Средба на Архимандрит Партениј со Директорот на КОВЗРГ

Вчера, на 1 октомври 2019 година, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во придружба на неколку монаси од Бигорски и монахињи од Рајчица, имаше работна средба со Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски, во неговиот работен кабинет. На средбата беа присутни, исто така, и повеќе познати личности од културно-општествената сфера во Македонија, а беше разговарано за претстојниот голем јубилеј на Бигорскиот Манастир што ќе се слави следната 2020 година – 1000 години од неговото основање, при што сите присутни изразија особена желба и подготвеност да излезат во пресрет за подготовките за јубилејот. На ова прво советување беше одлучено во скора иднина да се формира координативно тело, коешто ќе раководи со активностите за достојна прослава на реткиот и огромен по значење милениумски јубилеј: Бигорски Манастир 1000 години: 1020-2020.