Во оваа збирка се обединува креативноста на младите таленти и ученици, од чии срца на хартија се втиснуваат идеите, чувствата и размислувањата на идните носители на семејните вредности. Толкава чистота, толкава искреност, толкава книжевна магија за едноздивно восприемање на вакво литературно дело, може да донесе само нешто што е пишувано со детска емоција, а притоа накиснато со љубов. Темата на збирката е семејството, а тоа се јавува како најважна основа на човечкото битие, но и како неисцрпен извор на инспирација за создавање на вредности кои ќе го одржат и обогатат животот.
Зад оваа иницијатива стојат луѓе со големо срце и широчина до небеса, меѓу кои – Епископот Антаниски и Игумен на Свештената Бигорска обител, Старецот Партениј, и монахињата – сестра Ефимија. Во рамки на својата постојана и силна културна мисија, владиката Партениј во континуитет се бори за културното и духовното издигнување на децата од реканскиот и од дебарскиот крај, што за сите нас е и радост, и мотив и поттик.
Тука се и професорите – наставници, кои несебично ги водат младите автори на патот на создавањето и преточувањето на сопствената енергија во креативна, уметничка, книжевна. Неуморноста на менторите да ги поддржат, поттикнат и насочат своите ученици од реканскиот крај, од Дебар, од помалите околни села и општини, со радост ни дава за право да ги истакнеме следниве професори по Македонски јазик и литература – наши сакани и ценети колеги: Рамазан Раманоски, Лидија Гроздановска-Миркоска, Марина Костоска, Симона Костовска. Благодарност и кон родителите, кои со љубов и поддршка овозможуваат овие деца-нашите млади автори кои ги препрочитуваме, да се развиваат и да растат во креативни, интелигентни и хумани личности.

Збирката, на наша голема радост, е дополнета и со творби создадени од учесниците на Летните кампови по вероучение во Битуше што се одржуваа во текот на 2025 година. Овие летни кампови како „духовна искра од младите генерации“ пробудија инспирација кај децата – учесници да пеат и да пишуваа за семејството преку поезија или проза. Во делот на тие лични творби, го истакнуваме и извадокот од прозната книга „Нишки до срцата“ од проф. Наташа Брезовска-Богоевска.
Благодарение на можноста да се вклучиме во рецензирање на оваа збирка, а со тоа и можноста за заедно со македонистката, проф. Ребека Спасова, јазично да го уредиме ова книжевно парче-љубов, сестра Ефимија овозможи и неколкумина млади автори-ученици од Штип и Карбинци (од мојата маленкост, менторирани), членови на Книжевно-креативниот центар „Еквилибриум“ при АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ-Штип, да испеат песни што ќе се вметнат во оваа книга, за што со полни срца радост, упатуваме благодарност во лично име и во име на родителите на децата.
Овој проект во основа поттикнува и негува семејни вредности. Семејството е основата врз која секој нов живот се раѓа, расте и се развива. Во семејството се пренесуваат највредните поуки и морални ориентири. Родителството како акт на љубов и посветеност е симбол на нови почетоци и има улога кон правилно насочување. Оваа збирка, исполнета со искрените мисли и таленти на застапените ученици, потврдува дека семејството е најсветиот храм на љубовта и микро-космос на постојаното обновување и преминување кон цели во кои зрачи светлина.
Во литературата, семејството е еден од најважните мотиви. Семето на човекот и семејството не се само природна основа за опстанок на родот, туку и духовен симбол за односот помеѓу децата и нивните родители. Љубовта и самопожртвуваноста во семејниот однос го претставуваат семејството како духовна заедница. Семејството е основна единица за љубов и одговорност, а грижата за семејството е света обврска. Семејството е место каде што се наоѓа утеха, поддршка и нова сила.
Во семејството, љубовта и жртвата на родителите за своите деца, како и на децата за своите родители, се основни вредности. Во семејството, членовите имаат можност да се извинат, да си простат и да продолжат напред. Во семејството, секој нов ден носи можност за личен раст, прошка и развруточена љубов. Во сите семејства, децата се наследство, а плодот во утробата е награда.
