Човекот е битие, на коешто Господ Бог може да се израдува, ама од кое и ѓаволот може да се посрамоти. – Божидар Кнежевиќ
Еднаш видов еден млад човек кој носеше дрвен крст на себе. Крстот беше свртен наопаку. Додека сум жив нема да ја заборавам таа слика пред мене. Но, не е толку битна сликата и она што го видов, туку, прашањето кое си го поставив самиот себе си тогаш и прашањето кое си го поставувам ден денес, односно како и за сликата, ќе си го поставувам се додека сум жив:
Зошто?
Најверојатно и тој млад човек не знаел тогаш, не знае ни ден денес можеби. Односно можеби знаел технички, по некоја негова логика: пример, бил сатанист, бил во некоја секта, пркос против крстот, пркос против црквата, пркос против верата, пркос спрема баба му, пркос спрема системот, пркос спрема културата, пркос спрема сите итн. Но во длабочината на неговиот ум, разум, во длабочината на неговото срце и душа, сигурно немал и нема одговор зошто тоа го сторил.
Одговорот за него и за неговото дело, ќе стигне еден ден, не знае ни сам кога ќе дојде тој ден, затоа што тој не знаел ни за денот кога ќе се роди. Ама за тој ден ќе биде свесен, односно, ќе разбере се, кога таа слика што ја доживеав јас и мнозина околу него, се додека го носел така крстот, ќе ја погледне за прв пат тој самиот, така како што самиот никогаш претходно не ја доживеал и погледнал за себе.
Е тогаш од зошто, ќе стане затоа…
Сите ние надворешно, за светот, можеме да ги извртиме и превртиме нашите крстови. Да правиме што сакаме, да живееме како што мислиме, да пркосиме на нашето сопствено човеково битие, до радост на Бога и до срам за самиот ѓавол. Внатре во секој од нас, во секое срце и душа, живее Христос… Христос кој се раѓа, Кој беседи, Кој проповеда, Кој се преобразува и вознесува, Кој се распнува и Кој воскреснува за нас, на крстот вграден во нас со нашето крштение во Светиот Дух.
Тој крст ни е даден во името на Пресветата Троица и ние не управуваме со тој крст, ние тој крст можеме да го направиме мал или голем, темен или светол, студен или врел, силен или слаб, кршлив или цврст, видлив или невидлив, паднат или издигнат, чесен или осрамотен, за наше спасение или за наша осуда… ама како и да е, со тој крст ќе излеземе на нашата голгота, на нашата патарина, пред нашиот китап и пред перото со кое мораме да го потпишеме нашето признание … со тој наш крст со нас и пред нас ќе биде и Христос, затоа што нема крст а Христос да не е со него. Е тогаш ќе има затоа, затоа што ќе има и зошто. Тогаш или Господ Троичен ќе се радува, или самиот ѓавол ќе се осрамоти … од читанието што ќе се прочита за нас …
Да живееме по Бога Словото и со силна вера спрема крстот. Со силна вера спрема Оној Кој од крстот ни го покажа радосниот пат на Отецот, спасителниот пат кон рајот, вечниот живот и воскресението. Со силна вера каква што имаше Милостивата и покрај тоа што го гледаше Животот Нејзин на крстот пред себе. Да живееме со силна вера спрема Створителот на светот, пред Кого ќе ги положиме нашите крстови…
Да живееме само така, да само Господ Бог се радува, а да ѓаволот одамна биде посрамен и оддалечен од нашите дела и животи…
Да живееме со крст чесен и животворен, бидејќи само со таков и од таков крст можеме да го дочекаме и нашето воскресение …
За името Господово, крстот да не нè остави нас грешните. Амин.
Проштевајте.