На околу 2км североисточно од селото Небрегово се наоѓа метохот посветен на Свети Јован Крстител. Според легендата, имотот со храмот бил подарен од страна на Кралот Марко, додека, пак, друго предание вели оти нивите му биле отстапени на Манастирот од страна на некои Мијаци, кои порано таму ги паселе своите стада.
Според легендата, имотот со храмот бил подарен од страна на Кралот Марко
Овој метох во минатото главно служел за да ги сместува монасите и работниците кои работеле на житните полиња, од каде пченицата се носела во манастирската воденица покрај Радика.
Дека овој метох бил користен од Манастирот до последно, односно до замирањето на монашкиот живот во Бигорски по смртта на игумен Спиридон во 1947 година, знаеме и од песната на академик Блаже Конески од Небрегово, со наслов „Свети Спиридон Нови“, во која ја опишува жетвата на житото, чиј свидетел бил како дете.
По замирањето на Бигорски, метохот долго време бил запустен, без употребливи објекти. Во 1970 година, по иницијатива на селскиот црковен одбор била изградена нова црква, а потоа еден конак и камбанарија. Но, неколку децении пред тоа, во запустениот манастир, со ископувања преземени од локалното население биле откриени остатоци од постара црква. Таа лежи околу 6-7 метри југоисточно од денешната нова манастирска црква и е во состојба на археолошки остатоци. Црквата, покрај со живопис, била украсена и со богата камена пластика. Податоци за времето на градење на оваа стара црква во манастирот Св. Јован Крстител кај с. Небрегово не постојат. Од досега откриените материјални остатоци исто така не може да се каже од кога таа потекнува.
Академик Блаже Конески напишал песна со наслов „Свети Спиридон Нови“, во која ја опишува жетвата на житото, чиј свидетел бил како дете
Имотот на метохот, кој во времето на колективизацијата беше одземен од државата, ѝ беше повторно вратен на Бигорската Свештена Обител заедно со другите нејзини имоти, но за жал, таа земја која и во минатото била малку плодна, бидејќи долго време била запоставена, денес е потполно неплодна и необработлива.