Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено во манастирската трпезарија, за Деветтата недела по Воздвижение (за безумниот богаташ), 1 декември 2019 лето Господово
Мили мои, денес од Евангелието ја чувме параболата изговорена од устата на Спасителот, за богатиот човек, на кого нивата му беше родила многу. Гледајќи го изобилието на плодови, тој почнал да размислува што да направи, како да се справи со новата ситуација, како да го складира обилниот род, бидејќи неговите дотогашни складишта, амбарите, биле мали за да ги сместат плодовите. И смислил. Ќе ги урнам амбарите свои, си рекол на себе, и ќе соѕидам поголеми и таму ќе го соберам сето свое жито и сите свои добра, и ќе и речам на душата своја: „Душо, имаш многу добра, насобрани за многу години; почивај, јади, пиј и весели се!“ (Лука 12,18-19).
Треба да се напомене дека оваа парабола Господ ја кажува како одговор на еден млад човек, којшто претходно Го беше замолил да му наложи на неговиот брат да го раздели наследството со него. Би можело лесно да се претпостави дека неговиот брат бил алчен, штом не сакал да го раздели имотот, па овој упорно Го молел големиот Учител да интервенира. Но, Господ му одговорил: Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам? Потоа им кажа: „Внимавајте! Чувајте се од алчноста, зашто животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот“ (Лука 12,14-15). Во продолжение на ова, Христос ја кажува денешната парабола, со јасна порака – дека сѐ што човекот поседува на земјата не е негово, туку на Бога. Господова е земјата и сè што ја исполнува (Псал. 23,1). Човекот треба само да биде добар економ, праведен распоредител на она што Бог му го подарил. Доколку тој на правилен начин, неострастено стопанисува со дадените од Бога блага, тогаш ќе има повеќе од доволно и за него, и за другите околу него.
Очигледно е дека човекот од параболата бил и претходно богат: На некој богат човек нивата му беше родила многу… вели Евангелието. Имал, значи, прилично големо богатство, а сега, поради обилното Божјо плодородие, се случило да добие уште повеќе, така што дури и се загрижил каде ќе го складира сето тоа. Забележете добро: вината на овој човек не била во тоа што тој бил богат. Да се биде богат не е грев. Прататкото Авраам, на пример, бил еден од најбогатите луѓе во своето време, но не бил острастен кон материјалното. Кога Бог побрал од него да ја напушти татковата и да отиде во непозната земја, тој веднаш, без двоумење, оставил сè што имал и тргнал да ја исполни заповедта Божја. Следствено, грев е човек да биде острастен кон материјалните нешта, кон земните блага, кои се минливи и му се дадени на човека да му послужат за добро, а не тој ропски да им служи ним. И еве, во денешната парабола е опишан токму таков човек, еден типичен егоист, потонат во своето себељубие, чиешто божество било сопственото јас. Погледнете само колку пати во една реченица тој ги присвојува за себе нештата што Бог му ги дал: плодовите свои, амбарите свои, сето свое жито и сите свои добра, душата своја. Свое, свое, свое… А никаде ни трага од благодарност кон Оној Кој му ги дал сите тие блага, вклучително и душата! Овој богаташ, како закоравен егоист, кај кого материјалното богатство и сопствениот хедонизам му се на прво место, не ни помислува на својата околина, сосема ги заборава своите ближни, а се разбира, и Бога. Таквиот просто е заслепен од среброљубие и егоизам, така што не може да види ништо друго околу себе, освен – себеси и своите потреби. Еднаш, еден човек сакал да му покаже на својот пријател дека претерано се острастил кон парите, така што не забележувал што реално се случува околу него. Не можејќи никако да го убеди во тоа, се досетил на еден интересен и необичен начин: зел некаква монета, кованица, ја ставил на неговото око и го прашал што гледа. „Ништо не гледам“ му одговорил пријателот. „И да знаеш дека навистина ништо не гледаш“, му укажал овој, „бидејќи парите ти го помрачиле видот“. Среброљубецот не гледа ништо друго освен богатството и тоа како да приграби уште повеќе.
