Свети Јован Златоуст
Милосрдието е дадено од Бога како заповед на љубовта; добро е милосрдието, со кое навидум се растура, а се собира во вистина, зашто како што земјоделецот ѝ дава на земјата и од неа собира семиња, така и милостината, навидум се дава на другите, а всушност стекнува оној што дал. Големината на милосрдието не се проценува според мерката на парите, туку според настроението со кое се дава… Штедроста не се цени според големината на дарот, туку според размерот што го има дарот во однос на богатството на дарителот. Царица на доблестите е милосрдието, кое како најдобар застапник, брзо ги отвора небесата за милостивите.
Милостивоста е мајка на љубовта, лек за нашите прегрешенија, очистување на нечистотијата на нашите души, лествица поддржана на небесата, таа го врзува Христовото тело.
Свети Григориј Назијанзин
Милосрдието е најголемо од сите дела, зашто со него за мала цена го купуваме царството небесно, за мали привремени блага примаме вечна слава.
Сирах Премудриот
Како што разгорениот оган го гасне вода, така милосрдието ги ублажува гревовите; Милосрдието останува во веки.
Милосрдието кое произлегува од неправда не е милосрдие, туку суровост и нечовечност, зашто каква корист има ако некого го соблечеш за да го облечеш другиот? Почеток на милосрдието треба да биде сострадувањето. А, Господ ни ги налага овие дела на милосрдие:
– да ги храниме гладните
– да ги напоиме жедните
– да ги облечеме необлечените
– да примаме тугинци
– да посетуваме болни
– да ги тешиме несреќните
– да им помагаме на затворениците.
Во дела на милосрдие се вбројуваат и делата кои се творат заради духовно и морално образование и преуспевање на ближниот. Милосрдието покрива мноштво гревови. Тоа избавува од смртта.
Свети Нектариј Егински
Милостивиот не ги затвора ушите пред молбите на сиромашните, туку ита да им помогне. Кога му дава на оној што е во неволја, дава со љубов и сострадание, и кога му подава на сиромашниот, лицето му е ведро, зашто срцето му се радува заради милостината, оти му помогнал на ближниот. И милостивиот е возљубен од Бога и и се спасува во денот на опасност, зашто Бог го љуби оној што со радост дава. Милостивиот дава милостина тајно бидејќи срцето му е водено од љубовта кон ближниот а не од желбата за слава. Тој не се радува на раскошот и уживањата, туку на своето доборотворство. Зашто тој живее за љубов кон ближниот и својата љубов кон Бога ја исповеда преку љубовта кон ближниот.
Милостивиот го прима оној во тага, не ги одвраќа очите од оној во неволја, ниту лицето го врти од сиромашните, не се гнаси да му подаде рака на братот кој бара. На гладниот му го дава лебот свој, ги напојува жедните, ги покрива сиромасите, ги облекува голите, им помага на страдалниците, ги посетува затворениците и нагостува туѓинците. Раздава штедро, надевајќи се во Господа и така на небото стекнува богатство. Милостивиот како плодна маслина во домот Божји, никогаш не останува без надеж во Бога, туку таа секогаш му цути, па наликува на вечно расцветано дрво и, ревнувајќи за неговата многуплодност, тој на сите и во секое време им дарува изобилна милостина. Блажен е милостивиот зашто ќе биде наследник на Царството, приготвено од почетокот на светот. На милостивите Господ им вели: „Дојдете, вие благословени од мојот Отец, наследете го царството кое ви е приготвено од почетокот на светот; зашто гладен бев и Ми дадовте да јадам, жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте, необлечен бев и Ме облековте, болен бев и Ме посетивте, во затвор бев и Ми дојдовте“ (Мт 25, 34).