Свети Георгиј и Литургијата на заедништвото

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија на споменот на Светиот Великомаченик Георгиј Победоносец во Рајчица, на 6 мај 2023 лето Спасителово


Возљубени,

Се собравме денеска литургиски во овој свет храм, за со еднодушно славословие да го прославиме светиот великомаченик Георгиј Победоносец – еден од најславните исповедници и маченици, верен сведок за вистинитоста на нашата православна христијанска вера, светец возљубен и почитуван од целиот христијански свет.

Со Своето славно Воскресение и Вознесение на небесата, Бог му подари на човекот неискажливо достоинство. И Свети Георгиј, заедно со сите светии, е жива потврда на тоа достоинство, на тоа возвишување на човечкиот род во небесната реалност. Зашто, по Вознесението на нашиот Господ Исус Христос, Кој од љубов кон човекот прими тело од Пресветата Дева и стана како еден од нас, Он седи оддесно на Бога Отецот, како што исповедаме во Символот на верата. Он, како Бог, е насекаде присутен и сè исполнува, но како човек и телесно седнува оддесно на Отецот. И додека беше на земјата, беше едно со Отецот, но, станувајќи човек, прими сè што е човечко, освен гревот, и со тоа го вознесе нашето тело, нашето човештво, во вечната слава. Телото Христово, сега прославено, седи таму, така што Богочовекот Исус Христос е првина од сите мртви, патот и вратата кон животот вечен. Затоа, сите ние, преку Него и во Него се спасуваме, и преку Него се исполнува Царството небесно. Он е Главата, а светителите – меѓу кои Свети Георгиј блеска со особена светлина – се членови на тоа живо тело што го сочинува небесниот собор на оние кои Му угодиле на Бога.

Пред Воскресението Христово, душите на луѓето, па дури духовите на праведниците, биле во состојба на тага, на исчекување, биле како успиени, отуѓени од полнотата на животот. Смртта владеела насекаде. Но со Своето славно Воскресение, Господ Исус Христос ги повика сите тие души од темнината. Слезе со Својата бесмртна душа, соединета со Божеството, во длабочините на Адот и ги повика оттаму пророците, праведниците, ги отвори царските двери на духовниот, небесен свет и им даруваше пристап до светлината, до заедницата со Бога. Го оствари токму она што е целта на секој човек: да општи со Бога, да биде едно со Бога, да стане обожено битие во Христа Исуса. Тоа е крајната цел на човечкото суштествување – не само да верува, туку да се соедини со Оној Кој го создаде.

Свети Георгиј и сите светии се сведоштво за ова обожение, за оваа тајна на спасението. Тие не се само добродетелни луѓе, туку се плод на Христовото дело. Зашто, ако немаше светии, ако немаше живи сведоци на Христовото Воскресение, тогаш Евангелието ќе останеше само една возвишена мисла, една прекрасна теорија, но без сведоци и без потврда во праксата. А, Црквата живее со светиите. Господ тоа така прекрасно го уреди: уште од самиот почеток, Своите ученици ги направи очевидци на Воскресението. Тие не само што Го видоа воскреснат, туку Го допреа, разговараа со Него, јадеа со Него, Го опипаа телесно и духовно – и потоа, со слегувањето на Светиот Дух, се преобразија во бестрашни проповедници и сведоци на оваа вистина.

Оваа вистина не престанува. Не е еднократна. Таа живее во Црквата и денес, живее веќе две илјади години. Безброј се сведоците, како Свети Георгиј, како мачениците, како исповедниците, како преподобните. И секој Христијанин кој е крстен во името на Исуса Христа ја носи во себе таа иста бесмртност; ја носи таа иста благодатна можност да биде сведок на Воскресението, со животот свој, со верата, со љубовта, со трпението.