Со пораките и искрените искази што ги изнесуваат нашите млади таленти од своите пречисти срца, и што директно или индиректно наѕирнуваат од текстовите, им упатуваат апели и поттикнуваат размисли кон и кај сите свои врсници. Колку им даваат експлицитен поттик на малите и младите, толку повеќе ги подзамислуваат возрасните за тоа дали и колку грешат во своите постапки, во начините на кои воспитуваат и како се однесуваат кон своите деца. Возрасните преку оваа збирка можат преку детските очи да ја восприемат перцепцијата за семејството, за неговата вредност и за љубовта во него како најцврста нематеријална врска.
Разгледувајќи ги, анализирајќи ги и препрочитувајќи ги 43-те творби, пишувани од младите литерати, застапени во оваа збирка, на теми поврзани со семејството и со семејните вредности, со право и со факти базирани на пребројување, можеме да потенцираме дека во овие 43 творби доминираат лексемите со светла конотација. Тоа се лексеми кои произлегуваат од она што го чувствуваат младите автори како членови на своите лични семејни заедници, во доменот на нивните семејства, во опсегот на нивните пречисти детски и младешки души. Оттука, лексемата „семејство“ како тематска и како базична, во оваа збирка од 43 творби, се среќава дури 152 пати: како во текстовите, така и во насловите. Како најчест епитет што се поврзува со лексемата „семејство“ во овие творби, притоа дообјаснувајќи ја, е епитетот „свето“. Чувството на припадност кон семејството се чита и преку често употребуваната синтагма „мое семејство“ каде присвојната заменска придавка „мое“ ја одигрува улогата на своина. Семејството честопати се поистоветува со домот, така што лексемите „дом“ и „дома“ се среќаваат 27 пати во оваа семејно-домовинска збирка.
Погоре ги споменавме лексемите со светла конотација како многу често застапени во збирката со своето светлозрачно значење, така што редум го набројуваме нивното присуство:
– лексемите „радост, радоста, радости“ се употребени во творбите вкупно 18 пати;
– лексемата „среќа“ е употребена вкупно 13 пати;
– најсилната и најмоќна од сите, лексемата „љубов“, е употребена дури 79 пати од кои 61 пат се среќава лексемата „љубов“, 17 пати се јавува во членувана форма како „љубовта“ и еднаш се среќава придавката „љубовна“ што од стилистички аспект има улога на епитет.
Наспроти лексемата „љубов“, која се среќава 79 пати како што рековме погоре, лексемата „омраза“ како дијаметрално спротивставена на семантиката на љубовта, не се среќава ниту еднаш во овие творби или изразено со бројки: се среќава 0 пати. Оттука, љубовта е доминантна емоција што ја чувствуваат овие млади автори, поети и прозаисти, притоа искажувајќи ја преку својот лично пишан збор.
Лексемата „тага“ како значенски спротивставена лексема на „радоста“ и како лексема со темна конотација, во оваа збирка се среќава само 7 пати, но не во нејзината базично – значенска улога, туку во контекст дека „во семејствата заедно сме во радост и во тага“ или во контекст дека и кога сме тажни, љубовта во семејството е тука да ни даде сила и поткрепа.
Лексемата „светлина“ што милуваме да ја детектираме и интерпретираме, во овие творби се среќава вкупно 13 пати и тоа: 12 пати како „светлина“ и еднаш преку лексемата „светлозлатно“. Светлината како симбол, универзално означува просветлување и разбирање, носејќи чувство на надеж и решение за проблемите и предизвиците. Наспроти светлината, секогаш стојат мракот и темнината, така што како лексеми се употребени само 2 пати во оваа збирка и тоа:
– еднаш како „темнина“ од која зрачи светлината на семејството во стихот „Семејството е светлина во темнина“ и
– еднаш како „мрак“ во стихот „Семејството е светилник среде мрак“.
Сето ова значи колку светлината и сите насоки и тези кои произлегуваат од неа се лајт – мотив во дејствувањето на членовите во семејството: и како водилка и како зрак кон кој низ предизвиците се стремиме во семејното заедништво.
