Поука на Неговото Преосвештенство Епископ г. Партениј, за Параболата за Милостивиот Самарјанин, искажана на монашки синасис во Бигорски
Во Стариот Завет, браќа, читаме како, кога Каин од завист го убил брата си Авел, Господ го запрашал каде се наоѓал неговиот брат, сакајќи да го поттикне на покајание. Меѓутоа, братоубиецот Каин, помрачен, Му одговорил на Бога, поставувајќи со гнев едно контра прашање: Не знам; зарем јас сум чувар на брат ми? (Битие 4,9) На ова полно со омраза и рамнодушност прашање беспоговорен одговор му дава Самиот Христос Бог, преку Неговата чудесна парабола за Добриот Самарјанин: Да, човекот е чувар на својот брат и е должен да го љуби и да се грижи за својот ближен со сите сили на срцето свое.
Подробностите на оваа парабола се познати од евангелското четиво: Некој законик, сакајќи да Го искуша Исуса, Го прашува како да наследи вечен живот. Божествениот Учител му одговара дека тоа се постигнува со запазување на двете главни заповеди, за љубовта: да Го љубиме Бога со сето свое битие и ближниот како себеси. Меѓутоа, кога ‘паметниот’ законик повторно Го прашува Господа, кој точно е нашиот ближен, Он ја раскажува познатата парабола.
Отишол, вели, некој човек од Јерихон на пат кон Ерусалим и паднал во рацете на разбојници, коишто го ограбиле, го соблекле, го избиле и го оставиле полумртов. Низ тоа место поминале еден свештеник и еден левит, без да застанат. Поминал, пак, и еден странец и друговерец, Самарјанин, кој застанал да му помогне и да се погрижи за овој несреќен непознат човек. Му ги преврзал раните, полевајќи ги со масло и вино, го натоварил на својот добиток и го однел во гостилницата, каде што и платил за неговиот престој и за грижата околу него, па дури и му рекол на гостилничарот дека ако потроши нешто повеќе – и за тоа ќе му плати.
Златната уста на Црквата Христова, Свети Јован Златоуст, во една омилија за денешното Евангелие толкува дека изранетиот патник е Адам, т.е. секое човечко битие, секој еден од нас; Ерусалим е Царството Небесно, а Јерихон – овој свет. Свештеникот ги претставува старозаветните свештеници, како Мојсеј и Арон, Левитот – пророците, коишто и покрај сета своја праведност не можеле да ја исцелат смртоносната рана Адамова. Разбојниците се силите на злобата, нанесените рани – гревовите. Личноста, пак, и обликот на Самарјанинот ги зема Самиот наш Господ Исус Христос, за да ја покаже не природата на Своето Божество, туку Неговата милосливост и милосрдие. Помазанието со вино и со елеј го означува тоа дека откако Синот Божји ја смеша Божјата со човечката природа, го спаси човекот.
Соголувањето на човекот од ѓаволот го покажува губењето на неговата богомдарувана слобода и самовластие и потчинувањето на власта на лукавиот. Двата сребрени динарии што ги платил Самарјанинот ги симболизираат Стариот и Новиот Завет, додека поттикот на Самарјанинот кон гостилничарот, да се погрижи за ранетиот, ја покажува грижата на незнабожечките народи и довербата што ја имаат кон служителите во Црквата, како и нивната желба да влезат и тие во неа. Гостилничарот е образ на сите свештенослужители во Црквата: епископите, свештениците, ѓаконите, монасите. Гостилница за сите луѓе е Црквата. Таа е лекувалиште на душите и телата, место за оздравување и за спасение. Служители и лекари во гостилницата се свештеноизвршителите на светите Тајни. Црквата Христова ги прима сите: млади и стари, богати и бедни, видни и незнајни, моќни и слаби – сите со своите посебности. Не ги отфрла ни блудниците, ни нечистите, ни големите грешници, зашто ‘нема човек кој ќе живее а да не згреши’. Затоа еден од Отците вели дека Рајот е полн со покајани грешници.
Преку оваа длабока парабола, Господ им дал одговор на стапиците што се обидувал да ги постави учениот познавач на Законот Господов. И навистина, не само одговор, ами и нешто повеќе: не само што му кажа кој е нашиот ближен, туку и кој станува ближен за нас. Ближниот не се определува теоретски, туку се покажува во праксата. Нашите дела покажуваат кои сме, дали Го љубиме Бога и нашите со-луѓе и колку нешта од нашето секојдневие – и главно од нашето време – сме расположени да ги жртвуваме за ближните.
