Научен приод кон Светото Писмо (четврти дел)

Кога започнало научното проучување на Светото писмo?

Како посебен научен систем ваквиот пристап кон Библијата се развива во последниве векови, но неговиот почеток е уште од раното христијанство.

Библијата најпрвин започнува да се изучува на универзитетите со истражувачки стандарди и научни методи, како посебен научен систем во рамките на  општествените науки.

Каде започнал целосниот научен приод? 

Истражувачките методи што се применуваат за проучување Библијата започнале најнапред во западниот свет, меѓу протестантите и католиците. Зошто? Затоа што таму се роди и реформацијата и рационализмот. Таму започна новото убедување во човештвото дека човечкиот разум е способен да најде пат кон вистината и кон прогресот. Авторитетот на разумот и неговото поставување во центарот на сѐ и мерка за сѐ изникна и се разви во протестантскиот свет. Дури и таму, на почетокот настанала поделба на либерални протестанти и конзервативни (евангелски).

Либералната насока се оддалечила од природата на верата и таму библистиката Го претставува Исуса од науката, наспроти Христос од верата. Од другата страна на Христос Кој се чува во Црквата, стои Исус оформен преку доктрината на библиската критика. Кај нив, со скептицизам се разгледуваат значајните теми од Новиот завет и се приоѓа со сомнеж: дека Исус Христос е Господ и Бог, дека е Син Божји и дека се вистинити Негови чуда запишани во Библијата, па дури со сомневање се приоѓа и кон воскресението Христово, кое е основа на христијанството и на христијанската вера.

Дали рационализмот предизвикал либерализам и критика?

Да. Рационализмот е почеток на либерализмот во теологијата на Запад, во западната библистика и во Западната Црква. Ваквите идеи се непријателски насочени кон црковното христијанство на Православието.

Тие движења се појавуваат со рационалистите: англискиот филозоф Џон Лок (Јоhn Locke 1632-1704) и германскиот научник Г. Е. Лесинг (Gotthold Ephraim Lessing 1729-1781), а тоа веднаш продолжува и кај останатите германски научници, кои го преземаат и го развиваат новиот рационалистички приод: Ј. С. Семплер (1725-1791), Ф. К. Баур (1792-1860), Ј. Велхаузен (J. Wellhausen 1844-1918), А. Гарнак (Adolph von Harnack 1851-1930), Р. Бултман (Rudolph Bultmann 1884-1876). Потоа, нивен продолжувач е американецот Роберт Фанк (R. W Funk) кој создава таканаречен Семинар за истражувања за Исуса што претендира кон високонаучност, а завршува со неславен прекар „театар на измамата“.

На тој начин започнале да се создаваат центри на библиската критика познати како: Тибингенска школа или Школа на Бултман. Ваквата либерална библистика ја развивале протестантските научници во духот на рационалистичката идеологија и просветниот радикализам.

Го прифатиле ли католиците?

Католичката црква не ја прифатила библиската критика што ја развивал протестантизмот. Сепак, таа нова мисла и критичкото библиско движење се обидела да навлезе во целото христијанство на Запад, па според тоа и меѓу католиците. Тоа најпрво го започнал францускиот свештеник Р. Симон (1638-1712). Тој бил преобратен протестант, но бидејќи немал свои приврзаници, тенденцијата не продолжила.

Кај католиците библиската мисла и наука се развивала само во апологетска насока, сѐ до почетокот на XX век. Во XX век двајца големи католички научници: М. Лагранж (Marie-Joseph Lagrange 1855-1938) и А. Луази (Alfred Loisy 1857-1940) се првите основачи на библиската критика во католицизмот. Лагранж основал библиска школа во Ерусалим и журналот „Revue Biblique“ а Луази бил познат филолог и егзегет, но отишол во критички екстремизам и во 1908 година бил исклучен од католичката црква како основач на ереста модернисти.

М. Лагранж со членовите на библиската школа

Предупредувачки, во 1902 година, била создадена Папската библиска комисија за надзор на библиските егзегети.

Дури во 1943 по Папската енциклика Divino  Afflante Spiritu започнува современото католичко, историско критичко проучување на Светото писмо. Таа дејност дала видни научници како што се французите: П. Бенуа и Ж. Данелу; белгиjците Л. Серфо и А. Дескамп; германците Ј. Шмид и Р. П. Шнакенбург; американците Р. Браун и Џ. А. Фицмаер. Овие научници покажале дека критичкото проучување на Библијата е можно и без филозофските и радикалните крајности.

Сепак, библиската научна мисла кај католиците се поделила на либерални и конзервативни. Се разбира, тие пишувале од различни позиции. На пример, конзервативниот Кели пишувал против Браун: G. A Kelly, The New Biblical Theorists:Raymond E. Brown and Beyond (Ann Arbor: Servant Books, 1983).  Тој, пак, го оправдувал новиот либерален приод, во своите дела: The Critical Meaning of the Bible (New York, Paulist, 1981); Biblical Exegesis and Church Doctrine (New York, Paulist, 1985). Од делата на Браун има и превод на руски јазик: „Церковь и Библия: новое понимание“, „Историско-критическое толкование Библии в католичестве“ во: Современое католическое богословие, ББИ, Москва 2007. Против либералните библисти и против Браун пишувал и кардиналот Јозеф Рајцингер, подоцнежниот папа Бенедикт XVI (2005), којшто се повлече од папската столица во 1913 година: „Biblical Interpretation in Crisis: The Ratzinger Conference on Bible and Church“ редактор R. J Neuhaus (Grand Rapids: Eerdmans 1989).

(Продолжува…)