Лесно е кога сѐ е во ред да се рече: „Фала Му на Бога“.

Животот е дар Божји, мора тоа да го знаеме и да го цениме. Во тешки моменти, колку повеќе се ожалостува срцево мое, толку повеќе насмевки од луѓе гледам околу себе, како Христос да е во нив и да ме охрабрува. Во сите тие умилителни погледи ретроспективно го гледам и своето детство.

Имам еден добар ориентир кога се работи за детството. Тоа е црницата во село Гермијан. Ете, сега трчам по топката кај црницата, а околу неа неколку трупци со различна големина и застарен изглед. Татко ми е сѐ уште млад (се смее), оти јас не ја гледам топката која е на видело – пред мене. Се нервирам. Косата ми е бујна со два свиоци. Во знак на утеха ме бакнува по главата и по образот. Се бришам со раката, од влажноста на бакнежот, како што тоа го прави денес ќерка ми со мене. Татко ми се смее на таа реакција. Топло ме фаќа за рака и ме заведува. Зима е. Уште не се беше стемнило, а веќе се распалил силен оган во собата која ја викавме „дома“, каде што беше огништето. Домата е центарот на куќата. Каде што е огништето – тука се случуваа најважните работи. Тука беа приказните. Тоа се сеќавам. Се сеќавам, да речеме, и за тоа како мојата баба Коприна, за која јас заправо бев многу приврзан, ми раскажуваше приказни полни со љубов на некој, за мене тогаш, мајчин дијалект – егејски говор.

Господи, Слава Ти! Каде ме одведе со мислите во овој тежок момент за мене? Ги стискам очите и пред солзите се мрежат некакви нејасни, но светли слики од моето детство. Знам, ме однесе толку далеку кај него, за да ме заведеш и утешиш, оти знаеш дека сум тажен, а таму ми е убаво. Дали преку овие нејасни слики ме „измами“ да дојдам кај Тебе? Очигледно – да, сакаше да ме слушнеш како сум го доживеал тоа, тогаш кога безгрижно трчав и знаев дека си со мене. „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при мене, зашто на такви е царството небесно“ – рекол Христос (Матеј, 19,14). Денес ми е тешко, тешко ми е да бидам благодарен. Се срамам, станав возрасен. Прости ми.

Како се вратив назад во возраста, така како дим исчезнува детството, а луѓето како „растеме“ стануваме сѐ погруби и посебични. Некако очекуваме, најдоброто – според наша логика, да е резервирано само за нас. Но, што е добро за нас? Бараме ексклузивитет врз убавите работи. Впрочем, кои сме ние? По што се разликуваме од другите, та за нас да е резервирано најдоброто? Зарем нема да има и кај нас жалости и несреќи – гледано од наша призма? Чинам, нема таква логика Божјиот план. Би се обидел да Му благодарам на Бога, што, ете, пробувам барем малку да се отклонам од човечката логика и Нему да Му се препуштам. Да размислувам за благодарноста кон Него, но не е тоа лесна работа. Мислам дека благодарноста кон Бога не е буква – напразно слово, туку настроение кое го градиме и со искуство и со срце. Лесно е кога сѐ е во ред да се рече: „Фала Му на Бога“. Мислам дека понекогаш луѓето со некои „узречици“ се правиме силни само на зборови и како папагали повторуваме: „Божја работа е тоа, ќе биде ако сака Бог и сл“. Тоа некогаш го кажуваме од немај-каде за да уштешиме некого, кога не знаеме што друго да кажеме. Ама, не е така. Благодарноста е дар Божји кој треба да се „сработи“, а не напразно да се празнослови, оти благодарноста, ако не е на мегдан, ќе го изгуби делотворниот „меч“ – сила, дадена преку благодатта. Ќе речам, фала Му на Бога, што ми пречи кога кон Бог се благодари на таков начин – само со зборови и во добро. Од друга страна, не знам дали разумен човек има друг избор, освен да биде благодарен во добро и во зло.

Благодарен е оној кој својата волја целосно ја потчинил на Божјата волја. И така тој го сака она што го сака Христос. Он живее во него и тогаш подобието човечко благодари на Бога. Христос е благодарен, благодарни сме ние, благодарен е Бог – Светата Троица. Ако така се живее, тогаш мислам дека искушенијата ќе го изгубат значењето, ќе престанеме да размислуваме за нив. Наместо за искушенија, попрво би размислувал за чудното создавање на светлината (1. Мој. 1) и тоа: како над безобличната земја имало темнина, како рекол Бог да биде светлина, и би светлина, како Бог ја одделил светлината од темнината, и би вечер и би утро. Впрочем, што е искушение? Она што ние сме го замислиле дека е? – Не мислам така. Што е загуба? Она што нам ни недостасува!? Видете го примерот од Светите Отци. Ним Бог им дарувал голема благодат, но и големо страдање. Еве, Св. Апостол Павле вели: „со многу поголема радост ќе се фалам со слабостите свои, оти во телото ми се даде трн сатанин, за да се всели во мене силата Христова“ (2. Кор. 12,9).

Неблагодарно е да се верува и благодарноста со радост да се прима само некое време, а во време на искушенија, човек да отпадне туку-така лесно од верата, како „семето паднато на камен, па штом брзо никна, се исуши, зашто немаше влага“ (Лука 8,13). „Слава на Бога за сѐ“, биле последните зборови на златниот патријарх – Св. Јован Златоуст. Зарем Св. Јован благодарел оти му се случувале убави работи!? – Секако, не! Маченички пострадал. Благодарел оти бил со Христос во Рајот. Благодарел оти се издигнал над човечката логика. Благодарел оти не им благодарел на луѓето, туку на Бога. Храбро го очекувал она од кое сите се плашиме – смртта.

Нема ништо победно од човек кој во часот на бедата ќе го напушти надежта во Бога и пребегнува кон средства за спасување спротивни од Другата логика.

Слава Му на Бога! Нека биде Волјата Негова во сѐ!