Духовни концерти

На 5 април 2012 година, се случи една прекрасна и необична духовно-музичка манифестација, која на несекојдневен и привлечен начин успеа на нашиот благоверен народ да им го приближи единственото и длабоко доживување на богослужбите од Страсната седмица. Имено, непосредно пред почетокот на Страсната седмица, во Универзална сала во Скопје, се одржа Велигденски духовен концерт наречен „Пасхално ехо“, во чест и спомен на спасителните Христови Страдања и Неговото сеславно Воскресение. На концертот, организиран од страна на свештениот Бигорски манастир и неговите пријатели, беа изведени неколку карактеристични песнопенија од богослужбите на Страсната седмица, како и воскресниот тропар.

За овој концерт за прв пат во историјата на македонската музика беше направена оркестрација на древни источно-православни напеви, од страна на нашиот еминентен композитор и професор, г. Живојин Глишиќ, кој на ова дело работеше подолг временски период. Во изведбата на познатите мелодии зедоа учество Македонската филхармонија, нашиот познат поп-пејач Ламбе Алабаковски, монахињата Касијана од манастирот во Рајчица и хорот при Македонската православна богословија. Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посвети овој концерт на својата Мајка Црква – славната и најсвета Охридска Архиепископија, честитајќи ѝ го нејзиниот 45-годишен јубилеј: возобновувањето на нејзината автокефалност во лицето на МПЦ.

Пораката од овој музички настан одекна толку силно и за миг го пренесе пасхалното расположение ширум целата наша земја, подготвувајќи го нашиот народ за претстојните богослужби во следното седумдневие. Она што многу значеше беше отвореноста и прекрасниот прием од страна на оние кои ова божествено пеење го слушнаа, можеби за прв пат. Беше навистина радост да се гледаат нивните озарени лица, солзите во очите, насмевките, и надежта која одѕвонуваше во нивните зборови додека ги разменуваа своите радосни впечатоци. Му благодариме на Бога за оваа небесна благодатна посета, која таа година кај целиот народ разгоре силна желба за што поблескав дочек на светата Пасха.

***

Следната, 2013 година, на 24 април, повторно пред Страсната седмица, верниот народ имаше можност да го проследи и вториот ваков концерт насловен како „Страдањата Господови“, со изведби на карактеристични песнопенија од богослужбите на Страсната Седмица. Тоа беа стихирата од Великиот Понеделник: „Одејќи Господ на доброволни страдања“; тропарот од првите три дена на Страдалната Седмица: „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ“; стихири од Велики Петок и Велика Сабота, меѓу кои и „Денес виси на дрво“; избрани тропари од трите Статии на оплакувањето Христово, меѓусебно проткаени со читања на трогателни тропари од Посниот Триод, како и воскресниот тропар. Во изведбата зедоа учество: нашиот познат поп-пејач Димитар Андоновски, монахињата Касијана од манастирот во Рајчица, хорот на свештената Бигорска обител, како и специјалната гостинка Нектарија Каранѕи од Грција, сите тие проследени со прекрасните созвучија на Македонската филхармонија.

Водител, пак, на ова несекојдневно музичко доживување беше познатиот наш актер, Владо Јовановски. Автор на циклусот „Господови страдања“ е композиторот Владимир Димовски. Овој пат Бигорскиот манастир, заедно со своите соработници, го посвети концертот на два многу значајни јубилеи: 1700 години од објавувањето на Миланскиот Едикт, со што христијанската вера добива слобода и 1150 години од славната Моравска мисија на светите Браќа Кирил и Методиј, сесловенските учители и просветители.

Нашиот благочестив народ одново со љубов ја прегрна можноста да Го прослави Бога на ваков мелодичен начин. Срцата на сите присутни во преполнетата Универзална сала, како и на оние кои од своите домови го следеа директниот пренос, беа сплотени во една иста крстовоскресна радост, која чиниш го обои градот со поведри бои и насекаде ја објави пораката што нашата света Мајка – Црквата ја испраќа преку ова духовно музичко доживување. А, пораката извираше од секоја стихира што низ прекрасните византиски мелодии, порака, дека, ете, приближи времето низ богослужбите на претстојната Страсна седмица одново да си спомнеме за Страдањата на нашиот возљубен Спасител и со благодарност да Го прославиме, не презирајќи ја Неговата жртва. Сепак, најсилно одекна пораката испратена од нашата почесна гостинка од Грција, многупознатата пеачка на византиски и традиционални песни, г-ѓа Нектарија Каранѕи, чиј настап ги воодушеви сите и беше пречекан со восхит и силни аплаузи. Трогната од покажаната љубов, таа се обрати до присутните во салата и искрено се заблагодари за топлиот прием, при што посебна благодарност упати до нашиот старец, Архимандритот Партениј, кој ја покани оваа прославена грчка пеачка да земе учество на концертот и се погрижи за гостољубивиот пречек во нашата земја. Ова беше прв настап на почитуваната г-ѓа Каранѕи кај нас, и со оглед на нејзиниот голем авторитет во црковните кругови во Грција, но и во целото Православие, како амбасадор на византиската музика, нејзиното учество на концертот беше сфатено како голем чекор кон зближување на народите.