Премиера на филмот за Бигорски во Рим

Утре во „Понтификалниот Институт за Ориентални студии“ во Рим, ќе се емитува филмот „1000 години Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот манастир, во режија на Илија Ико Каров.

Филмот „1000 години Сведок на Светлината“ ја доживеа својата гала премиера во салата на Македонскиот народен театар во април 2022 година.

Утре, пак, 14 февруари 2023 година, на иницијатива на Амбасадорката на Р. С. Македонија во Ватикан, г-ѓа Марија Ефремова, а под покровителство на Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, истиот ќе биде проектиран во Институтот при Светата Столица.

Целта на оваа свечена проекција е да се истакне убавината и богатството на македонското духовно и културно наследство, кое повеќе од илјада години во континуитет се негува во Бигорскиот манастир.