Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за единаесеттата недела по Воздвижение, изговорено во манастирската трпезарија на 15 декември 2019 лето Господово
Мили мои, добро и спасително е за човек да знае кое е вистинското богатство во животот. Денес од евангелското четиво (Лука 18,18-27) чувме за младиот човек, којшто Му пристапил на Христа и Го прашал што треба да направи за да има живот вечен. Господ како одговор му ги навел заповедите од Стариот Завет, т.е. декалогот. Младичот горделиво Му возвратил дека сето тоа го имал запазено уште од младини. На тоа Господ му одговорил: Уште едно само ти недостасува: продај сè што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене! (Лука 18,22) Тука би сакал малку повеќе да се осврнеме на духовното богатство.
Во Посланието до Ефесјаните, што се чита во храмовите на неделните Литургии во овој период, Светиот Апостол Павле поопширно пишува за тоа духовно богатство, коешто се наоѓа во Црквата и произлегува од нејзината теологија, од догмите. Во т.н. догматски дел од Посланието, тој пишува за длабоката теологија, поконкретно за учењето за спасението во Христа како и местото на верните во Христа, а во продолжение прави осврт и кон практичниот живот на верните во Господа. Синоптички кажано, Апостолот им соопштува на верните за неискажливото богатство Христово (Ефес. 3,8). Во денешниот евангелски настан, Христос му се објавил на младиот човек како најголемо благо: „Остави го своето минливо материјално богатство и тргни по Мене, вистинското богатство“. Зашто, за да може човек да го остави она што дотогаш му било драго, треба да пронајде, како замена, нешто подрагоцено, побогато. Тоа се случило со Апостолите и со сите коишто Го последувале Христа. Првите Христови ученици оставиле сѐ: и рибарските мрежи, и корабите, и сѐ друго што имале, па и родителите. Зошто? Затоа што во личноста Христова препознале нешто многу повозвишено, подрагоцено од сѐ што претходно имале. Биле восхитени и освоени од појавата Христова. Но, тоа не се случило и со овој млад човек. Очигледно, младичот не бил толку восхитен и трогнат од Христа, оти кога Он побрал од него да се откаже од своето богатството, тој си заминал натажен. Со срцето бил толку прилепен за земното богатство, што, за жал, не го гледал небесното. Типичен пример за еден острастен човек. Токму страстите, приврзаностите за нештата од овој свет, до тој степен ни ги замрачуваат внатрешните очи, што не сме во состојба да го видиме и препознаеме вистинското богатство. Затоа, великиот учител на народите, обраќајќи се кон скоропокрстените Христијани, ги поучува колку е важно да не се приврзуваат за овој свет и да останат во звањето, во призивот христијански на кој се повикани. Сакал да им покаже дека не треба да бидат Христијани само на име, туку и да се издигнат во духовните предели и да Го бараат Христа, во Кого имаме откуп преку Неговата крв, простување на гревовите по богатството на Неговата благодат (Ефес. 1,7). Тука Апостолот јасно укажува: вистинското богатство е благодатта Божја. Ние, Христијаните, сме повикани да сведочиме за ова најскапоцено и непропадливо богатство, кое неспоредливо ги надминува сите овдешни и минливи блага. Рековме: никој не може да го остави она што го има, што го опкружува и на некој начин донекаде го задоволува, доколку не најде нешто повозвишено и потрајно, кое ќе ги засени дотогашните негови, какви-тавки задоволства. А за човек најголемо задоволство и полнота на радоста е да Го придобие Христа. Во Него и вие, им пишува Свети Павле на Христијаните, откако го слушнавте словото на вистината – Евангелието за вашето спасение, и откако поверувавте во Него, станавте запечатени преку ветениот Свети Дух (Ефес. 1,13). Ја истакнува силата на Крштението, преку кое го здобиваме Светиот Дух и стануваме нови луѓе во Исуса Христа. Со ова сака да ги поттикне верните да го издигнуваат во себе новиот, внатрешен човек во Господа, за би можеле да станат пример за оние околу нив. Имено, во тоа време во Ефес имало многу незнабошци. И денес не е многу различно. Иако на име Христијаните се мнозинство во нашето општество, сепак, малкумина се оние кои и по дела се покажуваат тоа. Бог, преку Својот личен пример, ни покажа на дело како треба да се љуби и како може да се спаси човекот. Он слезе во најдолните места на Адот за да го спаси човекот. Затоа е и речено: „Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето“. А што означува „издигајќи се“, ако не тоа дека Тој слезе пред тоа во најдолните места на земјата? Слегнатиот е истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да исполни сè (Ефес. 4,8-10). Значи, величието на Бога уште помоќно се посведочи со тоа што Он слезе на земјата, стана еден од нас, еднаков во сѐ со Своето создание, освен во гревот. А целта е јасна: Он стана човек за ние, подражавјќи Го Него, да станеме богови по благодат, чеда на Отецот Небесен. Можеби некои ќе приговорат: „Како да Го подражаваме Христа, кога Он е Бог и е толку далеку, а ние сме луѓе смртни и грешни?! Па, тоа е невозможно!“ Не треба воопшто да размислуваме вака, бидејќи Христос навистина е Бог, но Он стана и човек, толку многу ни се приближи, што стана еден од нас, слезе до длабините на Адот, за да нѐ издигне во Неговите височини.
