Крстот – светлина во долината на плачот

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Светата Литургија на празникот Крстовден во Рајчица, по читањето на Светото Евангелие, на 14/27 септември 2025 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени во Христа, ја славиме денес светлата и спасоносна тајна – Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов. На овој ден, големата царица Елена, мајка на светиот рамноапостолен цар Константин, заедно со Ерусалимскиот патријарх Свети Макариј, го издигнала во Светиот град пред очите на светот животворното Дрво, на коешто беше распнат нашиот Спасител Господ Исус Христос, и сиот народ се поклонил пред него со голема радост и благоговение.

Од свештената историја дознаваме дека Крстот бил сокриен речиси три века, исфрлен од христоборците близу Голгота, закопан в земја, далеку од очите на луѓето. Но Господ, во Својата промисла, благоволи да се открие во определеното време и победоносно да се издигне, за да се освети целиот свет преку него. Оти, христијаните го освоија светот не со оружје, туку со богоугодниот свој живот, коишто иако три столетија беа безмилосно гонети од најсилната држава на тоа време – Римската империја – сепак победија преку кроткоста, смирението и љубовта Христови. Наклеветувани како „разорувачи на државниот систем“ и отфрлени заради тоа што не им се поклонувале на идолите на паганската империја, христијаните живееле според заповедите на Евангелието и биле светлина на светот. Тие, со силата на крстоносењето и со подвигот на верата, го преобразија ликот на тогашното човештво.

Царицата Елена, просветлена од верата, Го спознала Христа и станала христијанка уште пред својот син. Таа видела како христијаните живеат полни со благодат и како нивната вера е благословена и вистинска. Затоа и со мајчинска љубов го поучувала Константина да тргне по исправниот пат и да Го исповеда единствениот вистински Бог. Но срцето на царот долго време било тврдо, како на земски владетел и освојувач, тешко прифаќајќи ја верата на смирението и крстот на љубовта.

Но пред цар Константин се исправило едно големо искушение: требало да се соочи со многу побројна војска од неговата и да го обедини царството, коешто било разделено. Додека размислувал, обземен од грижи и неизвесност како ќе излезе пред својот силен противник Максенциј, сред бел ден видел на небото светол крст составен од ѕвезди, а под него било напишано: ἐν τούτῳ νίκα  – „со ова победувај“. Во исто време слушнал и глас кој му заповедал сите негови војници да ги украси со ова непобедливо оружје на спасението – со Крстот Христов. Така, Константин наредил да се изработат знаци на крстот на штитовите на војската, на нивните униформи, и пред нив да се кренат војнички бајраци со светото знамение. И според Божјата сила, иако со многу помала војска, Константин чудесно го победил својот непријател. Преку ова чудо неговото срце се отворило за верата во Христа. Заедно со својата мајка, света царица Елена, тој вложил многу средства за да се пронајде Чесниот и Животворен Крст и за да се изградат велелепни Божји храмови на светите места во Палестина. Со голема љубов, царицата Елена изградила многу цркви; најнапред, величествениот храм на Воскресението Господово, на местото каде што се Пресветиот Гроб и Голгота, каде што беше распнат и погребан нашиот Спасител.

Мили мои, овој празник го славиме четириесет дена по Преображението Христово. И тоа не е случајно. Зашто самиот настан на Преображението се случил четириесет дена пред распетието на Синот Божји. Христос таму, на гората Тавор, ја покажа на Своите ученици Својата Божествена слава, за да ги утеши и за да им открие дека Крстот што претстои ќе биде врата кон Царството Божјо и победа над злото. Учениците тешко можеле да сфатат како Оној Кој им заповедаше на ветровите и морето да стивнат и тие го слушаа;[1] како Оној Кој нахрани пет илјади луѓе со пет лебови[2], и Кој исцелуваше безброј болни и направи толку многу чуда, па дури и мртви воскресна – ќе биде предаден во раце на грешници, понижен, биен и најпосле распнат. Тоа е надразумна тајна, којашто човечкиот ум тешко ја прима. Затоа Господ ги зеде Своите тројца ученици, Петар, Јаков и Јован, и пред нив ја откри Својата слава на Тавор. Евангелието сведочи дека лицето Негово светеше како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина[3], но Он покажа само мал дел од славата Своја, онолку колку што човечката природа можеше да издржи. Имено, знаеме од Писмото дека човек не може да Го види Бога и да остане жив[4]. Затоа Он се понизи, ја сокри Својата Божествена слава и се облече во човечко тело, станувајќи во сè сличен на нас, освен во гревот[5].

