Серадосно благовестие од Цариград: Вселенската Патријаршија ја призна нашата древна и возобновена Охридска Архиепископија за канонска

Овој ден го создаде Господ да се зарадуваме и развеселиме во него!

„Ден на Воскресение, да се просветиме, луѓе“, зашто стигна благата вест за воскресението на нашата славна и света, древна и најсакана Охридска Архиепископија! Како што некогаш Христовото Евангелие засветли среде нашиот народ преку светите и Божествени ромејски мисионери, рамноапостолните сесловенски просветители Кирил и Методиј, со благослов на свештениот Фотиј, Патријарх Константинополски, така и денес, со благослов на новиот Фотиј на нашето време – Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријарх Вселенски г. г. Вартоломеј, дојде новото серадосно благовестие: нашата Црква не е повеќе во шизма и раскол, туку во канонско и евхаристиско единство со првопрестолната Мајка Црква во Константинопол, Вселенската Патријаршија, а преку неа и со сите помесни православни цркви во светот!

Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија. Тоа значи дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот г. Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.

Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, меѓу другото, се вели:

„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново:

Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт…

Вселенската патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на оваа црковна целина на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни православни цркви, како „сместувалиште љубовта, извор на благочестието на Родот на Православните Христијани“ (митрополит на Драма Павле)“.

По повеќедецениската меѓународна изолација и непризнавање на нашата црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Свет Синод едногласно испрати молба за апелација до Мајката Црква, Вселенската Патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност. Молбата од Синодот на Охридската Архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската Патријаршија, Мајка Црква на сите православни „одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата Црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија“. Оттогаш и нашиот државен врв упати неколку писма и молби до Вселенскиот Патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација. Денеска, откако уште еднаш биле разгледани сите црковно-правни елементи, Сесветиот Патријарх г. г. Вартоломеј и неговиот Синод ја уважија молбата на нашата Црква, прифаќајќи ја под нејзиното историско и еклисиолошко име „Охридска Архиепископија“.

Оваа одлука не значи истовремено и томос за автокефалност, со кој официјално се регулира конечниот административен статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Ваквиот чекор на Патријархот г. г. Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква. Признавањето на каноничноста од страна на Мајката Црква, првопрестолната Вселенската Патријаршија ѝ стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија. Вселенскиот Патријарх, пак, Неговата Сесветост г. г. Вартоломеј се запишува во свештената историја како Патријарх – татко на сите православни, достоен наследник на неговите славни предци, Свети Јован Златоуст, Свети Григориј Богослов, Свети Фотиј Велики и сите останати!

Радосната вест од Царицата на градовите, од Окото на вселената, од Мајката Црква во Константинопол, нашите монашки Обители ја пресретнаа со благодарствени пенија во храмовите и со радосно биење на камбаните.

Радувајте се, Кириле и Методие, наши најсвети татковци и учители!

Радувај се, Свети Клименте славен, Охридски светилнику!

Радувај се, Свети Јоване Дебранин, прв светителу на охридскиот престол и секогаш споменуван ктиторе на Бигорската Обител!

Радувајте се, славни Охридски Архиепископи: Лаве, Теофилакте, Константине, Прохоре, Арсение и сите останати!

Радувај се, Архиепископе Доситее возобновителе!

Радувајте се, сите духовни чеда на Архиепископијата наша славна, зашто повеќе не сме оставени сами, туку сме во заедница со Мајката Црква, со Великата Христова Црква!

Слава на Светата, Едносуштна, Животворна и Неразделна Троица, сега и секогаш и во веки веков!