Можеме слободно да кажеме, и тоа со длабоко уверување, дека Христијаните се разликуваат од припадниците на сите други религии во светот, не по гордост, туку по дар. Зашто ние, кога влегуваме во Црквата, не доаѓаме само да поверуваме, туку да се обожиме. Преку Светата Евхаристија, преку Светата Причест, ние Го примаме самиот Господ на славата, не како мисла, не како апстракција, не како спомен, туку во Неговото вистинско Тело и Крв. И така, ние не сме веќе само верници, ние сме вљубеници во Бога. Ние општиме со Него, стануваме едно со Него. Затоа Господ Исус Христос, во Своето свето Евангелие, не рече само: „Верувајте во Бога“, туку заповеда: „Љубете Го Бога“. Оти, љубовта е полнота на верата. Љубовта отвора духовни очи. И преку љубовта, ние ќе Го познаеме Бога, ќе Го видиме Бога. Во Црквата, таа тајна се случува. Бог не е далечен; Он е близок, допирлив, опиплив. Ние Го чувствуваме, Го гледаме, Го носиме во себе. Тоа е вистината што ја живее Црквата Христова. Во другите религии се зборува само за вера, за човечко верување кон едно високо начело. Но во Христијанството, тоа верување е преобразено во живо општење, во таинствено и лично соединување со живиот Бог. Затоа нашата вера, возљубени, не е само учење, не е само морал. Нашата вера е љубов кон Личноста на Христа. Таа е живот во Христа и за Христа. Тоа е вистинскиот живот.

Таква љубов кон Христа имал денешниот славеник, Свети Георгиј. Не е тајна дека претрпел неизмерни маки, но не се поколебал, не се откажал од својот Господ. Што било тоа што го носело низ тие безмилосни мачеништва? Тоа била љубовта. Љубовта што презира сè што е лажно во овој свет, дури и смртта. Љубовта што не го жали својот живот, ако е заради Возљубениот. Свети Георгиј, на крајот го даде животот свој – но за кого? За Оној Кого Го љубеше со сета душа, за Христа.

Свети Георгиј Го љубеше Христа со сето свое битие. Го чувствуваше, Го носеше во срцето, живееше со Него. Тој беше Христијанин, не само по име, туку по суштина. Од мали години бил воспитуван во светлината на Христовата вера. Како што дознаваме од неговото житие, неговата мајка била длабоко побожна жена. Таа, со својата тивка вера и со мајчинската љубов, го всадило благото семе на Евангелието во срцето на младиот Георгиј. И тоа семе не само што не изгнило, туку никнало и израснало во дрво на светост, кое денес го осенува целиот свет. Тоа што ќе го насади мајката, или бабата, во срцето на едно дете, браќа и сестри, не се корне лесно. Таа прва молитва, таа прва икона, тој прв крст што детето го видело – тоа останува. Затоа, вие, православни мајки и баби, имате голема и света одговорност. Од вас започнува сѐ. Од вас зависи дали во срцето на детето ќе биде посаден страв Божји или страв од светот, вера или неверие, светлина или темнина. Сите ние имаме одговорност, но тие што воспитуваат, што учат, што се први пред децата, треба најнапред самите да општат со Бога, да Го познаваат Христа, да Го љубат. Само Бог, само Христос, може да го преобрази човекот однатре. Да го направи нова твар. И не само добар човек, бидејќи целта на Христијанството не е само да станеме добри и хумани. Голема, возвишена е целта на нашата вера: да станеме богови по благодат. Да се обожиме. Да бидеме едно со Бога. Да го живееме она што Он го живееше. Зашто самиот Господ ни вети: „Кој ќе ме последува, кој ќе го земе Крстот Мој, ќе прави дела поголеми и од тие што Јас ги направив“. А ние знаеме дека Христос направи безброј чуда; некои од нив се запишани во светото Евангелие, други не се запишани таму, но се познати на Црквата и на нејзиното предание.