Деновиве, едно мое духовно чедо кое студира социјална работа, ми испрати во порака цитат од еден познат професор-философ од 20 век. Професорот, поттикнувајќи ги луѓето да им помагаат на оние што имаат потреба, вели: „Кога некого сакаш да го извлечеш од калта и нечистотијата, не мисли дека можеш само да стоиш горе и да му подадеш рака. Мораш да се спуштиш на самото дно во калта и нечистотијата. Тогаш фати го со силните раце и заедно со себе повлечи го кон светлината“. Што мислите, од каде е оваа инспирација? Се разбира, од Евангелието. Господ Христос нѐ научи дека за да му помогнеш на ближниот, понекогаш е потребно да направиш жртва за него, да се спуштиш на негово ниво, да му покажеш дека си подготвен да направиш сѐ, па дури и да се жртвуваш, за да го изведеш од состојбата во која се наоѓа.
Но, за секое добро дело потребен е подвиг. А во што се состои нашиот основен подвиг? Во стекнување на познанието за Господа Исуса Христа, во практичното разбирање на длабината на теологијата, во придобивањето на Светиот Дух. Затоа, усрдно се моли големиот Павле, ги преклонувам колената свои пред Отецот на нашиот Господ Исус Христос … да ви даде, по богатството на Својата слава, сила да се утврдите преку Неговиот Дух во внатрешниот човек и преку верата Христос да се всели во срцата ваши. Најнапред, значи, потребно е преку верата да го градиме и издигнуваме нашиот внатрешен духовен човек. И потоа додава: та вкоренети и утврдени во љубовта да можете да разбирате со сите светии што е ширина и должина, што е длабочина и височина. Погледнете какво возвишено нешто! Потполно да допреш во Божјите тајни, во највозвишената теологија! Господ сака нашите дела, нашиот практичен живот да го соединиме со верата, со теологијата и догмите. Не смееме да правиме разлика помеѓу т.н. „академска“ теологија, теологијата што се изучува по богословските училишта и факултети и практичното живеење. Секој Христијанин е должен да биде теолог со својот личен живот. Токму на тоа повикува Апостолот, имајќи ја љубовта како врвна цел: и да ја осознаете Христовата љубов што го надминува секое знаење, за да се исполните со сета полнота Божја (Ефес. 3,14-19). Преку љубовта, врвот на сите добродетели, ќе ни се откријат големите Божествени тајни. Ризницата, пак на тоа тајноводство во Божјите откровенија е Црквата, заедницата на Телото Христово. Да се потсетиме за миг на тоа дека кога Господ им го ветил на Апостолите слегувањето на Светиот Дух, Он пред сѐ им заповедал: Не оддалечувајте се од Ерусалим (Дела 1,4). Побарал од нив да бидат еднодушни, собрани на едно место. Светиот Дух можел да ги најде каде било, но на овој начин, Бог ја истакнува соборноста на Црквата, заедништвото и слогата на учениците Негови. Неслучајно, празникот Духовден отците го нарекле роденден на Црквата. Значи, единствено во Црквата можеме да Го придобиеме Светиот Дух и Неговите богати дарови: радоста, љубовта, мирот… Ете, тоа е вистинското богатство, мили мои. Деновиве едно духовно чедо ми испрати порака со следнава содржина: „Отец мој најсакан! Колку многу Го сакам Христа! Колку многу сакам да бидам со Него! И не само јас, туку и Вие и сите што Бог ми ги дал да бидат дел од мојот живот, да торжествуваме во славата Христова за навек! Пишувам и плачам, пишувам и посакувам секој да Го спознае Него, незаодната и апсолутна Љубов, Која е извор на милосрдие и кротост, да бидат сите дел од вечната градба небесна, која нема никогаш да се сруши и да прокисне како минливите градби на кои времето им пркоси додека не ги уништи до крај. Сакав само да Ви кажам дека Ве љубам засекогаш“. Гледате како Светиот Дух моќно дејствува во луѓето и денес? Црквата е жива и силна, бидејќи е жив нејзиниот Основач. Овој млад човек длабоко во себе го почувствувал дејството на Божјата благодат. Мислам дека сите верни сме почувствувале што значи духовното богатство во Христа. Богатство за кое човек е подготвен да остави сѐ од овој свет. Видете што пишува повторно Апостолот Павле: Јас, Павле, затвореник на Исус Христос за вас незнабошците (Ефес. 3,1). Се радува дека е затвореник заради Христа. Во тоа време кога го пишува ова Послание, тој бил затворен во Рим, каде, најпосле, маченички пострадал за Христа, со обезглавување. Дотогаш, што ли не претрпел, во колку ли не затвори по светот бил затворан?! Но, сето тоа со радост го претрпувал, имајќи го во себе најголемото богатство – Христос. Со Него, тој и во најтесниот затвор бил слободен, во најголемите страдања се радувал. И затоа, од затворот тој ги моли Христијаните, исто како што сега и нас Господ секојдневно нѐ моли – значи, не ни заповеда, туку нѐ моли: Браќа, јас, затвореник во Господ, ве молам да се однесувате достојно според звањето, за кое сте повикани (Ефес. 4,1). Не е ли ова израз на преголемата љубов Божја?! Нѐ моли Апостолот, нѐ моли Христос, да се однесуваме според звањето.