Ние, возљубени, сме сведоци во Црквата и го живееме она што старозаветните пророци го предвидуваа за Домостројот на спасението: дека Бог ќе дојде, ќе се воплоти и човекот ќе стане едно со Него. Целта на Христовото доаѓање е човекот да се соедини со Бога. Затоа Синот Човечки се воздигна на Крстот, за преку Своето распетие да нè совоскресне и нас, и да нè совознесе во небесата[6]. Затоа денес Царството небесно е полно со светии и праведници, кои нè очекуваат во небесната Црква, во Црквата победничка. А ние, овде на земјата, сме во Црквата која сè уште војува против злото во овој свет. И како војуваме? Не со човечко оружје, како што рековме, и не против нашите со-луѓе, туку најнапред против злото во нас самите, против нашите страсти што нè обвиткуваат. Ако сакаме да бидеме со Христа, мора секојдневно да ги замолчуваме, да ги победуваме и да ги сведуваме во немоќ. А борбата со страстите е крст. Секој подвиг, секое откажување, секое лишување, секоја борба за добродетел е крст. Затоа Спасителот вели: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене[7]. Без крст нема воскресение; каде што нема крст, нема ни вознесение, нема возвишеност, нема убавина.

Затоа, возљубени, да го засакаме Крстот. Зашто преку него се преобразуваме од чеда на паднатиот Адам, кој се распадна во измамливите похоти[8], во чеда на Новиот Адам – Христос, Кој се распна за нас на Голгота и Кој нè совоскресна и нè совознесе со Себе во славата на Отецот.

И затоа, како христијани, ние сме вооружени со крстот. Ние постојано го носиме крстот Христов во себе и на себе. Како што велат отците на Црквата: крст носат сите што живеат во овој свет. Но различна е смислата на оние кои го носат со вера и надеж во Воскресението. Не мислете, возљубени, дека Христос нè повикува да го носиме крстот само за да нè оптовари или ожалости. Некој би рекол: „Зошто Господ не ни вети нешто што ќе нè радува секојдневно со овоземска радост?“ Меѓутоа, ние знаеме дека според слободната волја што Бог му ја дарувал на човекот, овој свет тој го претвори во „долина на плачот“[9]. И затоа не постои друго спасение освен преку Крстот. Затоа сите луѓе носат крст – и праведни и грешни, и оние што веруваат во Христа и оние што не веруваат. Но важно е да знаеме: оние кои го носат својот крст со вера и надеж во Христа, свесни дека Крстот води кон Воскресение и Вознесение, тие го наследуваат Царството Отецот и Синот и Светиот Дух.

Првите христијани се токму тие што ја уверија света Елена да поверува, и што го смекнаа тврдото срце на цар Константин за да стане Христов ученик. Тие не зедоа оружје во своите раце, туку се уподобија на Христа: беа смирени како Него, Кој рече: Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце[10]. Со своето кротко сведоштво, тие го поведоа целиот свет кон Христа. И колку маченици имало во тие први векови! Тие дури и ги благословуваа, читаме во житијата, своите мачители, како што Господ од Крстот извика: Оче, прости им, оти не знаат што прават[11]. Еве го, возљубени, заклучокот што треба да го изведеме, за тоа какви христијани треба да бидеме ние денес. Црквата со празниците нè потсетува на тоа, бидејќи природата човечка е непостојана и лесно заборава. Затоа овој празник, Воздвижението на Чесниот Крст, поставен во IV век да блеска пред очите на целиот свет, е ново потсетување за Голготската жртва. Секоја година, четириесет дена по Преображението, Црквата нè повикува повторно да си спомнеме на Крстот Христов и да станеме вистински, добри христијани, светлина за овој свет. Оти Господ вели: Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светило се пали и става под поклопец, туку на свеќник, и им свети на сите в куќи[12].

А што е „поклопецот“, мили мои? Тоа се нашите многубројни страсти што нè обвиткуваат. Поклопец може да бидат и сите овоземски грижи, на кои премногу им даваме значење. И ако не Го поставиме Христа над сè во нашиот живот, тогаш светлината во нас почнува да слабее. Малку по малку, околу нашето светило се натрупуваат непотребни нешта, кои создаваат поклоп, и светилката згаснува. Затоа Христа треба да Го ставиме над сè. И не плашете се: ништо нема да изгубиме доколку Христа Го поставиме на првото место. Напротив, сè ќе добиеме. Како што вели Евангелието: Барајте го најнапред Царството Божјо и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придодаде[13]. Господ секогаш дава повеќе отколку што очекуваме. Како што ѝ даруваше на света царица Елена и на светиот цар Константин, преку кои се роди едно христијанско општество што беше пример за целиот свет и го преобрази тогашното човештво. Така е и денес: и ние сме повикани да го правиме истото, во секој однос, во секојдневниот живот. Нашето срце треба да стане една христијанска работилница, во која ќе се одржува пламенот на светлината Христова. Вие сте светлина на светот. Значи, должни сме постојано да работиме за нашето светило да гори и да свети, прво во нашиот дом,  во срцето наше, а потоа и во целиот свет.

Амин!

Нека свети во сите нас светлината Христова!


[1] Матеј 8:26-27.

[2] Матеј 14:19-21.

[3] Матеј 17:2.

[4] сп. Исход 33:20.

[5] сп. Евреите 4:15.

[6] сп. Ефес. 2:6.

[7] Матеј 16:24.

[8] Ефес. 4:22.

[9] Псалм 83:6.

[10] Матеј 11:29.

[11] Лука 23:34.

[12] Матеј 5:14-15.

[13] Матеј 6:33.