Храбри тешкотии

Сонцето не свети само за неколку стебла и цвеќиња, туку свети за целиот свет во радоста.

Хенри Ворд Бичер

Колку на светот има дрва, лисја, трева, цвеќиња… Бескрајно. Едно ливче од овие ненаброените не се помрднува без Божја волја. И напишано е дека едно влакно од косите ни нема да ни фали, без Тој да благоволи и дозволи…

Веруваме ли ние во ова?

Храбри ли сме во тешкотиите? Или тешко доаѓаме до храброста?

Зарем Христос во тешкотиите не покажа храброст? Неговите тешкотии мали и малку ли беа? Ги издржа за нас. Ги издржува и сега, сеуште, затоа што Неговата милост и храброст за нас немаат крај. Пред сè, Неговата радост за нас паднатите, грешните, недостојните и непоправливите… Зарем постојано не сме помилувани од Него, заради нас самите?

Дајте да се охрабриме веќе! Па 2020 години нè чека, нè моли, нè толерира, ни попушта, ни угодува, нè помилува, нè храбри, нè штити, нè закрилува… Радост и утеха ни дава. Радост! Сонцето ни го дава, светлината, животот, време е да се охристовиме, да се обожиме, да се угледаме на Него, на Створителот. А кај има поголема радост од тоа?!

На сите ни е тешко. И мене ми е тешко…

Но, да се охрабриме во верата, во послушанијата, во постот, во молитвата, во радоста Христова. Во радоста на Неговата Мајка. За Нејзините тешкотии не ни сакам да пишувам, а за Нејзината храброст и не можам да пишувам. Во Нејзината радост да се осветлиме, радоста на Мајката Божја, на нашата Мајка…

Да се радуваме на животот и радоста да блика од нашите срца.

Да веруваме, да се молиме и да оставиме сè на Бога.