Поздравно слово на Неговото Вископреподобие, Архимандрит Партениј, за пристигнувањето на иконата на Светите Кирил и Методиј
Господ ќе излее слово и мудрост од нив…, и мнозина ќе го фалат нивното знаење. За векови тоа нема да биде уништено и нема да отстапи од нив, и нивното име ќе живее од поколение во поколение. Народите ќе раскажуваат за нивната мудрост, а Црквата ќе објавува за нив похвала.
Извадок од пофалното слово на Св. Климент Охридски
за Свв. Кирил и Методиј, преславните учители на словенскиот народ,
според Книгата Мудрост Сирахова.
вие пофални, но, во исто време, и пророчки зборови на Светиот отец наш Климент Охридски за Светите Рамноапостоли Кирил и Методиј, до денешен ден, со несмалена сила, се овистинуваат. Зашто има ли народ што не благоговее пред овие два Божествени светилника, коишто, со духот на премудроста од Света Троица, ја осветлуваат целата вселена?! А колку, пак, повеќе треба да се фалиме со нив ние, словенските народи, имајќи ги како две очи со кои прогледавме и гледаме во убавините на верата спасоносна, во тајните на вистинското Откровение Божјо? Со кого друг би можеле да се гордееме и радуваме толку славно, ако не со овие тајнописци на Божественото слово, кои, со своите аз, буки, веди…, преку Духот на живиот Бог, го напишаа Христовото писмо, не на камени плочки, туку врз телесни плочки на срцето на нашиот славјански род (2. Кор. 3,3), приведувајќи го, истовремено, во светот на словесноста?
Оттука, разбирлива е нашата сегашна, неискажлива радост, што Светите просветители и наши први духовни татковци, преку оваа чудесна икона, на благодатен начин ја посетија оваа Света Обител, која и самата е нивно духовно наследство. Радоста наша, пак, ја прави уште посвештена тоа што оваа нивна икона ни доаѓа од братска Бугарија, земјата со која имаме најблиски сродствени духовни врски и многу заеднички историски очертанија. Всушност, и покрстувањето на нашите братски славјански народи, и просвештението преку светото Кирилометодиевско дело, имаат заедничко начало. Затоа, овој благослов на нашите заеднички првоучители и родоначалници, со блажено ликување ги бранува нашите души, поттикнувајќи нè кон должна благодарност.
Најнапред, Му благодариме на Пресветата Троица, Триипостасниот Бог, Вдахновителот на небесната мудрост и богопознание, што ни ги испрати денес Своите, Нему подобни, сесловенски Апостоли.
Им благодариме неискажливо и на самите Светители, премилите Кирил и Методиј, што нè удостоија денес со својата благодатна посета преку нивната преубава икона, и на тој начин го благословија и поддржаа нашиот скромен потфат да подигнеме скит во нивно име во с. Битуше. Впрочем, оваа икона ќе биде поставена како главна, целивна икона во новоизградениот скитски храм.
Ви благодариме премногу и на вас, возљубени наши Димчо и Антонија Димчовски, кои со Божјо вдахновение и Негов талант ја изработивте оваа скапоцена икона, и благодушно ја подаривте на Свештената Бигорска Обител! Да не беше Вашата огромна љубов кон православните светињи, посветеноста кон зографската дејност и благородството на Вашите богољубиви души, денес немаше да ја имаме оваа преголема радост. Затоа, Вашите имиња ќе останат засекогаш запаметени во нашите скромни молитви кон Господа.
Најпосле, Му благодарам и на Неговото Преосвештенство, епископот Велички, г. Сиониј, игуменот на Тројанската Света Обител, што Ве испрати Вас, сепрепеподобен отче Стефане, собрат на истата обител, да ја придружувавте оваа, за нас голема, светиња при нејзиното патување дотука.
За крај, ќе завршиме повторно со зборови од Пофалното слово на Свети Климент, вообличени како молитва кон Рамноапостолите:
Преподобни и вистински пастири, молете се непрестајно и срдечно за вашето избрано стадо, прогонувајќи ги нашите страдања и избавувајќи нè од беди и неволи. Просветлете ги очите на нашите срца и поткрепете го нашиот ум, за да ги следиме достојно вашите стапки. Амин!