На што се восхитуваме?

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски и игумен на Бигорската свештена обител г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба за празникот Усекновение на чесниот Претеча, на 28 август/10 септември 2025 лето Спасителово


Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!

Високопреподобни и чесни отци,
преподобни монаси и монахињи,
возљубени браќа и сестри во Христа,

Му благодариме вечерва на големиот пророк, претеча и крстител Господов свети Јован, што нѐ удостои и оваа година да застанеме во молитва на неговата главна слава и да го прославиме сечесниот спомен на отсекувањето на неговата свештена глава, овде, во овој благословен и свет манастир, каде што, по милоста Божја, веќе три децении повторно цвета монашкиот живот.

Во текот на оваа вечерна богослужба, полна со благодат и благодарење, мислата ми се врати назад во минатото, пред триесет години, на денот на првата манастирска слава. Сеќавањето е сѐ уште живо: надвор, во дворот, народот беше многуброен, можеби и повеќе од сега, затоа што тогаш христијаните од овој крај сѐ уште беа овде, не беа иселени. А беа тоа и деведесеттите години, кога по падот на атеистичкиот режим, верата некако почна повторно да излегува на виделина. Но тоа беше повеќе нејзина надворешна, а не суштинска, литургиска пројава. Имено, мнозина коишто дотогаш не сакаа ниту да слушнат за верата, по крајот на едноумието почнаа да трчаат по цркви и манастири, но не заради самата Литургија, не заради Христа, туку заради обичајот, заради јадењето, пиењето, веселбата, орото… За да покажат, можеби, колку се „големи Македонци“ или „големи православци“. А во самата црква, за време на светата Литургија, присуствуваа едвај триесетина души, и тоа главно наши блиски. Кога излегувавме надвор, пак, во дворот гледавме нешто сосема поинакво – луѓе распеани, пијани, со искршени шишиња насекаде, со музика што ја надгласуваше молитвата… Една болна и тажна слика.

И тогаш си реков: ни претстои голема задача. Не нѐ донесе овде случајноста, туку проповедникот на покајанието, великиот свети Јован. Тој, којшто го подготвуваше патот Господов, нѐ повика да ја продолжиме неговата мисија – конкретно, да го подготвуваме овој народ кој географски битисува овде, да ги подготвуваме срцата на луѓето за присуството на Синот Божји во Црквата; да ги учиме дека Господ Христос е присутен на секоја света Литургија, за да нѐ освети, да нѐ причести, да нѐ направи едно со Себе. И така, започнавме со најважното – со воцрковувањето на народот. Да го запознаеме со литургискиот живот, со суштината на постоењето во Црквата. Зашто, доколку некој народ не се запечати на Литургијата, со Телото и Крвта Христови, ако не се определи за вечноста, ако не разбере дека неговото предназначение не е овде, туку во Царството Божјо, тогаш на тој народ му се заканува исчезнување.

Погледнете, возљубени, колку сме денес намалени како народ. Каде е нашиот подмладок? И не мислам само на нашата татковина. За жал, целиот христијански свет е во една сериозна есенцијална криза, во една страшна духовна пустина. Деновиве прочитав, бидејќи беше актуелен почетокот на новата школска година, дека во нашето мило Маврово, во блиското соседство, се запишале само три првачиња. На други места – уште помалку. Ова треба многу да нѐ загружува.

