Целокупната мисија на Бигорскиот манастир е насочена кон тоа да се одговори на стремежот на човечката душа кон Бога, за таа да може да се отвори за Божјата љубов и да се исполни со небесна радост. Во прилог на ова е и мисијата меѓу најмладите, која зафаќа значаен дел од активностите на нашите манастири. Нашиот гостољубив Старец, Архимандрит Партениј, цврсто веруваше дека е потребно и од голема важност за иднината на народот да започнеме со организирање на кампови по веронаука, за коишто од самиот почеток има огромен интерес. Од година во година бројот на децата сѐ повеќе се зголемува. Запознавањето со основните вистини за верата, разните работилници, игри, како и интересните разговори за продлабочување на нивните религиозни доживувања за време на богослужбите, се само дел од целокупната програма на летните кампови. Особено полезни и привлечни за нив се искрените и поучни разговори со отец Партениј, преку кои тие имаат можност да црпат од неговото длабоко духовно искуство и да научат многу за животот, љубовта, за разните доблести со кои е украсен човекот. Позитивните искуства стекнати кај нас, радоста и добрите навики, децата ги споделуваат и со пример ги сведочат во своите домови, во училиштата, меѓу нивните пријатели.
Во рамките на севкупната грижа за најмладите е и изградбата на скитот над с. Битуше, посветен на Словенските просветители, Свв. Кирил и Методиј, чија главна намена е сместување на годишните кампови по веронаука. Прекрасно живописно место коешто со самото свое постоење сведочи за Божјото присуство. Тука, на нашите идни посетители на камповите по веронаука, ќе им овозможиме нивната средба со Бога да биде збогатена и со рекреација, игри, другарување среде недопрена природа, којашто придонесувајќи за нивното телесно здравје истовремено ќе го воспитува и нивниот дух.
Токму затоа секој од нас, секој родител, секој пријател на децата, кој носи одговорност за нивниот правилен духовен раст и развој, за нивното духовно воспитание, во тој контекст треба уште повеќе да го охрабрува и поттикнува нивниот интерес за верата, зашто преку неа тие можат да станат личности кои ќе можат похрабро и поцврсто да се соочат со тешко совладливите препреки во современиот свет. Оти кога младиот човек ќе се сретне со Христа, тој во Него ја наоѓа вистинската радост, Го чувствува како нешто најблиско, како Некој Кому може потполно да Му верува и брзо станува свесен дека само Он, бидејќи е Добар Бог, може да воспостави хармонија во неговиот дух, може да направи тој да зрачи со огромна позитивна сила, да му обезбеди еден ентузијастички полет.
Ние, пак, бескрајно благодариме што сме удостоени на ваков прекрасен начин да им Го сведочиме Бога на овие млади генерации коишто доаѓаат кај нас, благодарни сме што ни се даде можност барем малку да придонесеме за нивната внатрешна надоградба. И искрено се надеваме дека оваа наша мисија ќе привлече уште поголем број на млади луѓе што ќе посакаат да ја доживеат радоста и убавината на другарувањето со Бога и со ближните, оти само така тие ќе научат дека животот, всушност, е многу убав, дека да живееме – тоа значи да се радуваме, тоа значи да го прегрнеме сиот свет, силно да ги засакаме сите луѓе без оглед на тоа какви се. Нема поубаво нешто од тоа да се љуби, постојано да се љуби, зашто љубовта го победи и продолжува да го победува злото.