Ги моли Бог монасите да се однесуваат според звањето на кое ги повикал. Никој не нѐ присилил да тргнеме по овој свет пат. Сега треба да се покажеме достојни. Зашто очите на многу луѓе се вперени во нас, во расото осветено од светоотечката молитва и пот. Многу луѓе ми рекоа деновиве за еден брат: „Оче, тој монах ми беше надеж, ме радуваше кога ќе го видев. А сега…“ Сфаќате ли што значи човек да отпадне од призивот? Затоа, стојте цврсто во звањето во кое ве повикал Христос, оти еден ден ќе треба да дадеме одговор за душите што ни се довериле. Што друго би можело да ве исполни, кога овде, в Манастир, секојдневно црпите од ризницата на небесното богатство? Светот ли, со своите лажни похоти и минливи убавини? Што? Колку многу сведоци имаме што оставале сѐ овдешно, само за да Го придобијат Христа, вечното богатство: Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст (Евр. 12,1-3). А кои се тие сведоци? Пророците и праведниците од Стариот Завет, а од Новиот тоа се апостолите, мачениците, преподобните, безбројните Светии, до денес. Зашто, Светиот Дух е ист и вчера и денес и до веки. Тој моќно дејствува во Црквата, присутен е во неа. Да ја прифатиме, следствено, пораката на апостолот Павле со која нѐ моли да останеме верни на звањето. Да одговориме со љубов на молбениот повик на Христа, Кој нѐ повикува на Неговата гозба во Царството. Во тек е Божикниот пост. Во втората недела пред Рождеството Христово ќе ја прочитаме приказната што ја кажал Господ Исус за Човекот што приготвил голема вечера и поканил мнозина. Вечерата е, всушност, Царството на љубовта, во кое нѐ кани милиот ни Христос, да седиме заедно со Него. Како кога, сакајќи некому да направиме чест, го каниме на гозба и го седнуваме заедно со нас, така и Бог нѐ повикува да седиме на трпеза со Него, да бидеме рамни со Него. На Светата Литургија Он ни Ги дава Своите тело и крв. Да ја прифатиме Неговата покана и да не бидеме како оние кои откажале да појдат на вечерата. Да не си дозволиме, поради страстите и приврзаноста кон земните нешта, да ја изгубиме вечната наслада. Го имаме вистинското богатство, ја имаме Црквата. Затоа, да останеме верни на звањето, особено ние, монасите, коишто сме во првиот борбен ред за стекнување на „вечното веселие“ и многумина преку нас доаѓаат до Христа. Во контекст на ова, интересно е да се забележат Павловите зборови: Подражавајте ме мене, како што и јас Христа (1. Кор. 11,1). На луѓето им се потребни сведоци кои ќе сведочат за вистината, за „невечерната светлина“ и „славната радост“. Господ низ сета историја си избира сведоци. Ги избрал пророците, апостолите, мачениците, отците… Сега нѐ избра и сите нас – најнапред вас, мили мои монаси. Оттука, гледајте да останете цврсти во ова свештено звање, за да не бидеме причина за разочарување и пад на другите, туку поттик за духовен полет кон висините Божји. Погледнете само колку Христијани имаме денес кај нас, дојдени оддалеку, да заедничарат со нас на Светата Литургија. Во нас, во свештеното расо што го носиме, тие гледаат сведоци на Царството дојдено во сила (Сп. Марко 9,1).
Да го бараме, според зборовите Христови, најнапред Царството Божјо, тоа најголемо богатство, кое вистински нѐ радува и нѐ исполнува со секакви духовни дарови, а другото, овдешното, ќе ни биде не само дадено, ами и придодадено. Верувајте, од Господ не е возможно да останеме незадоволни. Да сте благословени!