Зошто е тоа така? Затоа што како народ, не се запечатуваме доволно на светата Литургија, не се соединуваат нашите души со Христа. Живееме без покајание, без осветување, привлечени од овоземските наслади, од гревовите, од страстите што го обземале и царот Ирод. Да погледнеме во евангелскиот расказ: на што се воодушевувал Ирод? Не се восхитувал во срцето на силниот, пророчки збор на свети Јован, кој го потресувал и отрезнувал народот како глас на пророкот Илија. Сите велеле дела Илија се јавил повторно – таква сила имал Јовановиот повик. Луѓето трчале од сите страни да ја видат неговата појава. Но Ирод не се воодушевувал од тоа. Не бил трогнат од словото на животот, туку од играта на една распуштеница, воспитана и научена во бесрамност од својата мајка – истата таа што живеела со него, иако била негова снаа, жена на неговиот брат кој сѐ уште бил жив. И свети Јован, правдољубив и бестрашен стражар на вистината, не можеше да молчи. Го изобличи гревот јавно, му кажуваше на царот: „Не ти е дозволено да ја имаш жената на братот свој!“ Но наместо да се покае, блудната Иродијада се возгневи уште повеќе и сакаше да го замолчи пророчкиот глас, да ја угаси светлината на совеста. На својот роденден, помрачен од страста, Ирод се воодушеви од срамниот танц. И заслепен од телесната возбуда, даде заклетва дека ќе ѝ даде сè што ќе побара. Таа, пак, научена и наполнета со злоба од мајка си, ја побара на табла главата на свети Јован Крстител.

Која глава, возљубени? Таа света глава која Го препозна Синот Божји уште во утробата на мајката, така што и ангелите се воодушевуваа пред неа. Главата Јованова, главата на најголемиот роден од жена, според сведоштвото на Самиот Господ. Таа, неговата глава беше носена како ѓубре од една блудница, како што слушавме, и беше фрлена на нечесно место. Видите што прави неморалот, и гревот, и блудот. Особено кога тие се зацаруваат во срцата на оние што управуваат со народот. Оти неправдата кај оние што владеат, особено кога без страв Божји ги трошат средствата народни, е тешко проклетство – не само за нив, туку и за целиот народ кој трпи под нивната власт.

И токму тоа се случило со Ирод. Преку својата нечистота не само што се самоуништи, туку го повлече и народот со себе во бездна. Затоа, да се пазиме, мили мои, што нè воодушевува во овој живот. Да се воодушевуваме од светителите, од праведниците, од луѓето кои Го носат Христос во себе. Тие нека ни се пример. Нивните животи нека нѐ инспирираат и водат. Фала Му на Бога, и денес им добри луѓе и светии, скриени праведници кои со своето смирение го крепат светот. А ние не сме повикани само да бидеме „добри“ во морална смисла. Ние сме повикани да станеме обожени, осветени, да станеме потполно деца Божји, да бидеме светлина на овој свет.

Да не дозволуваме поклопот на овој свет – сите тие страсти, похоти, суети, лукавства, завист и злоба – да го покрие нашиот светилник. Не се става светилник под поклоп, вели Христос, туку на свеќник, за да им светли на сите во домот. Колку мудро и силно зборува Господ! Оти Он нè предназначил да бидеме светлина на светот, да бидеме светила.

А кој е посјајно светило од свети Јован, Претечата Господов? Та, тој ја осветли човечката историја, го осветли патот до спасението, до Христа. Тој беше предвесник, но и сведок. И сега, возљубени, и нас, макар и грешни и недостојни, Господ нè нарекува „светлина на светот“. Да не дозволиме нашата светлина да ја изгаснат страстите и соблазните на светот. Затоа, да не се угледуваме на Ирод, туку на милиот ни свети Јован. Да не се воодушевуваме од лажното, од неприличното, од нечесното, од празното. Воодушевувајте се од смирението, од молитвата, од покајанието. И така, како што чувствуваме и денес, на оваа света манастирска слава – мирно, свето, благодатно – да го живееме животот во Христа, со умиление, со благодарност, со страхопочитание и со духовна радост.

