Сите ние се плашиме.
Можете да го наречете анксиозност, можете да го наречете непријатност; можете дури и да употребите некој пософистициран термин како „ангст“, но вистината е дека сме исплашени.
Седиме во сообраќај и почнуваме да размислуваме за салдото на нашата кредитна картичка. Стоиме на тремот, мавтајќи им на нашите блиски додека заминуваат со колата и почнуваме да размислуваме за сè лошо што би можело да им се случи додека се на пат. Слушаме како колешка раскажува дека открила како нејзиниот сопруг имал афера и почнуваме да размислуваме за сопствениот брачен партнер и како би реагирале на такво откритие.
И сите имаме различни начини за справување со нашиот страв. Некои од работите што ги правиме всушност се навистина здрави: вежбаме или одиме на консултација кај советник; учествуваме во група за поддршка или земаме пропишани лекови. Но исто така, се обидуваме да се справиме со стравот на многу глупави начини: викаме по други возачи; пиеме премногу; јадеме погрешни видови храна; гледаме порнографија; озборуваме за туѓите проблеми; се затрупуваме со работа; се повлекуваме во себе.
Вистината е дека повеќето од нас завршуваат правејќи комбинација од здрави и нездрави работи, но еве го најчудниот дел: без разлика што правиме, стравот никогаш, ама баш никогаш не исчезнува.
Се разбира, подобро е да се соочиме со нашите стравови со соодветен третман, или да ги смириме нервите преку пливање двапати неделно, бидејќи, ако се обидуваме да го избегнеме нашето страдање преку прекумерна работа или прејадување, само ќе завршиме со дополнителни проблеми. Сепак, дури и здравиот пристап ни овозможува само да го канализираме стравот: учиме како да го држиме на разумно ниво; учиме како да се соочиме со него директно; учиме техники што можеме да ги примениме кога стравот ќе стане претерано интензивен.
Но, тоа само го прави нашиот страв помалку интензивен; не го прави да исчезне, затоа што, на крајот на краиштата, стравот е духовно прашање. За навистина да ги елиминираме нашите стравови, треба да се справиме со нив и на духовно ниво.
Гледајте вака: Во својата основа, стравот е недостаток на доверба. Реално, не веруваме дека Некој во универзумот „ни чува грб“. Не чувствуваме дека Некој се грижи за нас или за луѓето што ги сакаме. Значи, ако сакаме да се ослободиме од анксиозноста, треба да најдеме некого кому можеме да му веруваме – и тој некој мора да биде способен да се справи со сите наши најголеми и најмрачни стравови: неуспехот, напуштањето, предавството, болката, отфрлањето, смртта.
А јас познавам само Една Личност Која може да се справи со сето тоа: Исус Христос, Господ на Небото и Земјата, Воплотениот Син Божји. Се разбира, тоа е токму она што би очекувале еден православен свештеник да го каже. Но, слушајте, не земајте го ова како готова вистина. Истражете. Проверете неколку други божества; истражете некои други духовни традиции.
Проблемот е што повеќето од нас немаат време и енергија да ги разгледаат сите опции што постојат. Преокупирани сме со обидите да бидеме чекор пред нашите грижи. Но, еве ја суштината за Христа Исуса: Он не чека ние да почнеме да „купуваме“ религиозни опции; Он Самиот доаѓа кај нас. Затоа, можеби, фактот што ја читате оваа колумна е всушност знак дека Господ на Небото и Земјата ви се обраќа и се обидува да ја добие вашата доверба.
Но, повторно, не го земајте ова „здраво за готово“. Истражете Го и проверете дали Он е навистина сигурен. Еве еден добар начин да го направите тоа: направете список на сите работи од кои се плашите. Можете да го направите на хартија, на телефонот, но направете вистинска, детална, точка по точка листа на сите работи што ве плашат: страв од банкрот, зависност, распаѓање на семејството, болест, насилство, здодевност, невработеност. Истурете си ги сите грижи во една долга листа.
Потоа, еднаш дневно, прочитајте ја таа листа пред Исуса Христа. Препорачувам на почеток дури и да ја прочитате на глас, затоа што тоа ќе ве потсети дека навистина комуницирате со вистинска Личност. И она што ќе го правите во таа интеракција е да Му ги предавате сите ваши стравови на Воплотениот Син Божји. Во суштина, ќе кажете: „Еве. Те молам, земи го ова. Јас не можам да се справам со него. Не го сакам“.
И Христос ќе ги отстрани тие стравови – сите до еден. Овој процес трае. Господарот на Небото и Земјата не е бавен во ништо, но, верувале или не, многумина од нас се навистина многу приврзани за своите стравови. На крајот на краиштата, живееме со нив толку долго што не знаеме каков би бил животот без нив, па затоа обично ни треба време за навистина да Му ги предадеме.
Но, откако ќе научиме како да ја предаваме својата анксиозност на Христа, промената е неверојатна: стануваме спокојни и трпеливи и разборити; стануваме фокусирани, нежни и толерантни. Тоа се нарекува мир. На луѓето обично им треба време да сфатат што точно им се случува, но, кога ќе сфатат, се прашуваат зошто некогаш се обидувале да живеат со сето тоа.
Практична забелешка: таа листа на стравови не е документ што го составувате еднаш засекогаш. Треба да се менува колку што се менуваат нашите околности и треба да биде колку што е потребно специфична. Така што, освен сите тие општи стравови што секојдневно Му ги предаваме на Исус Христос, можеме да додадеме и работи како „разговорот што треба да го имам со мојата ќерка тинејџерка“, „резултатите од испитувањето што ги чека мојот пријател“ и „последиците од грешката што ја направив на работа“.
И, на крај, збор за сите оние што се „спиритуални, но не и побожни“: може да бидете во искушение да направите листа на стравови и да ја читате секој ден како терапевтско вежбање. Тоа сигурно ќе има одредена вредност, но ако не ја читате листата пред Некого, тогаш таа нема да делува како што треба. Запомнете, не може да верувате „во празно“; мора да верувате на некого. И најдобрата Личност на Која можете да верувате е Христос Исус, Господ на Небото и Земјата, Воплотениот Син на Бога Отца.
Избор и превод на текст: Православно Секојдневие