Последниот суд – откривање на состојбата на срцето

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на Свештеното Евангелие на Божествената Литургија, во неделата на Страшниот Суд, на 10/23 февруари 2025 лето Господово


Во името на Отецот, Синот и Светиот Дух!

Возљубени браќа и сестри,

Според Божјата милост, се наоѓаме веќе во третата подготвителна недела пред Великиот пост, време на засилена духовна подготовка, кога Црквата преку своето богослужение и мистагогија нè води кон таинството на смирението, на покајанието и на боговидението. Доколку се навратиме на претходните две недели, ќе видиме како преку евангелските четива за митарот и фарисејот и за блудниот син, ни беше откриена бескрајната милост Божја кон грешниците – Неговата љубов, која не осудува, туку секогаш повикува на покајание и обновување.

Денес, пак, Црквата нè соочува со параболата за Второто и славно Христово доаѓање, односно за последниот ден и за Страшниот суд (Матеј 25,31-46). Знаеме дека овој свет има свој почеток – Бог го создал во времето и во просторот – и следствено, сè што е создадено во времето има и свој крај. Господ Исус Христос, опишувајќи го крајот на светот и Своето повторно доаѓање за да ѝ суди на целата Вселена, вели: А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја. Со овој вовед Он ни открива дека ќе дојде во истата форма, во истиот лик, односно со Своето воскреснато и преобразено тело, онака како што Го видоа апостолите при Неговото Вознесение. Тогаш ангелите им рекоа на учениците: Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак на истиот начин како што Го видовте да оди на небото (Дела 1,11). Овие зборови нè повикуваат на будност и трезвеност, потсетувајќи нè дека нашиот живот не завршува овде на Земјата, туку се исполнува во вечноста, кога ќе Го видиме Христа „лице в лице“, во Неговата Божествена слава и блесок.

Впечатливо е како Господ, со зборови блиски и разбирливи за секој човек, го опишува тој величествен и страшен ден, кога сите луѓе од Адама до последниот човек ќе воскреснат и ќе застанат пред лицето Негово. Христос не користи сложени теолошки изрази, туку отсликува пред нас позната сцена од секојдневниот живот: како овчар што ги одвојува овците од козите, така и Синот Човечки ќе ги одвои праведните од грешниците. Едноставноста на овој опис е токму она што најсилно допира до човечкото срце. Со прости зборови искажана најдлабока тајна. Вели дека праведните ќе застанат од Неговата десна страна – страната на благословот и на милоста, а грешниците – од левата страна, која ја симболизира оддалеченоста од Божјата светлина. И еве ги зборовите што Христос им ги упатува на оние оддесно: Дојдете, благословени од мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот. Зашто гладен бев, и Ме нахранивте; жеден бев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте; гол бев, и Ме облековте; болен бев, и Ме посетивте; во затвор бев, и дојдовте при Мене. А на оние одлево ќе им рече: Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте;  странец бев и не Ме примивте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.

Во овие едноставни зборови лежи целата суштина на нашата вера: љубовта кон Бога и кон ближниот. Христос ја открива тајната на последниот суд – дека љубовта е мерилото според кое ќе бидеме (само)осудени. Не е доволно само да веруваме или да ги знаеме Божјите заповеди, туку  и да живееме во согласност со нив во нашиот секојдневен живот. Бидејќи секој гладен, жеден, болен или страдален човек е самиот Христос, Кој ни доаѓа во пресрет, барајќи љубов и милосрдие. И ако тоа го правиме на дело, тогаш уште овде, на Земјата, започнуваме да ја живееме вечноста во заедницата со Него.

И од двете групи, продолжува параболата, ќе Му биде поставено истото прашање на Господ: „Господи, кога Те видовме, та Ти послуживме или не Ти послуживме?“ А Господ ќе им одговори со зборовите кои се сржта на Евангелската порака: „Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле“. Со овој исказ Господ ни открива дека секој акт на љубов и милост кон ближниот е всушност дело принесено Нему. „Најмалите“ се сите оние кои се оставени и заборавени во овој свет, оние кои страдаат во сиромаштија, во осаменост, во болка – било телесна или духовна. Во крајна смисла, секој човек е Негов најмал брат, бидејќи секој човек боледува од гревот и од осаменоста.