Сега, по триесет години подвиг и проповед, гледаме дека има повеќе воцрковени верници отколку што имаше тогаш во дворот, пред триесет лета. А Дебар, некогаш значајно христијанско средиште, денес брои едвај шеесетина православни куќи. Истата погуба ја снајде и Мијачијата. Во Маврово, како што слушнавме, само неколку деца зачекоруваат во училишните порти. Но, вие, возљубени, сте квасот. Квасот на христијанството во оваа земја. Секој христијанин, доколку вистински се кае, доколку ја прими во себе благодатната порака на свети Јован Крстител – „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно“ – може да стане чудотворец, може да стане дете Божјо. Да се биде светило на светот – тоа е вистинско чудо денес. Тоа е најголемо чудо. Чудотворно е денес да даваш добар пример. Да живееш евангелски меѓу мракот во светот. И Господ ќе ја благослови секоја таква желба. Ќе нѐ поткрепи. Желбата да се биде добар, Господ ја пречекува со благослов. А уште повеќе ја прегрнува желбата човекот да се обожи – оти тоа е неговото највозвишено предназначение. Тоа обожување, пак, започнува со едноставната, но искрена желба да бидам Христов човек.

Му благодариме на свети Јован Крстител, браќа и сестри, монаси и монахињи, што овој манастир, не случајно, го направи мајка обител на целата наша монашка заедница. Тој, Крстителот, го повика и го возобнови монаштвото во оваа осветена долина на Радика. Тука започна покајанието – не само за нас, монасите, туку и за множества верници. И морам да напомнам – не заради мене, грешниот, не заради браќата и сестрите, туку заради вистината: да не се заборави делото Божјо, кое низ историјата се пројавува преку монасите. Тие беа проповедници на вистинскиот црковен живот. Тие го повикаа народот на покајание. Со проповедта на монасите започнаа луѓето да се исповедаат, да осознаваат што значи да се живее литургиски, да се причестуваат, да се обнова духовниот живот. Во тоа време тоа беше голема борба. Оти голем дел и од црковните луѓе не разбираа. Мнозина не знаеја што значи причест. Додека свештениците се причестуваа на секоја Литургија, народот се држеше понастрана – по четири пати во годината, за време на големите пости. Па, кој ќе се спаси без Христа? Кој ќе се исцели без да го прими Лекот на бесмртноста? Светата причест не е награда само за праведниците; таа е, пред сѐ, лек за болните. Лек за нас, грешните. За оние што плачат, што се каат, што бараат спасение.

И еве, Свети Јован милиот, големиот Пророк, Претеча и Крстител, најголемиот роден од жена, присутен овде, во нашиот манастир, во ова свето духовно прибежиште, токму на рабовите на едно време кога гледаме залез на христијанството, ќе најде начин, со силата дадена му од Бога, ќе направи чудо. Како што и некогаш, кога Евреите се гордееја со своето потекло, Господ им рече: „Не се фалете дека сте чеда на Авраам, зашто Бог и од овие камења може да издигне чеда на Авраама.“ И ќе издигне. Ќе издигне Господ христијани, ќе ги повика, ќе ги просветли. Сите деца на овој свет Му се возљубени. И ако денес се наоѓаат во различни вери, кои не се богооткриени, кои не се верата на откровението, Он ќе ги привлече. Зашто е милостив. Зашто сака да се спасат сите и да дојдат до познание на вистината. Но, прашањето е: ние, кои сме сега овде, во богооткриената вера, што правиме? Каков пример даваме? Нè гледа светот. И според нашиот живот ја оценуваат нашата вера. Па затоа, најмногу свети Јован може да ни помогне – да го разбереме нашето предназначение, нашиот призив: да бидеме деца Христови, да бидеме луѓе обожени, да бидеме светлина во мракот на овој свет.

Со неговите силни молитви, нека се застапува за нас пред престолот Божји, та до крајот на светот и векот овој манастир да ја исполнува својата мисија – неговата мисија на покајничка проповед. И оние кои живеат во него, и оние кои ќе доаѓаат, нека ја прифатат неговата свештена порака: „Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно.“

Нека ни е честита и благословена манастирската слава! И да даде Бог до година повеќе првачиња да имаме. Да не престануваме да се молиме и да се преумуваме. За многу години!

Амин.