. Од тогаш македонскиот филм, и покрај најчесто скромниот буџет, успева  да ги оживее, да ги раскаже, да ги изрази чувствата и вредностите на нашиот народ. Во деликатни периоди од нашата историја тој успева да го зајакне граѓанското чувство и да покрене големи општествени прашања. Но пред сè, успева да предизвика големи емоции.

Пред околу илјада години во времето кога Василиј II (976 – 1025) владеел со големото Римско Царство, а Самуил (976 – 1014) владеел и на територијата на денешна Северна Македонија, во прекрасните и мистични падини на Бистра, живеел монах по име Јован. Овој отец полн со голема добрина, разумен и мудар, се грижел за чистотата и смирението на срцето, секогаш имајќи ги на ум зборовите Господови: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе го видат Бога“ (Мт. 5: 8).

Се раскажува дека еднаш отец Јован видел некаква силна и чудесна светлина меѓу дрвјата, кој како огнен столб се издигнува кон небото. Кога се приближил, видел како икона со ликот на свети Јован Крстител лебди во чистиот воздух. Јован пресреќен паднал на колена и се заблагодарил на Бога. Со голема посветеност ја зел иконата и ѝ изградил соодветен привремен дом, мала капела, во која ја ставал иконата и секој ден се молел и му се заблагодарувал на свети Јован Крстител за дарот со кој Бог го благословил.

Така започна илјадагодишната историја на нашиот манастир кој за време на своето постоење, преживеал многу неволји. Покрај, рушења и палења за време на Отоманската империја, и ограбувања и оштетувања од разни групи разбојници кои  доаѓале од туѓи земји, свети Јован Крстител не дозволил неговата света икона да биде уништена. Заборавот и пустошењето на манастирот продолжил и во комунистичкиот период, со престанок на верските функции и молитви. По неколку децении, без верски обичаи и монашки живот, светилиштето било оставено во тивко и постепено духовно распаѓање, сведено на функција на обичен музеј на мртви предмети. Требаше да поминат години пред да се создадат услови за негово воскреснување.

Така, конечно, по волја на Бога и со благослов на надлежниот владика, во 1995 година заживеа монашкиот живот во Бигорскиот манастир и оттогаш до денес, и покрај тоа што светот е радикално променет, нашиот манастир продолжува да цвета.

Сведоци сме на се поголемата брзината со која се одвиваат социо-културните промени во светот. Новите техники, јазиците и алатките наметнуваат нови начини на изразување и нови идеи за комуникација, кои нè остават збунети и напати вознемирени. Но, и покрај сè, христијанските корени и идентитетот на македонскиот народ не се менуваат, не исчезнуваат. Напротив, тие стануваат уште поскапоцени, остануваат скапоцен столб кој ни дава сила дури и кога сè се менува.

Пандемијата силно влијаеше на многу општествени, културни и економски активности, таа исто така беше многу тежок удар и за кинематографијата. Но, културата е незаменлив двигател на развојот и на душата. Културата не застанува ниту пред неправдите и ужасите на војната и елементарните непогоди, културата е секогаш подготвена да нè утеши и обедини. Таа ги надминува границите, ги надминува бесмислените пречки што не ги признава, културата е фундаментална за рекреирање на солидарноста помеѓу народите и за создавање услови за мир.

Ви благодариме за вашето внимание!