За да стигне човек до таков стадиум на краен егоизам, претходно, рековме, треба сосема да Го има заборавено Бога. Да има заборавено дека Господ е најголемиот Доброчинител и дека сѐ што имаме Му должиме Нему. Бог е апсолутниот Имател и Дародавец на сите материјални и духовни дарови. Кога човекот ќе го занемари тоа, се предава на најсуров егоизам. Потполно заборавајќи на Бога, тој мисли дека животот е само овде, дека целото негово постоење се сведува само на земната среќа и изобилието на неговиот имот. Ете зошто на човекот којшто побарал од Него да му помогне околу делбата на наследството, Господ му рекол: животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот. Напротив, неговата смисла се наоѓа во единството со Бога и во тоа човекот да знае да го цени и правилно да раководи со сето она што Господ му го дал за негово лично, но и за спасението на неговите ближни. За жал, во светот има многу богати, кои се однесуваат подобно на богаташот од денешното Евангелие. Речиси секојдневно слушаме или читаме за личности чиешто богатство се проценува на милијарди, милијарди евра и долари. Еве, на пример, деновиве прочитав нешто интересно за поранешниот директор на американската компанија Аpple, Стив Џобс, кој се упокои во 2011 година. Неговото богатство било проценето на 11 милијарди долари! Меѓутоа, слушнете нешто мошне интересно: овој човек на крајот од животот, сепак добил некакво просветление за безначајноста на материјалното богатство и за смислата на човековото постоење. Имено, пред да умре, тој оставил едно кратко послание, во кое, меѓу другото, вели:
Во очите на сите останати, мојот живот е рецепт за успех, меѓутоа на страна од работата, јас приватно уживам многу малку среќа. На самиот крај, богатството е само факт во мојот живот на кој сум навикнат. Во овој момент, лежејќи на креветот болен и беспомошен, присеќавајќи се на сите работи од мојот живот, сфаќам дека целото мое богатство и моќ, се комплетно безначајни на прагот од смртта“. – Ете, се потврдуваат зборовите од Евангелието дека животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот. И продолжува: „Со пари, можеш да најмиш некој да ја вози твојата кола наместо тебе, да прави пари наместо тебе, но не можеш да платиш никој да ја носи твојата болест наместо тебе. Секој еден што трага, може да најде материјални работи. Но постои една работа што откако ќе биде изгубена, никогаш повторно не може да биде најдена, a тоа е животот… Сакајте ја својата фамилија, сакајте го вашиот сопружник/чка, сакајте ги вашите пријатели. И запаметете, сакајте ги луѓето што Бог ги пратил во вашите животи, еден ден ќе му требаат назад. – Стив Џобс
Вели: „На самиот крај…“ Слава Му на Бога што овој богат човек, макар на крајот од животот, сепак ја сфатил на некој начин безвредноста на материјалното богатство. Но, да знаете, тоа ретко се случува со острастените среброљубци. Во Евангелието денес, токму кога богатиот човек, според својата световна логика, си го „решил“ животното прашање, направил поголеми складишта за храната, собрал сѐ, ѝ заповедал на душата да јаде, да пие и да се весели – внимавајте: ја поистоветил душата со телото, зашто душата ни јаде, ни пие – ете, токму тогаш Бог му рече: „Безумниче, ноќва ќе ти ја побарам душата твоја; тоа што си го приготвил, кому ќе му остане?“ (Лука 12,20) Господ го нарекува овој човек безумник! Колку жално! Создаден како словесно битие, со ум и разум, со господственост, според образот и подобието Божји, а се довел во состојба – од Господ да биде наречен безумник. Уште во древно време Бог ги нарекува безумници оние што не веруваат во Него и си мислат дека изобилството, нивното материјално богатство, ќе ги направи среќни во овој живот. Така, во псалмот 13 се вели:
Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог“. Се развратија луѓето, вршат гнасни дела, нема кој да прави добро. Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој Го бара Бога. Сите застранија, сите станаа лоши, нема кој да прави добро, нема ниту еден. Зар нема да се вразумат сите злосторници, кои така го јадат народот Мој, како што јадат леб и кои не Го повикуваат Господа? (Псал. 13,1-4)
Гледате? Оние коишто Го заборавиле Бога го јадат народот Божји како што јадат леб, затоа што се ненаситни. Ништо не им стасува на овој свет, па цел живот грабаат, за накрај тука да го оставаат сето натрупано богатството, кое не може да им помогне за спасението на душата.
И денес има такви што мислат дека атеизмот е нешто прогресивно, нешто cool. За жал, многумина од младите милуваат да кажат: јас сум атеист. Кај мене доаѓаат многу млади деца и ми зборуваат дека во училиште било модерно да кажеш дека си атеист. Јас им одговарам: „Па тоа не е нешто ново, модерно, туку, напротив – многу е назадно. Горниот псалм цар Давид го напишал уште пред 3000 години!