Интересно е да се напомене дека прашањето и на едните и на другите: „Кога Те видовме, Господи?“, ја носи длабоката смисла на човековата состојба пред Божјиот суд. Тоа не е обично прашање, туку откривање на внатрешниот став на срцето, на севкупното настроение на човекот. Ова прашање е алегориско, зашто во мигот на Судот нема да има дијалог, туку сè ќе биде откриено одеднаш. Господ нема потреба да ги прашува и да ги ислушува луѓето, бидејќи сè знае однапред. Но токму со тоа прашање се појаснува суштинската разлика помеѓу праведните и грешниците. Првите, тие кротки и смирени, чесни, благодарни и незлобливи души што Го љубеле Бога и ближниот без очекување на награда, прашуваат со скромност и изненаденост, сметајќи дека сè што направиле било недоволно пред бесконечната љубов Божја. Нивниот живот бил исполнет со служење и саможртва, но тие никогаш не си припишале себеси заслуга, туку се сметаат за последни и недостојни. За време на својот скромен и обичен живот тие ја чувствувале тајната на Божјата присутност во секој човек, без можеби да го осознаат тоа свесно. Затоа Господ им вели: „Она што го направивте за еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми го направивте“.

Од друга страна, грешниците не Го препознале Христа во ближниот, бидејќи нивното срце било затворено во себичност и лукавство. Па дури и пред Божјиот суд тие се обидуваат да се оправдаат, со прашањето: „Кога Те видовме?“ – како да сакаат да Го обвинат Господа за неправедна пресуда. Тоа е прашање кое ја разобличува нивната жестокосрдечност, нивната затвореност за љубовта и за вистината. Не се труделе да се смируваат и да се покајуваат, да го омекнат своето срце, да се обвинат себеси, а да го оправдаат другиот – и еве, такви, горделиви и лукави, остануваат дури и пред Бога. И со тоа, самите си ги затвораат портите на рајот.

Нели вакво однесување сме виделе сите? Колку често, возљубени, и ние самите сме се нашле во оваа дилема? Колку пати во животот сме имале можност да покажеме милосрдие, но сме поминале покрај човекот во потреба, не препознавајќи Го Христа во неговото лице? Или, колку пати се обидуваме да се оправдаме себеси, да се прикажеме праведници и пред луѓето и пред Бога? Затоа, параболата за крајот на светот Господ ни ја кажува како предупредување, како сигнал за отрезнување, да видиме до каде сме, да се преиспитаме каково е нашето настроение, нашиот однос кон Бога и кон ближните. Уште, ни покажува дека секој наш гест на љубов или на негрижа не исчезнува во заборавот на времето, туку се впишува во вечноста. Па така, да се сеќаваме дека Христос секогаш стои пред нас – во гладниот, во жедниот, во болниот, во неволникот, во затвореникот, во секој човек пред нас – и чека да биде препознаен со љубов.

Токму преку оваа парабола, Господ ја нагласува важноста на милосрдието. Оној кој во овој живот покажал љубов и милост кон својот ближен, во идниот век ќе биде препознаен од Господ и ќе застане од десната страна, на спасените. Зашто преку своите дела тие се покажале слични на Него, живеејќи го животот според Неговите заповеди за љубов, за справедливост, за милосрдие. Така, оваа парабола не е само предупредување, туку и повик за секој човек да Го препознае Христа во ликот на својот ближен и да живее живот исполнет со добродетели што водат кон вечен живот.

Некој можеби ќе запраша: „Зарем само милостината е доволна за Господ да нè препознае и да нè спаси?“ Секако, зашто сите заповеди се втемелени во љубовта Божја. Човекот не може да прави милостина доколку во себе не носи љубов. И од друга страна, ако љубовта во него е вистинска, тогаш и гревот ќе му биде туѓ. Кој е тој што вистински го љуби својот ближен, а би го лажел, крадел, мамел, или би му нанесувал зло? Значи, оној кој се труди да љуби, ги исполнува и сите други заповеди. Впрочем, подвигот во духовната самопожртвувана љубов носи и вистинско богопознание. Затоа Господ денес, со едноставни зборови, објаснува кои ќе бидат спасени – оние кои Го воспримиле Бог како љубов и го живеат тоа во пракса преку милосрдието.