Ако вие како читатели, сакате со неколку збора да го дефинирате семејството, тогаш, слободно, прашајте ги овие млади автори, прочитајте ги нивните стихови и искази и тие ќе ви одговорат! Зошто го велам ова? Затоа што во оваа збирка, младиве литерати, ем стилистички, ем наративно, а на своевиден начин го имаат дефинирано семејството. Како на посоодветен начин да се дефинира она за што се пишува и она за што се пее, ако не се користат стилските фигури? Како на подостоинствен и поемотивен начин, а експлицитно, да се доближи вредноста на семејството, ако не преку епитетот, компарацијата и кралицата на фигурите-метафората? Што е метафора? Метафората е скратена споредба или скратена компарација, а во овој наш осврт кон оваа збирка, ќе ставиме акцент токму на метафорите кои ги имаат искреирано младите литерати во своите стихови и прозни текстови. Онаму каде што споредбата останала во својата основна форма и не се скратила за да се претвори во метафора, исто така, ќе ставиме акцент. Сите овие метафори се точни дефиниции за семејството. Подолу ги редиме таксативно:
„Семејството е светлина во темнина“, ова е метафора, скована во песната „Светлина во темнина“ од Ебру Мирто.
„Семејството е дом, полно со значење“, вака пее Севги Хоџа во песната „Моето семејство“.
„Семејството е најубавата слика; семејството е дом; семејството е богатство“, се пее во песната „Најубавата слика“ на Атиџа Адеми.
„Семејството е заедница! Семејството е пристаниште во кое нема бура“, вакви метафори се коваат во песната „Семејство“ од Јешим Далили.
„Семејството е свето; семејството е радост; семејството е сила и радост; семејството е Божји благослов и дар“, овие метафори се испреплетуваат во песната „Семејството е радост“ од Дамјан Лазаров.
„Семејството е наше најубаво место“, се пее во истоимената песна „Семејството-наше најубаво место“ од Матијан Лазарев.
„Семејството е светилник среде мрак“, ваква метафора зрачи во песната „Семејство-хармонија вечна“ од Мила Јаневска.
„Семејство е сонце што светлозлатно грее; семејството е срце на приказна сјајна“, овие метафори се дел од стиховите во песната „Семејството свето“ од Јана Ѓорѓева.
„Семејството, најголем благослов е; моето семејство, најскапоцениот дар од Бога е“, се ткаат овие три стиха во песната „Семејство“ од Клара Секулоска.
„Семејството е мојата прва и основна заедница на радоста“, со овој наративен исказ плени прозниот текст „Семејството-фундаментална вредност“ на Дефне Фејзули.
„Семејството е мојот извор на среќа и сила и секогаш ќе го ценам тоа“, прозно изразувајќи се, ќе рече Владимир Милосавлевски во својот прозен текст „Моето семејство“.
„Семејството е столб; семејството е топлина“, со овие два метафорички искази се збогатува и прозниот текст на Саво Аврамовски со наслов „Семејството-дар од Бога“.
„Свиено гнездо од разни чуда и тајни, тука се моите спомени сјајни“, вака го стихословува своето семејство Арнела Беќири во песната „За моето семејство“.
„Моето семејство е благослов Божји, љубов; моето семејство е топлина, моето семејство е среќа“ се пее во песната „Благословено семејство“ од Саво Аврамовски.
„Мојот тим-семејството“ е метафора што зрачи во насловот на истоимената песна на Гордана Антимовска.
„Моето семејство ми е мило/убаво е и меко е, како нежно крило“, ваква компарација е употребена во песната „Хармонија во семејството“ од Душица Антимовска.
„Семејството-моето мало царство“, ова е метафора за семејството во истоимената песна од Александар Билбиловски.
„Можеби, моето семејство не е сјајно, но моево срце го сака бескрајно“, со искреност, љубов и почит се пеат и овие стихови во песната „Моето семејство“ од Хамина Рашити.
„Основа на љубовта/семејните врски се силни“, ова се два стиха од песната „Основа на љубовта“ од Анастасија Цветковска во која кога поетски подредениве зборови би ги подредиле дефинициски, истите би донеле силна теза која гласи: „Силните семејни врски се основа на љубовта“.
„Семејството е најголемата и најважната човечка заедница… Семејството е секогаш тука за тебе и те прифаќа онаков каков што си. Семејството е најсилната поддршка, најголемата љубов и среќа“, вели Макарија Иванова во својата куса прозна творба на оваа тема.
