Време кое ни доносе вечност

Душата ја венчав со долги патишта и тоа го нареков вечност затворена во плима

Р. Павловски

Слободата има вкус и убаво мириса, а вечноста е поважна од лебот. Играта со неа е поврзана со исполнето време, чија исполнетост може да се смета за генерална проба на она што го нарекуваме вечност. Вечноста не е бескрајно време, туку нешто различно од времето. Вечноста е слика на еден копнеж на човештвото, како и христијанска вера во воскреснатиот Христос – воскресението на телото и душата. „Ако Христос не Воскреснал, тогаш и напразна е нашата вера“ (1. Кор. 15,13). Една од целите на вечноста, како и на уметноста, е да го „очуди“ светот, да причини восторг што е повеќе од храна. Преку неа практично сме пронајдени и не бараме изгубени работи. Малку „остранение“ може да го направи тоа, впрочем да го претвори познатото во волшебно. Поимот остранение, користен во оваа смисла, претставува средство за прочистување на перцепцијата.

Има денови кога се очудувам на танцот на убавината, слободата, поетскиот занес, уметноста и сл. Често тие „битки“ со лековити билки, некако, имаат свечен белег за мене, едно остранение – прочистувачки мелем за перцепција и откровение. Скоро секогаш со радост во рацете го чекам тој момент, тоа отворање на умот и срцето – на тие естетски перцепции, чија природа е надвор од моќта на зборовите. Понекогаш, за да се допрам до тој занес, гледам како умираат последните зраци на сонцето во ноќта, ги чекам и првите тажни извици на птиците. Некогаш мислам и дека сета форма е празна и дека самата вселена, покрај вечноста која е вистинска храна, е ефемерен „објект“.

Друг пат, збунето стојам пред псалмите и читајќи ги со смирено срце и со лесен звук што шушка оти е произведен од усни суви, и со тон што исчезнува веднаш штом го слушнеш, се чудам: може ли нешто друго ваков допир да ми понуди? Занес рамен на имплозија. Духовен оган, потрес и катарза. Та, да не знам дали сум јас или не, сум јал или не, дали минало време или не, дали нешто друго постои или не. Едноставно – не мора. Зборови со фундаментална величина што секој човечки систем ги поседува и посакува вечно да горат таму длабоко внатре во срцето од каде што извира радоста и љубовта. Убаво ми е таму во нив, оти е пламено и гори. Таму има космос од кандила со нежни пламенчиња, кои те галат по рацете, околу брадата, назад по темето, те чешкаат по грбот и те фрлаат ничкум во приспивна и безгрижна пладневна дремка со спокој благ. А сонот е здрав, со ладничко ветре произлезено од здивот на дете добрано под твојата ноздра и цветен мирис што го опишуваат како пролетен – некои го викаат мирис на бебе. Единствена промена и подразбудување од овој љубовен гребен од остроумни зборови, е случаен допир по носот од несмасна игра на чиста детска дланка со сите нишани: отпечатоци, браздички и линии.

Служба во Божји храм, без театар и публика, само тивка музика и мирис на дрво и резба; влез без гламур и влезница без помпа. Кружен полиелеј навикнат на движење. Тежок чекор усидрен во удобна здрвеност со благи трпки по стапалата и посакувана скокотливост, во место без излез и без желба за излез. Пред вратата стојам и се прашувам: „може ли нешто друго ваква љубов да ми подари?“

Одговорот за мене е: „Може – беседата на Гората“. Во сјајот на Неговата природа, во блескавоста на сончевите бранови на Неговата душа, од длабочината на Неговата убавина и созерцание, со крајна мудрост и духовна експлозија и елеганција, Господ Христос, како најголем естета, ја изговорил Беседата на Гората: Блажени се бедните по дух… (Матеј 5,1-11). Нема поволшебно нешто – перманентна сегашност, нема ниту поумилително, ретки се вакви бранови што го рушат и времето и просторот; нема поголем зрак. Ниту еден фотон со толкава светлина, и по времетраење, и по интензитет, и по носивост. Не можам да замислам, додека временски течела проповедта, дали часовниците не се избезумиле, па да пловат безвременски и да вртат стрелките бесконечно? Дали човек можел да издржи, а да не „полуди“ од благодат? Како ли се чувствувале апостолите? Паднал ли некој во несвест? Колку ли траела? 5 мин.? 10 мин.? Зарем е тоа време кое ни донесе вечност!? Може ли така да се каже? Несомнено, таа е една од најголемите концентрати на благодат досега излиени. Можеби траела 10 мин., а поплавила цели океани. Којзнае!? Чудесно! Како времето се справило со вечноста на Божјиот збор?

Господи вечен, Слава Ти!