Видовме дека и оние од левата страна, самоосудните, Го препознаваат Синот Човечки. Тие исто така прашуваат: „Кога Те видовме?“, што значи дека Го препознаваат, но живееле без милостина, без покајание, без љубов. Таквиот живот е состојба на оладеност кон Бога и кон ближните. За жал, човекот во таква состојба го губи чувството за одговорност и реалност. Гревот лесно го опкружува, ја потемнува неговата совест и човекот станува слеп за својата грешност и продолжува да живее во заблуда, обвинувајќи ги сите, но не и себеси. Сепак, милоста Божја е бескрајна, и секој што ќе ја препознае својата болна состојба и ќе побара прошка, ќе ја најде Неговата љубов и ќе се врати во Неговата прегратка, како блудниот син кој се врати кај својот татко. Затоа, да се трудиме да ја чуваме љубовта во своите срца, за да Го препознаеме Христа не само на крајот, туку и секој ден во лицето на нашиот ближен.

Црквата мудро нè подготвува за Светиот и Велики Пост, во кој треба да покажеме особен подвиг за милосрдие. Додека уште трае нашиот живот на Земјата, повикани сме да се подготвуваме со љубов и милостина, за да не се оддалечиме од Господа, туку постојано да Го пресретнуваме во своите срца. Да Го пречекуваме таму преку љубовта и добродетелите, преку молитвата и соединувањето со Неговите Божествени, несоздадени енергии што дејствуваат во Црквата и со кои се преобразуваме и обожуваме. Така Царството Небесно ќе го пронаоѓаме внатре во себе, како што рече Самиот Христос (сп. Лука 17,21). Тоа не е географски простор ограничен со граници, туку состојба на душата во која човекот живее во љубов, мир и вистина.

Параболата што ја чувме ни открива дека токму нашите дела нè определуваат и поставуваат или на десната страна, заедно со праведните, или на левата, заедно со оние што Го одбиле Божјиот повик. Зашто, кога ќе Го видиме лицето Божјо еден ден, тоа нема да биде само суд, туку и откровение на вистината за нашето срце. Тогаш секој од нас ќе ја разбере својата состојба – дали во текот на животот ја примил љубовта Божја или се затворил во себичност и гордост. Иако Господ е милостив и премногу човекољубив, човекот самиот со својата слободна волја избира дали ќе биде со Него или – не дај Боже! – далеку од Неговата светлина.

Но, да не се плашиме! Христос нè повикува кон спасение и секому Му ја подава Својата рака. Тој нè научи дека најголемата заповед е да Го љубиме со сето срце, со сиот разум, со сета душа и со сите сили, и да го љубиме ближниот како себеси. Ако се трудиме да живееме според оваа љубов, како што Он живееше, еден ден ќе го наследиме вечниот живот – животот за кој сме создадени уште од почетокот. Зашто човекот не е создаден за смрт, туку за вечност, за заедница со Бога, во која ќе царуваат светлината, блаженството и љубовта без крај.

Имаме уште една седмица до Светиот и Велик пост. Од оваа вечер ќе ја намалиме храната, отфрлајќи го месото. Следнава седмица ќе биде време на прилагодување, кога е разрешено на млечни производи, а со Чистиот понеделник веќе ќе влеземе во Светата Четириесетница – време на воздржание, на духовно очистување, на покајание и преобразување. Тоа е пат кон светлината на Воскресението, кога секој човек е повикан да се врати кон својот Творец, да го најде својот автентичен живот во Него. Господ нека ни даде ревност и љубов, нека ни ја засили жедта да бидеме со Него, зашто најубаво и најприродно за човекот е да пребива во Божјото присуство. Нека ни даде сили да постиме со смирение и радост, исполнети со надеж за вечниот живот. Амин.