„Семејството е најубавиот и најважниот дар што ни го дава Бог“, вели Доротеа Климоска во своето кусо прозно остварување.
„Моето семејство е мојот свет“ и „Семејството мое е среќа и светлина“, вака пее Марко Јованоски во својата поетска творба полна со рими и ритмичност.
„Семејството е дом, засолниште полно со љубов“ со ваква топла дефиниција го крунисува семејството младиот автор Дамјан Наумоски.
Со низа метафори во својот прозен исказ, младата Александра Талеска, ќе рече: „Семејството е како дрво, корените носат сила, гранките се нашиот избор, а плодовите-љубовта што доаѓа по добриот избор“. Дрвото е симбол на вечноста. Корените се симбол на предците. Гранките ги симболизираат потомците, а плодовите-сите благодети и благосостојби што ги носи семејството во човековата душа и битисување во времето што е и времето што иде.
„Семејството е најважното нешто во животот на човекот… каде што прв пат учиме да љубиме, да се грижиме едни за други и да си помагаме“, вели Стефанија Секуловска во своето, исто така, кусо прозно остварување.
Во редот на метафорите се среќава и метафора за таткото преку стиховите: „Татко е најголемата среќа на овој свет/како утринско сонце што го грее секој цвет“, во песната „Татко“ од Мелек Дурмиши во која е употребена и компарацијата како стилска фигура.
„Моето семејство е светлина света“ и „моето семејство, мојот свет, мојот живот“ се метафори испеани во песната „Светлина света“ од Един Ахмеди.
„Семејството треба многу да се сака/семејството ни е најважно на целиот свет/тоа е убаво како еден прекрасен цвет“, ова се стихови од песната „Моето семејство“ од Елмина Фејзули, која не само што употребува компарација, туку и повикува, апелира, советува како и зошто семејството треба да се сака.
„Татко ми ми е како другарче/мама како моја друшка/а јас најсреќен сум кога/мама силно ме гушка“, вака чисто и искрено пее младиот Тадеј Петров во песната „Нашето семејство“.
„Сите ние сме како плодови/во една голема крошна/љубов и прегратки нè греат/како светлина раскошна“, со овие стихови пее за своето „скапоцено стебло, СЕМЕЈСТВО што се вика“, ученикот Војдан Михајловски во песната „Семејно стебло“.
„Семејството претставува најубава заедница во која живеат луѓето“, наративно ќе искаже во прозниот текст „Едно среќно семејство“, младата авторка Софија Јосифоска.
„Тато и мама-корен и стебло/јас и бато-гранки со цвет/тоа е нашиот најубав свет“, со овие поетски слики пее за своето семејство и младата авторка Јована Богдански во песната „Моето семејство“.
Теодора Гегоска, пак, експлицитно со метафора пее вака: „Татко ми-силен како планина/мајка ми ме гушка секоја зора… Семејството мое е моето рајче/мојот свет, мојот мир благ“.
За реципроцитетот на љубовта во релацијата родител-дете и дете-родител, пее Горјан Лошкоски, ем кажувајќи, ем апелирајќи: „Родителот со љубов тебе ти помага… Кон родител детето бескрајна љубов нека дава!“
Порачува и апелира и пладиот поет Иван Талевски, кој пее: „Семејството, деца, среќа значи/штом од домот топлина зрачи… Затоа, деца, семејството сакајте го!“
Теодор Здравкоски со чиста метафора успева да ги дефинира и темата и мотивот за кои пишува, пеејќи: „Моето семејство-љубов што не згаснува“.
Теодора Ѓоргиевска, малата поетеса од Шведска, која како и дел од овие наши млади автори, поети, поетеси и прозаисти, учествуваше на Летниот камп по вероучение, користејќи ем волшебен тон во своите стихови, ем хиперболизација, ќе отпее вака: „Кога мама ќе ме гушне/едно дрво може да почне да цвета“.
„Моето семејство е добро многу/кај нас владее мир и слога“, ова се стихови во песната „Нашето семејство“ од Теофан Ангеловски.
„Моето семејство е мало, но е полно со љубов“ – од овој исказ на младата Емилија Петровска имплицитно произлегува контрадикцијата полна емоции: „мало семејство – голема љубов“.
