Со синовска љубов за бигорскиот старец и Владика Партениј

Слово од бигорските штитеници, изговорено од г. Атанас Цветковски, при одбележувањето на 1000-годишнината на Бигорскиот Манастир „Свети Јован Крстител“, на 18 октомври 2020 лето Господово

г. Атанас Цветковски

Почитувани и свети наши архијереи,

Почитувани претставници на државниот врв и драги гости,

Простете ми што си земам за слобода да упаднам во предвидениот протокол на свеченоста, но навистина чувствувам дека е неопходно да ви се обратам од името на стотици некогаш изгубени, а сега воскреснати души, кои својот спас, утеха, исцеление и смисла на постоење ги најдоа токму во овој манастир, кој денес слави 1000 години од неговото основање.

Возљубен наш татко и владико на нашите срца, Епископ г. Партениј,

Дозволете ми од името на сите ваши духовни деца, коишто некогаш бевме изгубени, а Вие нè најдовте, бевме отфрлени, а Вие нè посинивте, бевме мртви, а Вие нè воскреснавте, да Ви ги врачам овие архијерејски енколпии, крст и панагија со ликот на Пресвета Богородица, којашто Вие особено ја почитувате и сакате. Ја избравме претставата на Божјата Мајка наречена „Неиспивна Чаша“, бидејќи пред оваа икона Вие непрестајно се молите за сите нас коишто сме застраниле од вистинскиот пат, како некогаш блудниот син од Евангелието. А Вие, како милосрдниот татко, нè пресретнавте во нашата беда и ни ги отворивте вратите од Вашето широко срце, правејќи го татковски дом за сите нас. Во него ние почувствувавме што значи да бидеш вистински љубен, да бидеш син и наследник на благословот Божји. Затоа, владико свети, молитвата на сите нас, подарувајќи Ви ја оваа панагија, која кога ќе служите ќе лежи од левата страна на Вашите гради, е Богородица „Неиспивна Чаша“ секогаш да го покрива тоа Ваше милостиво и татковско срце, како што Вие со Вашата љубов нè покривате и заштитувате нас. А крстот Ви го подаруваме во знак на благодарност за секојдневното распетие што го живеете заради нас, за тежината на животниот крст што вие ја понесовте за секого од нас, но и како наш потсетник дека за Вас, како што секогаш нè поучувате, нема поголема награда од тоа нашите срца да Му ги предадеме на Христа и Он да биде центар на нашиот живот, бидејќи од Вас научивме дека да се биде со Христа е нешто најубаво, најрадосно, спасоносно.

На многаја лета, татко и владико наш!

Достоен!