Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на Светото Евангелие, на Божествената Евхаристија во чест на споменот на Светиот отец наш Партениј Лампсакиски, на 7/20 февруари 2025 лето Господово
Ваше Високопреосвештенство, возљубен брате и сослужителе во Христа, Митрополите г. Иларионе,
Високопреподобни, сепреподобни и себлагоговејни отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Возљубени браќа и сестри, духовни чеда на Светата Црква Божја,
Еве, и оваа година – којашто, патем, за мене е посебно значајна, бидејќи навршувам триесет години откако го носам името на мојот небесен покровител, Светиот Партениј Лампсакиски – Бог нѐ удостои да бидеме собрани заедно во овој свет храм и да Му оддадеме благодарност преку литургиската прослава на овој голем Божји угодник и чудотворец. Неговото име, кое го носам со трепет и со љубов, како и со свесност за својата недостојност, за мене не е само спомен, туку постојан повик кон подражавање на неговите вера, смирение и љубов.
Особено се радувам што на овој јубилејен ден со нас е и нашиот драг брат и сослужител, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, некогашен собрат на Бигорското братство. Имено, пред точно триесет години, заедно со него го прославив својот прв именден и оттогаш, како што човековата душа постепено расте во духовниот живот, така и нашето братољубие и единство во Христа се зацврстува сè повеќе. Му благодарам од сè срце на нашиот возљубен и почитуван Поглавар, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан, што со своите архипастирски благопожелби, љубов и молитви го испрати Високопреосветениот г. Иларион да ни се придружи денес, на ова свето литургиско собрание.
Во оваа заедничка радост, да не заборавиме дека секое литургиско собирање е, всушност, предвкус на Царството Небесно, каде што сите сме повикани да бидеме едно во Христа, заедно со сите Светии. Светиите Божји се сведоци на Христовата светлина во овој свет. Тие најсилно и целосно ја исполниле Божјата заповед да бидат светлина, зашто Самиот Господ Исус Христос, обраќајќи се кон сите Свои последователи, ни вели: „Вие сте светлина на светот“ (Матеј 5,14). Сепак, оваа светлина не извира од нас самите, туку ја примаме од Него – од Изворот на незалезната светлина и живот. Како што светителите не блескаат со сопствена светлина, туку ја рефлектираат светлината на Сонцето на Правдата – Христос Бог, така и ние, возљубени мои, сме повикани да ја воспримиме таа светлина и да ја носиме во себе и да ја лачиме во овој свет. Христос нè осветлува, нè облагородува и нè благословува, а најважно од сѐ – нè обожува преку Своите несоздадени Божествени енергии.
Бог е навистина недостижен, неспознатлив и надразумен. Но, преку Неговите несоздадени енергии, ние можеме да Му пристапуваме и да се соединиме со Него. Преку молитвата, особено умносрдечната и преку Светите Тајни на Црквата, Господ ја испраќа Својата благодат и нѐ преобразува. Така, Он гледајќи го нашето срце, ни дава да Го почувствуваме уште овде, во овој живот, вкусот на Царството Небесно. Ова обожение не е само ветување за идниот живот, туку реалност што може да се живее овде и сега. Затоа Светиите нѐ повикуваат да Го бараме Бога со сето свое срце и да Му дозволиме да нѐ преобрази, за да станеме вистински сведоци на Неговата светлина во светот.
Светиите Божји немаат поразлична природа од нашата; и тие се истото што и ние – луѓе како нас, но кои Го поставиле Бога и Неговото Свето Евангелие пред сè и над сè. Тие Му се предале целосно на служба и достигнале до степенот што го опишува апостол Павле: „Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене“ (Гал. 2,20). Ете, таква треба да биде и нашата мера на животот – да се трудиме во сè да Го следиме Христа, да Му станеме подобни, слични Нему, и преку нашиот живот да сведочиме дека Он живее во нас. Тоа го постигнале сите Светии Божји, а меѓу нив и денешниот славеник, Светиот Партениј Лампсакиски, кој бил еден исклучителен архиереј Христов, пастир на народот Божји. Со огромна одговорност и љубов тој ја вршел својата пастирска служба, водејќи го доверениот му народ кон Бога, како што тоа го бара од секој духовник Самиот врховен Пастир, великиот Архиереј Господ Исус Христос.
Следствено, не е случајно тоа што на денешната литургиска прослава Црквата предвидела да се чита апостолот и евангелието за Добриот Пастир. Повторно чувме дека Христос е Вистинскиот Пастир и Вратата преку која сите ние влегуваме во животот вечен. Секој кој сака да биде пастир на народот Божји треба да живее со Христа и во Христа, водејќи ги луѓето кон Него. Христос е единствениот пат, вистина и живот – Он е нашиот императив и нашата цел. А Светиите Божји, преку својот живот и подвиг, се нашите патокази кон Него – живи сведоци на Неговата љубов, светлина и милост, кои ни покажуваат дека и ние сме повикани да го најдеме и живееме Христовиот начин овде и сега.
Возљубени, да не заборавиме дека сите ние сме повикани кон светост, зашто призивот кон свет живот не е резервиран само за одредени луѓе, туку е дар и задача за секого. Господ Исус Христос во Евангелието ни вели: „Мнозина се повикани, но малкумина избрани“ (Матеј 22,14). Овие зборови немаат елитистичка смисла, не значат дека Бог си избира само неколкумина, туку дека избрани се оние кои со љубов и слободна волја ќе Го послушаат Неговиот глас упатен кон секого и ќе тргнат по Него. Светоста не е нешто недостижно – тоа е плод на секојдневното соединување со Бога преку љубовта, молитвата и Светите Тајни.
Црквата постојано нѐ потсетува на ова предназначение. Еве, на секоја Божествена Литургија, во мигот кога свештеникот го подигнува Агнецот Божји и вели: „Светињата за светите!“, нѐ повикува да станеме достојни причесници на Телото и Крвта Христови, за преку нив да се осветиме и преобразиме. Овој повик е знак дека сите ние, како дел од Телото Христово, сме повикани да бидеме светлина во светот. Да не заборавиме дека светоста започнува со љубовта кон Бога и кон ближните, со простувањето и со смирението. Нека секој од нас се потруди да одговори на овој повик, зашто само во светоста на животот ќе ја најдеме вистинската полнота и радост во Христа, Кој е непресушниот источник на светлината и на животот во радост.
Нека денешниот славен Светител Партениј Лампсакиски, Чудотворецот Христов, кого Црквата Божја го прославува и велича од едниот до другиот крај на светот, ни биде молитвен застапник и пример за нашите животи. Неговото светло житие нè потсетува на повикот кон светост и на потребата да се трудиме во секој миг да живееме според Евангелието. Како што тој Го прослави Христа на Земјата, така и ние сме повикани со своите дела да Го сведочиме нашиот благ Спасител во овој свет.
Уште еднаш и пак со целото срце му благодарам на мојот возљубен брат, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, кој со своето присуство и со своите молитви денес ни ја збогати оваа духовна свеченост. Неговото братско присуство е сведоштво на соборноста и единството што ни е дарувано во Црквата.
И на сите вас, драги браќа и сестри, најтопло и најдлабоко ви се заблагодарувам за вашето светло присуство и за љубовта што ја носите кон нашата Света Обител. Сега, со духовна сосредоточеност и со молитвено расположение, да ја продолжиме Светата Евхаристија, зашто во неа нè очекува вистинската средба со нашиот најсакан Христос.