Младиот Стефан Крстев, пак, цел еден текст претвора во метафора. Реченици-метафора, творба-метафора, низ перото говорејќи вака: „Фамилијата е еден голем човечки организам… Мајката е срцето… Таткото е умот… Помалата сестра и брат се белите дробови. Дедовците и бабите се дигестивниот систем… Сите органи зависат еден од друг“.
Еден од расказите што ја красат оваа збирка е расказот на младата прозаистка Јана Петреска во кој се доловува релацијата дедо-внук каде постои нераскинлива врска: и додека се тука на овоземскиот свет и во моментите кога дедото се преселува на небеса. Раскажувањето како усна техника што своевремено го зближувала семејството во доцните ноќни часови или додека заеднички сите работеле, е присутно и во овој расказ и тоа на своевиден начин ги поврзува дедото и внукот: „Внукот си живееше мирно со деда си, ги сакаше неговите раскажувања и одеше назад во времето додека ги слуша…“ Во расказов е доловен спротивставениот однос: село-град. Притоа се алудира на спокојството и среќата при животот на село и престижот за материјални нешта преку животот во град за што раскажувачот во овој расказ вели: „Сите работи кои им биле потребни на селаните, биле таму присутни. Луѓето си живееле скромно и едноставно, немале големи желби кои денес ги имаме“.
Привршуваме со кус острт кон извадокот од книгата на проф. Наташа Брезовска-Богоевска, каде како кон централна семејна оска, настаните и ликовите гравитираат околу ликот на дедо Димо. Атрибутите што се прилепуваат кон неговиот лик, цело време го истакнуваат тоа дека нему му се поважни духовните од материјалните вредности. Нему не му се важни миразот и богатството, туку љубовта, почитта и семејството, за на крај неговата трпеза да биде исполнета со деца и внуци: „Масата беше полна со љубов, која ја имаше во семејството. Само требаше човек да ја погледне и да види колку е богат. А сè започна со една прачка лоза…“
И на крај, цитираме и извадок од еден од расказите во оваа збирка од младата прозаистка, Мелиха Амзовска. Со овој прозен извадок, сакаме да упатиме порака и кон себе и кон читателите, и да допреме до вас со една од суштинските семејни вредности:
„Седејќи и гледајќи низ прозорецот, ми падна на памет да ја прашам мама какво е моето детство. Мама ме погледна, седна до мене, ме прегрна и тивко ми рече: ,Мамина, биди среќна што имаш брат и сестра! Вие сите тројца имате среќно детство, сè што ќе посакате, тоа и го добивате, а најмногу ја добивате родителската љубов!“
Секоја страница на оваа збирка е симбол на животот и на светлината што ја носи семејството, но и симбол на иднината што ја создаваат овие млади даровити деца. Оваа збирка ќе остане вечен спомен за светлината што ја донесуваат децата и семејствата во кои растат и кои ги негуваат! Оваа рецензија ја поврзува духовната и симболичка значајност на семејните вредности и значењето на родителството, и од временски и од семантички аспект.
Оваа збирка е дело од фиданки. Нивните ластари ќе направат стебла и крошни. „Стебла раскошни, стебла семејни. Крошни полетни, крошни цветни“.
Оваа збирка е своевидно семејство. Во неа партиципираат млади таленти што се обединети од темата и љубовта. Тие ја знаат вредноста. Тие нека ги хранат корените на семејните стебла и нека ја умножуваат правата слика за основната општествена клетка-семејството!
Дозволете да ви се заблагодарам на сите присутни, а посебно на дваесетмината членови на Академија ЕУРОАРТ, кои се тука присутни и меѓу кои сите деца – ученици ми се неродени деца, а, сепак – мои деца и сите возрасни членови заедно со децата и младинците функционираат како семејство – не сме крвно врзани, но така се однесуваме.
Претопло го препорачав обелоденувањето на оваа збирка, уште потопло се заблагодарувам за можноста и за поканата да го промовирам ова дело, за да стигне до полиците на многу библиотеки и домови, до душите на уште многу семејства, да згрее уште многу срца!
Во ноември 2025 год. во Штип,
проф. д-р Милена Ристова – Михајловска











