Посета на г. Стево Стефановски, пријател и дарител на Бигорската Обител

Во текот на вчерашниот неделен ден, во посета на Свештената Бигорска Обител дојде благочестивиот г. Стево Стефановски, дарителот на прекрасната врата на бигорскиот католикон на Свети Јован Крстител, во придружба на познатиот македонски уметник, сликар и хуманист г. Живко Поповски – Цветин и на почитуваниот г. Зоран Картанџиев. Ценетите гости беа срдечно пречекани од страна на нашиот Старец, Неговото Преосвештенство Епископот Антансики г. Партениј.

Господинот Стево Стефановски, по потекло битолчанец кој живее во Скопје, е познат македонски пилот капетан, сега веќе во пензија, и учител на пилоти. Како голем филантроп тој е донатор на повеќе хуманитарни настани. По повод илјадагодишнината од основањето на Бигорскиот Манастир, одбележана пред нецели три години, тој благочестиво ги покри трошоците за изработката на новата храмова врата, изработена во техника со седеф од мајсторот Абдулменем Рабее од Сирија. Со тоа, во Бигорски продолжи традицијата за украсување на Божјиот храм со предмети изработени од седеф, како што било и во вековите наназад. Имено, позната е древната бигорска дарохранилница, изработена во седеф, којашто ја овековечил фотографот Георги Трајчев во почетокот на минатиот век. Впрочем, оваа ориентална техника на украсување на дрвените предмети во минатото била многу застапена во Македонија, особено во Охрид и Битола, каде што и до ден денес во храмовите се наоѓаат црковни предмети изработени во седеф, како на пример, целивални, владички тронови и сл.

Бигорските крстови и дарохранителница, фотографирани од Г. Трајчев о. 1912 г.