И гледајте што вели псалмот: Господ погледна од небесата со внимание кон синовите човечки, за да види, има ли некој разумен, кој Го бара Бога. Господ, значи, нѐ гледа со внимание, со љубовна опомена, сакајќи да бидеме разумни. А кој е разумен? Оној кој вистински Го бара Бога. Спротивно на ова, пак, безбожникот е наречен безумен. Значи атеизмот, безбожието, е последица на страшната огревовеност на човекот, на неговиот безумен егоизам, така што воопшто не е нешто напредно и ново, туку многу старо, исто колку и човечкиот грев. Адам, нашиот прататко, во Едемската градина го сторил првиот грев, а со тоа од разумен, станал безумен. Се полакомил да го грабне она што не му припаѓало, иако имал сè во изобилие; бил поставен за цар на творението. Господ му го дал Својот дар на господственост – да господари со целокупната твар. Но, му дал и една единствена заповед, да не вкусува од дрвото на животот. А Адам токму тоа го направил. Се полакомил по она што во моментот не му припаѓало, станал, на некој начин, грабливец. И тоа станало наше наследство. Затоа ви велам: треба да се бориме, мили мои, со грабливоста што си ја носиме во себе после гревопадот, да се бориме со егоизмот во нас и тогаш ќе имаме сѐ во изобилие. А што е најважно да имаме? Духовна радост – вистинска среќа, која доаѓа од постојната средба во срцето со Бога. Го имаш ли Бога во себе, тогаш имаш сѐ. Свети Јован Златоуст, советувајќи ги луѓето, поконкретно родителите, ги поучува: „Наместо на своите деца да им оставате голем имот и богатство, трудете се најпрвин да ги воспитате во духот на христијанската вера, бидејќи ако не ги воспитате христијански, а им оставите многу имот, еден ден тие ќе се испокараат и разделат поради него, а тебе ќе те проколнуваат. Ќе речат: ‘О, проклет да е денот кога замина и ни ги остави овие имоти, та секојдневно да се караме околу нив. Си го изгубивме мирот и братољубието‘. Но доколку ги воспиташ како вистински Христијани, макар и сиромаси да ги оставиш, тие ќе знаат да стекнат имот и ќе те благословуваат“. Ќе знаат, бидејќи ќе Го бараат, пред сè, Оној Кој е Многумилостив и во Кого има секакви богатства. Барајќи го најнапред Него, тие ќе имаат сѐ, како што Самиот Он вели во Евангелието: Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде (Матеј 6,33). Материјалните богатства нема никогаш да нѐ задоволат, ниту пак, ќе ги земеме со нас одовде. Имаме толку примери кои нѐ опкружуваат, од кои можеме да се поучиме. Наместо трката по нив, да го избереме патот Христов, кој е давање и служење на ближните. Кога Синот Божји не дојде да Му служат, туку дојде да послужи (Матеј 20,28), тогаш колку повеќе ние, следбениците Негови, сме должни да ги љубиме ближните како себе си? За тоа, секако, е потребен голем труд, борба со егоизмот во себе.
Ве молам, мили мои, да не си дозволиме никогаш да бидеме наречени од Господа безумни. Он нѐ создал словесни, со разум. Што е, всушност, разумноста? Уште старите Хелени, древните философи, разумноста ја дефинирале како свест за тоа што треба, а што не треба да се прави. Свети Петар Дамаскин, пак, додава дека разумноста претставува и будност на умот. Што треба, значи, да се прави општо во животот? Кој пат да се избере? Господ Исус вели: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6). Следствено, кој Го избира Него, го избира патот на разумноста и секогаш ќе знае што треба да прави. Рековме, потребна е и борба, силна борба, борба со егоизмот во нас.
Господ да ни даде сили да бидеме добар пример. Оти, ние, Христијаните, треба со нашиот живот да проповедаме дека алчноста и егоизмот се нешто многу страшно, дека се тешка болест од која смртно боледува целото човештво. И во нашата Татковина, што е најголемиот проблем? Алчноста на нашите водачи. Веќе сме презаситени од вести за тоа колку пари се проневерени во државава. Една власт заминува, друга доаѓа и повторно истото се случува. Зошто? Затоа што рече безумникот во срцето свое: нема Бог. А штом еден човек не мисли на вечниот живот и на вечните вредности, таквиот не мисли на никој друг, освен на себеси. Тој е обземен од разни страсти и живее во мрак. И кога тој се наоѓа во мрак, како на другите ќе им донесе светлина?
Благодатта Божја, мили мои, да нѐ сочува од таквата ужасна беда и да нѐ насочи да го избереме патот на светлината, да Го избереме нашиот Спасител Христос. Амин!