Победоносецот кој ги собира заедно земните со небесните

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, на вечерната богослужба во чест на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во бигорскиот метох во Рајчица, изговорено на 5 мај 2025 лето Спасителово


Христос воскресе!

Високопреподобни и чесни отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Возљубени во Христа браќа и сестри,
,

Му вознесуваме благодарност на човекољубивиот Бог, Кој и годинава нè удостои да го празнуваме чесниот спомен на светиот великомаченик Георгиј Победоносец – тој преславен дијамант меѓу светиите, украс на Црквата Христова и постојан застапник на верните.

Голема е славата на Свети Георгиј и огромни се љубовта и почитта што Христијаните од сите краишта на светот ги покажуваат кон него. И навистина, љубовта на Црквата кон овој Великомаченик се потврдува преку безбројните храмови што се изградени во негова чест. И не само храмови, туку и цели земји и држави се именувани според неговото прославено име. Така, на пример, древната земја Георгија, којашто ние ја нарекуваме Грузија, со право се смета за земја на Свети Георгиј. Исто така, и државата Џорџија во САД го носи неговото име, како уште еден сведок на неговата сесветска слава и почит.

Зошто светиот Великомаченик е толку возљубен и прославен? Затоа што неговата слава на небесата е јарка и силна; затоа што неговата љубов кон Христа беше сета оган и бескомпромисна  посветеност. Тој, како што дознаваме од неговиот мартирологиум, не ја поштеди ниту својата младост, ниту својот живот, туку самиот себе и сè друго со љубов Му предаде на Христа. Се предаде себеси, сето свое битие, целосно и со срдечна одлучност, во рацете на воскреснатиот и жив Бог и стана жив сведок за Неговото Воскресение, сведок за верата што не умира, туку живее во вековите и над вековите.

Свети Георгиј е еден од многубројните сведоци на Христовото Востание од мртвите, еден од оние кои ја засведочија со животот и со крвта своите вера и сознание дека Господ е жив, и дека секој кој ќе се одрече од себе заради Него, ќе го наследи Царството небесно. Небесата се исполнети со маченици, со ѕвезди од љубов, како што е и Свети Георгиј. Но овој Великомаченик има посебна слава, затоа што е меѓу првите што го запечатиле своето сведоштво во времето кога воскреснатиот Христос сè уште беше гневно гонет, кога Црквата, новородена, сè уште живееше во траурот на првите и сурови гонења.

Како што светите Апостоли ги дадоа своите животи за Спасителот Кого Го видоа, Кого Го почувствуваа, Го опипаа и Го проповедаа со сето срце, така и нивните следбеници, нивните духовни чеда – меѓу кои и овој благороден и храбар војник од римската војска, трибун и сведок –се покажаа како непобедливи бранители на верата. Неговото маченичко страдање, како што ни сведочи житието, не остана бесплодно и без новопросветлени сведоци: самата царица Александра, жената на императорот Диоклецијан, гледајќи го страданието на Светиот, се обрати кон Христа, заедно со многумина очевидци што биле присутни. И тие како него, ја запечатија својата вера со маченичка смрт, станувајќи жители на небесниот Ерусалим.

И секогаш кога доаѓаме овде, на овој светол ден, во овој свет манастир, и кога си споменуваме и го чествуваме животот и мачеништвото на Победоносецот, чувствуваме, во тишината на срцето, дека Светиот е овде со нас. Секогаш доаѓа. Особено на неговиот ден, на неговата слава, неговото присуство е опипливо, благодатно, тивко, но живо.

А ние кои живееме во неговиот дом, во неговиот свет манастир, сме повикани да даваме духовен отчет за неговата слава. Знаете, за оние кои живеат во манастирот на Свети Георгиј, времето не се мери според световниот календар, туку од една слава до друга, од еден годишен спомен на Светиот до следниот. Оти, токму тој е домаќин тука. И ние нему треба да му дадеме отчет какви бевме, колку му служевме, со колкава љубов, со колкава жртва се подвизувавме. Колку се потрудивме, дали повеќе од силите што ги имаме – зашто, само кога човек се труди повеќе отколку што може, тогаш тоа се смета подвиг; тогаш Бог ги засилува нашата желба за богоугоден живот и ја пополнува нашата немоќ со Својата сила.

