„Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос“

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Божик, по читањето на Светото Евангелие на Божествената Литургија


Мили мои, една од химните кои вечерва ги испеавме во слава на Рождеството Христово, гласи вака:

Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос! Да го следиме патот по кој врвеше Ѕвездата со Мудреците и источните Цареви; таму Ангелите Го воспеваат непрестајно; Пастирите свират песна достојна, велејќи: слава на Бога во висините, на земјата мир, меѓу луѓето добра волја; на Оној Кој се роди во пештера од Дева и Богородица во Витлеем Јудејски.

Химнографот на оваа вдахновена песна се инспирирал од еден паралелен момент во Евангелието според апостолот Лука, коешто го прочитавме на Василиевата Литургија попладнево. Имено, кога витлеемските Пастири ја слушнале песната на Ангелите, се договориле помеѓу себе и рекле: Да отидеме ви Витлеем и да видиме што станало таму, за кое ни соопшти Господ (Лука 2,15). И како што дознаваме понатаму од евангелскиот расказ, Пастирите отишле и Го пронашле повиениот Богомладенец во јаслите, заедно со Мајка Му Марија и Јосифа и Му се поклониле, славословејќи Го Бога.

Рождество Христово

Црквата, мили мои, како што гледаме, денес и нас нè повикува, слично на Ангелите коишто ги повикале Пастирите, да бидеме сведоци на најголемиот историски настан, на тајната на воплотувањето на Словото Божјо. „Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос!“ Каде се роди Христос? Историски, Он се роди еднаш, пред речиси две илјади години, во градот Витлеем Јудејски, но во духовна смисла Тој се раѓа постојано, за секоја генерација, во секое срце што искрено и верно Го бара и Го љуби. Потребни се само желбата, искреноста и верата, за Христос да се роди во нечие срце.

Вродена карактеристика на секој човек е потрагата по вистината. Доколку со етиолошки поглед погледнеме на историјата на човештвото, ќе забележиме дека таа е една непрестајна потрага по вистината. Уште древните народи ги создале философијата и науката, за да трагаат по вистината. Човекот ја барал вистината во минатото, ја бара и денес. Но, многупати, барајќи ја неа, тој се опрелестувал, а се прелажува и сега, не наоѓајќи ја, затоа што не ја бара на вистински и соодветен начин.

Од настанот на Рождеството Христово опишан во денешното Евангелие, преку примерот на Мудреците од Исток и витлеемските Пастири, можеме да заклучиме дека до вистината доаѓаат само оние кои со простосрдечност и со чисти срца Го бараат Христа, единствената и вечна Вистина и сакаат Нему да Му се поклонат и Нему да Му послужат. Едноставноста и незлобливоста на Мудреците и Пастирите им овозможила да ги видат и препознаат знаците испратени од Бога, за да стасаат до Вистината: Мудреците ја имале Ѕвездата водилка, Пастирите – песната на Ангелите. Не дека тие биле безгрешни – безгрешен човек не постои, освен вообразените „праведници“ – но биле смирени, едноставни и незлобливи луѓе. Нивните чисти срца јасно ја чувствувале животната потреба од потрага по Вистината, па затоа таа и им се открила. Ние денес го имаме ги имаме Светото Писмо и Преданието во Црквата, како Божји знаменија што нè водат кон вистинското богопознание. Во нив Христос е јасно посведочен како апсолутна Вистина, Почеток и Крај. Ги имаме пророците во Стариот Завет коишто пророкувале за Него, а ги и имаме и Евангелијата како четири столбови на кои се крепи вселената. Надвор од свештената историја на Стариот и Новиот Завет не е возможно да ја пронајдеме богооткриената вистина. Сепак, Светото Писмо не е доволно за да Го пронајдеме и да Го спознаеме Бога. Ете, и фарисеите и книжниците напамет ги знаеле Писмото и пророштвата, знаеле дури и точно кога и каде ќе се роди Месијата, а сепак, не Го препознале и не Му се поклониле. Затоа што имале завидливи срца, полни со осуда и лукавство. За жал, и денес многумина Христијани го читаат Светото Писмо, но со формалистичкиот пристап што го имаат, со лукавоста и злобата што ја носат во себеси, со осудата за своите ближни, далеку се од Господа. Наликуваат на фарисеите од Христово време. Господ преку Пастирите и Мудреците ни покажа дека ја сака скромноста, искреноста, едноставноста, смирението. Он им се открива на смирените, на бедните по дух.

„Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос!“ – повикува, значи, свештениот химнограф. Вели дојдете, во множина, што е многу важно, бидејќи го истакнува општествениот момент, значењето на заедницата. Не вели: ќе одам сам да видам, а за другите не ми е грижа, нека прават што сакаат – туку ги повикува сите, дојдете, бидејќи веста за Рождеството на Спасителот е намената за сите: Еве, ви навестувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе (Лука 2,10) – била пораката на Ангелите. Сетете се и на тоа од Евангелието, како еден апостол што ќе Го спознаел Христа одел и повикувал друг; Андреј го повикал брата си Петар, Филип го повикал Натанаила, еден ученик на Господа повикувал друг. „Го најдов Месијата, дојди!“ Тоа ја истакнува улогата на заедница, чувството за заедничарање, за споделување, коешто е неопходно за спасението. Тоа значи дека кога јас ќе ја пронајдам вистината, треба да се трудам да ги повикам и другите во таа света вистина. Соборноста има пресудна улога за богопознанието и таа Му е особено мила на Бога.

За да бидеме, пак, свидетели на Христа, да можеме да ја запалиме Неговата светлост во нечие срце, неопходно е најнапред да го разгориме сопственото срце со пламенот на Неговата љубов. А тоа ќе го постигнеме, рековме, со искрена вера, незлобливост, со едноставноста на чистото срце. Да се потсетиме за момент на средбата на Натанаил со Христос и на Спасителовите зборови упатени кон него: Еве вистински Израелец, во кого нема лукавство! (Јован 1,47) Нема лукавство – тоа не значи дека Натанаил бил безгрешен, дека никогаш не излажал. Господ ги знае човечките мисли, знае дека се тие суетни (Псалм 93,11) и секој човек е лажливец (Псалм 115,2), вели срцезналецот пророк Давид. Меѓутоа, Натанаил бил вистински, автентичен човек, без задни и лукави замисли и интриги. За него црното било црно, белото било бело, лагата била лага, вистината – вистина. Бил човек со чисто и искрено срце и пред Бога и пред себеси. Тоа ни дава поука да бидеме и ние вистинити, автентични, исправни; да се трудиме секогаш да одиме по Божјата правда.

„Дојдете, верни, да видиме каде се роди Христос!“ Во просторот и во времето, Господ Исус Христос се роди во градот Витлеем, што во превод од еврејски значи: домот на лебот. Симболично, ова значение се пренесува на Црквата Христова, каде секој храм е дом Божји, а лебот е Христос. Во олтарот на храмот, на светата трпеза, на секоја Литургија се раѓа Христос, предавајќи ни се за наша наслада и храна, за вечно блаженство. Не како храна што се распаѓа, туку како јастие и питие за вечноста: Јас сум лебот на животот… ова е леб што доаѓа од небото, и оној, кој јаде од него, нема да умре. Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно (Јован 6,48-51).

Да се потрудиме, мили мои, да стекнеме чисти срца, да бидеме прави пред себеси и пред Бога, едноставни како Пастирите, Мудреците и Апостолите, за да се всели во нас едноставниот Христос. Да бегаме што подалеку од мракот на фарисеите, кој е лицемерието. Христос се родил ноќе, во мракот на овој свет, за да покаже симболично дека дојде за да му изгрее како сонце на овој свет, кој пред Него се наоѓал во една страшна, недогледна духовна ноќ. Изгреа Сонцето на правдата, вистинската светлина, којашто засветли во бедната Витлеемска пештера и ги озари оттаму и времето и просторот, и сè што се наоѓа во нив. Раѓањето на Богочовекот Христос во малата пештера во Витлеем беше и е шлаканица за гордото човештво; шлаканица за гордоста на животот и за егоизмот во нас. Пештерата и Пастирите ни покажаа дека на Христа ништо друго не му е важно од овој свет, освен човечките срца кои сака да бидат смирени и едноставни, за да ги направи Свои живеалишта. Да Му дадеме, затоа, и ние потслон на Христа, како што некогаш го направи тоа сиромашната пештера во Витлеем.

Во продолжение следува Светата Евхаристија, во текот на којашто ќе се помолиме и Светиот Дух ќе ги претвори светите дарови во чудотворни Тело и Крв Христови со коишто накрај ќе се причестиме и на тој начин ќе се соединиме со Христа. Ќе се соединиме, што значи ќе станеме едно со Него, Неговото тело ќе стане наше тело, Неговата крв – наша крв. Тоа е она што ја прави нашата вера не некаква философска апстракција, туку вистински, онтолошки израз на љубовта помеѓу две личности – Бог и човекот.

Родениот во Витлеем денес е Царот на мирот, Кој ги разрушува сите прегради помеѓу нас, подигнати од човечките гревови, егоизам и неправдата. Христос е разрушителот на сите неправди и на сите поделби, напластувани меѓу луѓето преку омразата и себељубието. Ако сакаме да се наречеме Негови вистински ученици мораме да дадеме сè од себе, за да ги надминеме овие поделби и да се исполниме со Неговата љубов. Иако денес во многу храмови и на многу места се зборува за Христос, гледаме, за жал, дека голем дел од Христијаните не се такви какви што Господ сака, односно како смирените пастири. Затоа, повеќе од сè друго, да се уподобуваме на нив, та со смирени и едноставни срца да станеме сведоци на големата тајна на Рождеството, која на светото му донесе неизмерна радост.

Благословот на во пештера родениот Спасител нека биде со сите вас!


Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител