Се роди Кнезот на мирот

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, на празникот Рождество Христово, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение

 

Мили мои, Христијанинот, задлабочен во атмосферата на оваа Божикна ноќ, во тајната на овој голем Господов празник – Рождеството Христово, не може а да не почувствува огромна потреба да Го слави Триединиот Бог – Отецот, Синот и Светиот Дух. Тоа славословие прави човекот да почувствува дека станува сопричесник на Божјата вечност, сопричесник на Божјото присуство, на Неговата неискажлива слава. Бидејќи Оној Кој навистина е неискажлив и недостижен, надвремениот Творец на секоја твар, преку овој најголем настан во човечката историја, доброволно се понижи Себеси, слезе во времето и стана Човек, раѓајќи се на земјата во најголемо смирение, во една бедна пештера, од Пречистата Дева Марија, а сето тоа поради Својата огромна љубов кон човечкиот род. Созерцавајќи вечерва за тоа, чувствуваме дека Рождеството не е нешто што се случило само во минатото, еден завршен историски настан, туку, некако, на таинствен начин надминувајќи го времето преку благодатта на Светиот Дух, како и самите да сме присутни таму каде што се роди Господ, и како да ги гледаме сите учесници во таа Божествена симфонија: повиениот Богомладенец во пречистите раце на Мајката Дева, Праведниот Јосиф, соборот на ангелите, пастирите и мудреците во заедничко поклонение пред Бога; и учествуваме во таа радост на нетварното благословение. Така, денешното ‘сега’, литургиски, во Црквата станува ‘секогаш’, станува вечност: сега и секогаш и во веки веков!

Иако, како телесни луѓе, сме затворени во оковите на времето, сепак, учествуваме во благодатта веќе уште од овој, сегашниов век и предвкусуваме од идниот, од неминливото Царство Божјо. А, она што го чувствуваме сега е тој неискажлив мир што зрачи од оваа Божикна Божествена сцена. Затоа толку природно се вткајува во неа ангелската радосна објава: Слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја. Всушност, тогаш човештвото за прв пат го почувствувало вистинскиот мир. Тој мир не е философски, психолошки, ниту плод на некаква идеологија, туку е дар што доаѓа од Изворот на мирот, од воплотениот Бог и од благодатта на Сесветиот Дух. Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот (Јован 14,27). Тоа е оној мир што го беше изгубил првиот човек Адам, прекршувајќи ја заповедта Божја.

И колку ли му е неопходен на човекот тој длабок мир! Затоа ангелите се радуваат и Го славословат во висините Бога, Кој Го принесува Својот Син на воплотување за да го всели во срцата на луѓето Својот надразумен мир, да им дарува посиновение преку благиот Дух, правејќи ги сонаследници Христови и наследници на Царството Негово. Затоа и ние вечерва чувствуваме силен порив да Го славиме Триединиот Бог.

За жал, денес луѓето не се ни свесни дека тој мир е она по што тие копнеат, она што толку му е неопходно на современиот човек. И кога ќе видиме, овој збор толку често се употребува, светот денес постојано расправа за мир, тој е редовна тема во политичките и општествените сфери, на многубројни симпозиуми, декларации, манифести… Не дека тоа е лошо, но сепак е недоволно за човекот суштински да се успокои, бидејќи му недостасува оној, вистинскиот, внатрешен мир, што доаѓа од Бога. Па дури и кога народите и државите во светот се наоѓаат во примирје, човекот пак не е задоволен, бидејќи тоа не е мирот што вистински го успокојува. Без мирот Божји, мирот што Бог ни Го даде со Своето свето Раѓање, луѓето се несреќни, постојано во стрес, живеат во празнотија, а потоа се предаваат на наркотици, алкохол и други пороци, обидувајќи се на тој начин да го најдат мирот во себе, и така да заборават на трагедијата што ја живеат овде. Какво страдање е тоа за оној кој ја знае непроценливата вредност на Христовиот мир, а сепак гледа дека многу негови ближни не го ни почувствувале тој мир, ниту Го познаваат Миротворецот, па затоа тонат во безнадежност, разочарувања, порази!

А, каде луѓето да го најдат овој толку потребен мир? Него можеме да го стекнеме само со светотаински живот во Црквата, особено со учеството во Светата Евхаристија. Секогаш кога им покажуваме љубов на нашите ближни, кога се исповедаме, кога се покајуваме, кога се причестуваме, кога се молиме, кога се смируваме, кога простуваме, кога со срдечна болка ќе кажеме: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме, грешниот“, секогаш кога со отворено срце ќе Му послужиме на Бога, по малку од тој Божествен мир се вселува во срцата наши, така што можеме да го пренесуваме и на другите. И токму тоа е она што Бог го сака од нас; Бог сака да бидеме миротворци. Сепак, за да станеме миротворци потребно е потполно да се присоединиме кон Миротворецот, кон почетокот на мирот, кон Кнезот на мирот, кон Царот на љубовта – Тој е Христос, Кој заради нас се роди во пештера. Затоа, примајќи го дарот што денес ни го дарува Божествениот Миротворец, треба не само да го живееме тој мир, туку да станеме причина и други луѓе да го спознаат и да се успокојат во Христа.

Ние, Христијаните, не смееме никогаш, а особено на овој ден, да размислуваме егоистично, само за себе, туку да помислиме и на сите оние кои не го спознале Изворот на мирот, кој е непресушлив, како што вели Св. пророк Исаија: „На Неговиот мир Му нема граница“. Затоа, оваа вечер да Го помолиме Богомладенецот Христос, Кој во крајно смирение слезе и се воплоти од Пречистата Богородица, да ги посети сите, да ги разбуди оние што спијат, па да Го изберат Него, единственото ново под сонцето. Така, ќе се здобијат со тој неискажлив, неовоземен мир, кој единствено може да ја успокои човечката душа и да ѝ даде блаженство. Да ги отвориме вечерва нашите срца, да Го повикаме Христа да се всели во нив, да Го созерцаваме, да Го возљубиме и да се помолиме да го испрати Својот мир на сите луѓе, на сите народи, на сите земји кои страдаат, оти, гледате, денес многу народи се фрлени во вителот на војната и многумина стануваат нејзини жртви. Да побараме од Витлеемскиот Богомладенец да ја испрати насекаде Својата милост, поради солзите и молитвите на оние што Го познаваат и сакаат, и го живеат тој вистински мир во Црквата, во тајните на Црквата.

Христос се роди!