Во една од литијните стихири што ги испеавме вечерва, чувме дека „светлиот борец Георгиј, во своето славно мачеништво, ги весели горните Сили и ликувајќи сега со нив, за верните на земјата собра празнично собрание и нè повикува нас, кои сме собрани заради него, да празнуваме заедно, бидејќи тој се покажа како слуга Христов“. Светиот, значи, доаѓа од небото за да нè повика, да нè собере сите, во чест на својот годишен спомен. Но не заради себе, туку за да нè собере околу Христа. Да не нè остави растурени, туку да нè приведе кон единство. Утре ќе имаме Божествена Евхаристија и сите ќе се собереме околу Царот, ќе се соединиме со Него и едни со други, ќе бидеме едно во Христа. Оти, токму тоа беше молитвата на Господа пред Неговото доброволно страдание, во Гетсиманската градина: Да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно (Јован 17,21). И преку Светата Литургија, ние навистина стануваме едно со Христа, практично и онтолошки. И со небото се соединува душата наша, со сите светии, со сите праведни духови, со сите што се упокоиле во надежта за воскресение и живот вечен. На Литургијата, сите сме едно. Не постои повеќе ни време, ни место – постои единство во Светиот Дух. И утре, по благодатта Божја, ќе го отслужиме споменот на Свети Георгиј и ќе го направиме највозвишеното: ќе ја принесеме Светата Евхаристија – таа Тајна над тајните, во која Светиот се соединува со нас, а ние се соединуваме со Христа.

Овој свет храм, мили мои, кој подолго време беше оставен и заборавен, како некој пуст и тажен агол во светот, денес сведочи за едно големо чудо. Сведочи дека Светиот Георгиј, силниот и бестрашниот во Господа, го измоли од Христа ова духовно воскресение. Го измоли за своето светилиште, за домот каде што тој обитава и се слави. И Господ ја услиши неговата молитва. Повторно го собра народот Божји, повторно го исполни манастирот со молитва и со монашко предание, со возобновен дух, со живот. И еве, повеќе од дваесет години, речиси секој ден се вознесува бескрвната Христова жртва, – тука, на местото што до скоро беше место на запустение, па дури и на поруга, претворено во штала, заборавено од луѓето. Но не и од Светиот, не и од Бога. Затоа, овој храм и овој манастир не се само градба, туку се и едно силно сведоштво за присуството и дејствувањето на Свети Георгиј меѓу нас. За неговите безбројни чуда, кои тивко, но неоспорно и постојано се случуваат. Оти маченикот кој го предал својот живот за Христа, кој Му принесол љубов до крв, има голема слобода пред Престолот Божји. И таа слобода ја употребува не за себе, туку за нас: да измоли милост, да измоли прошка, да измоли заштита за своите Светињи. А Светињите, браќа и сестри мои, не се само свети поради тоа што се изградени или украсени во чест на некој светија, туку затоа што во нив се богослужи, во нив се принесуваат Телото и Крвта Христови. Во нив, во домовите Божји, ние биваме осветувани и благословувани. Преку нив добиваме сила за живот, светлина за душата и мир за срцето. Затоа, секое обновување на еден храм, секое воскресение на една Светиња, не е само градежен чин, туку е дело на Светиот Дух, кој неуморно го собира народот Свој околу Христа.

И пак и повторно му оддаваме благодарност на Светиот Великомаченик Георгиј, што од времето на обновувањето и преосветувањето на овој негов манастир во 2001 година – време тешко, време неизвесно и опасно – до денес, речиси дваесет и пет години, светилникот на неговата Светиња не се изгасна. Напротив, тој блеска, гори, сведочи, го издигнува високо знамето на православната вера, на верата на Крстот, која е вера на победата, на воскресението, на љубовта. И тоа знаме не се вее само за едни, а не и за други. Тоа знаеме е прегратка за сите. Светиот, кој самиот е маченик за љубовта Христова, ја шири таа љубов и меѓу нас и кон секого, без оглед на верата, народноста или каква-годе друга припадност. Зашто Христијанството, знаеме, е космополитско, не во смисла на светска рамнодушност, туку во божествената желба сè да се соедини во едно. Христос дојде да ги собере сите народи во едно тело, во едно Царство, во едно срце. И овде, во овој крај исполнет со различни народности и јазици, ние сме сведоци на тоа чудо. Иако, за жал, денес православните во Дебар едвај можеме да се наречеме малцинство – та, толку сме малку – сепак, заедно со нашите браќа Албанци, со Македонците од исламска религија, со Турците, со Ромите и со останатите живееме во мир, со почит, со взаемна солидарност. А тоа не е само плод на човечки сили; тоа е, пред сè, плод на молитвата на Светиот. Тоа е неговата невидлива, но силна рака којашто нè држи заедно и што ги омекнува срцата дури и на оние што не Го познаваат Христа, но чувствуваат нешто свето и величествено кога ќе се приближат до ова место.


Затоа, уште еднаш, да Му заблагодариме на славниот Победоносец што благоволи и измоли од Бога да стигнеме до ова навечерие на неговиот светол, благословен и преубав спомен. Да му заблагодариме што е наш застапник, што нè чува, што не нè заборава. Да се молиме и понатаму да ни биде спомагател и закрилник, како што нè закрилуваше и досега.

Неговите молитви и благослови да бидат со сите вас! Амин.