На 5км северно од селата Модрич и Дренок, покрај границата со Република Албанија која се спушта на само 500м покрај реката Црвеница (Требишка река) и околу 7,5км југоисточно од селото Џепиште, над месноста „Три чешми”, покрај регионалниот пат Струга-Дебар, опстојуваат остатоците од Манастирот Св. Архангел Гавриил. Во археолошката карта на Република Македонија местото, односно локалитетот е евидентиран како црква од среден век.
Денес од некогашната црква опстојуваат делумно паднатите масивни ѕидови, урнати во внатрешноста на храмот заедно со падната покривна конструкција. Но и покрај тоа, во целост може да се согледаат монументалните димензии на црквата, веројатно една од поголемите во струшкиот крај од времето на средниот век и времето на обновата, од првата половина на XX век. Просторната и архитектонска поделеност на внатрешниот простор најдобро се согледува низ единствената концепција на наосот и олтарниот простор, како и неговата функционална поделеност на апсидален простор одвоен со камени ѕидни површини и лачни премини кон проскомидијата и ѓакониконот.
Во целост може да се согледаат монументалните димензии на црквата, веројатно една од поголемите во струшкиот крај
Манастирот Св. Архангел Гаврил е обновен во период помеѓу 1930-1932 година, откако пред повеќе години „азијатските завојувачи до темел го уништиле“. Манастирот до кров бил изграден од камен, кровот бил од ќерамиди, црквата била долга 23 метри, а широка 15 метри. Таванот бил од варов малтер, а во црквата имало и дрвен иконостас.
Манастирот располагал со голем имот, неговите граници се протегале на север до реката Црни Дрим, западно до државната граница со Албанија, северно до реката Црвеница и јужно до општинската шума. Покрај овој имот Манастирот во својата поблиска околина поседувал еден кутел житарки, 1 хектар и 50 ари и една парцела овоштарник 30 ари.
Монашкиот живот се одвивал континуирано повеќе години, сè до неговото опожарување во 1944 г.
Манастирот славел на Соборот на Св. Архангел Гаврил, на 13/26 јули.
На денот на Манастирската слава најголема посетеност имало од околните места, Јабланица, Нерези, Безево, Пискупштина, Луково, Модрич, Дренок, Џепиште и од градот Дебар. Според кажувања на мештаните, на тој ден се собирале неколку илјади луѓе.
После распадот на Кралска Југославија, Манастирот потпаднал под управа на Општина Манастирец, но сега под италијанска окупација. Во овој период монасите го напуштаат Манастирот и сета грижа за него ја преземаат свештениците од с. Модрич и с. Дренок. Последен свештеник кој богослужел во Манастирот есента 1944 година е Милан Јованоски од с. Модрич, а кон крајот на 1944 година, Манастирот бил запален и ограбен.
Додека траел пожарот, селаните од Модрич и Дренок се обидувале да го изгаснат но, единствено што успеале да спасат биле неколкуте икони, кои потоа биле донесени во с. Модрич. Селаните од Модрич на местото викано Напреслок направиле дрвен параклис кој го посветиле на Св. Архангел Гаврил и каде што ги поставиле иконите. Пролетта 1971 година, параклисот бил опожарен, при што, изгореле и зачуваните икони од Манастирец.
На 26 јули 2000 година, Владиката Дебарско- кичевски г. Тимотеј го освети и го положи камен темелникот на Манастирската црква Св. Архангел Гаврил кој е во близина на старата црква, но изградбата остана нереализирана. Во 2014 година, братството од Бигорскиот Манастир Св. Јован Крстител, со акт на денационализација го врати имотот под свое владение, при што се надеваме дека набрзо ќе никне уште еден православен светилник на нашиве простори.
Свештеник м-р Ристе Наумоски