Еве, возљубени, Свети Георгиј продолжува да твори чудеса во Христово име, безброј и неискажливи. Нема место, нема храм во светот каде што неговото име не е познато, каде што неговото застапништво не се чувствува. Светијата, со својата слобода пред Христа, е постојано испраќан од Бога, за да им помага на сите што со вера го повикуваат и го почитуваат неговиот свет спомен. И во овој свет манастир, и денес, Свети Георгиј чини чуда. Деновиве дојде една жена од исламска вероисповед, по потекло од Дебар, но живее во странство. Имала сериозни здравствени проблеми. Ја донесена православни дебрани. Со вера и трпение чекаше да завршиме со градбата на изворот, за да наполни прва вода од него. И навистина, кога наполни вода и се врати дома, се напи, и се случи чудо – Светиот ја исцели. Така, тој ја потврдува вистинитоста на верата и покажува дека Бог не гледа на лице, туку на срце.

Затоа, ние како Христијани сме повикани да го носиме крстот што ни е даден во животот. Не со роптање, туку со смирение, со љубов, со трпение. Зашто само крстот нè води до воскресение. Само крстот ја прави личноста нова твар. Сите светии, како Свети Георгиј, како преподобните, се бореле, се подвизувале, зашто сите во овој свет носиме крст, трпиме искушенија, се бориме. А кој е најголемиот наш непријател? Тоа не е човек, туку духот на овој свет, световниот дух, кој сака да нè одвои од Христа, кој сака да нè наведе да бидеме само добри „по човечки“, но не и обожени во Бога. Ќе праша некој: треба ли да го мразиме светот? Не. Ние, Христијаните, сме тие што најмногу го љубиме светот, но не гревот, туку творението. Ние ги љубиме луѓето, природата, животните, сè што Господ создаде со љубов. Но не го љубиме злото што се вгнездило во светот, не го љубиме гревот што нè врзува, не се препуштаме само на личните удопства. Денес, за жал, луѓето живеат себично. Сакаат сè да биде лесно, пријатно, удобно, сигурно, дури и по цена на неправда. Сите денес гледаат само како полесно да поминат. Како да им биде поубаво, попријатно, повкусно. Како, некако, да се „мушнат“ во животот, да си најдат место на удобност, без жртва, без подвиг. И дури и кога тој пат е нечесен, и кога го гази ближниот, само да стасаат до она што светот го смета за „безбедно“, за „успех“, за „осигурен живот“. Такви станале денес општествата во светот. И оттаму произлегува големата криза. Но каде, всушност, е најголемата криза? Не таму каде што нема вистинска вера, туку токму во Христијанскиот свет. Оној свет што треба да сведочи за Христа, да биде нова твар во Христа, што низ вековите создал цивилизации со убавина, со уметност, со возвишена мисла – тој свет денес се наоѓа во криза. И ние сите го чувствуваме тоа. Цела Европа, целата христијанска цивилизација ослабнала. Зошто? Затоа што луѓето Го оставија Христа. Го оставија крстот. А човекот без крст не може да живее вистински. Луѓето денес не сакаат да трпат страдание, не сакаат жртва, сакаат удопство. Но без крст нема воскресение. Без Христос, сè станува безвкусно, сè станува сенка. Затоа, не е чудно што светот е во безизлез – зашто се оддалечи од Оној Кој е Патот, Вистината и Животот. Таму каде што нема жртва, таму нема вистински живот. Христос нè повикува на крст, не на удобност. „Кој не го земе крстот свој и не врви по Мене, не е достоен за Мене“, вели Господ. Крстот е живот. И секој, дури и оној што мисли дека ќе го избегне, ќе го прими својот крст. Но нека биде тој крст благословен. Нека биде за покајание. Нека нè води кон преобразување. Зашто оној крст што го носиме во смирение, нè води кон воскресение, кон вознесение.

Еден смирен и благословен крстоносител беше и Свети Георгиј. Кога дојде времето да го посведочи Христа, тој не се поколеба. Иако беше голем и славен во овој свет, воен трибун, почестен од царот, победник во битки – тој сето тоа го остави. Го презре. Зашто знаеше дека сета слава овде е само сенка. Знаеше дека не земската, туку небесната татковина е вечна. И таму се пресели, и оттаму сега ни помага. И денес силно ни светли. Свети Георгиј светли за целиот свет. Светли со светлината Христова. Нека ни помага, со своите молитви, и ние да станеме добри Христијани и подвижници. Амин.

Христос воскресе!