Така, на пример, гледаме како Самарјанинот го прекина своето движење, своето патување, ја одложи својата дестинација, своите обврски, за колку што може повеќе да му помогне на својот немоќен со-човек. Излегува од својата програма, од својата рутина, ги троши своите пари за еден човек кого не само што го немал видено претходно, туку кој припаѓа на еден ‘омразен’ и ‘непријателски’ народ. Тој личен трошок – на своите време, цели, средства – е она што ја карактеризира вистинската љубов.
Изборот на еден инороден и иноверен човек, кој направи добро, е еден момент од параболата што не треба да биде занемарен. Да му помагаш на некого свој или на некого од кого очекуваш, можеби, возврат, е нешто значајно, но во секој случај има релативна вредност. Ама, да му помогнеш на некого кого традиционално го мразиш или си воспитан да не го сакаш – е, тоа е нешто посебно, нешто што го прави човекољубието уште поскапоцено. Блажениот Старец Силуан Атонски говорел дека мерило за тоа дали Христијаните навистина Го познаваат и Го љубат Бога е тоа дали ги љубат непријателите свои.
Вистинската љубов е над човечките поделби и спротивставености. Ја победува омразата и острастеноста. Ги надминува личните огорчувања и се простира над сето човештво, без користољубие и задни намери. На тоа нè научи Господ и тоа сме должни да го применуваме. Да се грижиме, ‘да ги чуваме’ нашите браќа.
Видовме, отци мои возљубени, дека свештеникот и левитот не помогнаа. Жртвите и богослужението во Стариот Завет не можеле да помогнат на безнадежното човештво. Помогна Самарјанинот. Милостивиот Самарјанин. Олицетворение на Христос. Синот Божји, Кој од љубов кон човекот се нарече и Син Човечки, па дури се нарече и Самарјанин – име коешто било презрено и омразено од Евреите. Чудесно! Размислете сега за нешто многу важно: откако го однел ранетиот во гостилницата, на гостилничарот му дал два сребрени динарии. Рековме, тие го означуваат Светото Писмо, како и светите тајни во Црквата. И што е уште помоќно, на заминување му рекол: Погрижи се за него; а ако потрошиш нешто повеќе, кога ќе се вратам, ќе ти платам (Лука, 10,35). Што значи тоа?
Значи дека во заедницата, во братството, во Црквата ќе има такви тешки случаеви, за кои ќе има многу трошок – пред сè, духовен. Ќе има тешки личности, проблематични карактери, исповредени луѓе, оставени од сите, отфрлени и од своите, коишто добриот Самарјанин постојано ќе ни ги носи во Црквата; ќе ги носи кај архиереите, кај свештениците, во манастирите. Личности, Божји созданија, коишто ќе бидат во таква страшна состојба, што ќе бидат потребни многу солзи, многу подвизи и покајание, пред сè од наша страна, од гостилничарите, за да бидат исцелени. Со сигурност тие ќе потрошат отповеќе. Но, Господ нема да остави така; вели: кога ќе се вратам, ќе ти платам. Гледајте колку трогателно нешто! Какво достоинство, но и одговорност ни се дава нам во Црквата, најнапред на архијереите, потоа и на свештениците и монасите, но и на секој верник кој е член на Телото Христово.
Колку одговорно треба да се однесуваме! Господ ни ги носи и обилно плаќа за нив. Со духовна плата, се разбира. Во Црквата имаме сè: тука е Евангелието, Литургијата, тука се светите тајни, но неопходна е и нашата добра волја, нашите солзи, подвизи и покајание; тоа нешто отповеќе, за кое Господ посебно ќе нè награди. Нели гледате: зар нашите манастири не се налик на онаа евангелска гостилница? Секакви ни носи Господ. И за некои колку многу сме се труделе, сме страдале, сме плачеле, сме пролеале многу духовна крв. Треба да спасуваме луѓе, деца мои! Гледате ли каква одговорност имаме? Ние монасите имаме апостолски удел. Господ ни ги носи ранетите души, за да ги спасуваме, а не да ги соблазнуваме и да ги доуништиме. Знаете ли што значи да спасиш една душа?
Деновиве бев во една куќа, на едно од децата што се излекувале кај нас, и таму беа баба му и дедо му, кои кога нè видоа како влегуваме, почнаа да плачат како мали деца од благодарност. Да знаете само дека тие солзи се како дијаманти во очите на Господа! За делото што го врши нашата монашка заедница, за спасение на сите нас. Затоа, пазете да не соблазниме никого. Имаме голема одговорност. Ние сме во Гостилницата, гостилничари. Имаме сè: како економи на среброто што Господ ни го даде, на духовното богатство. Секој ден се ползуваме со светите Тајни на Црквата. Секој ден имаме Света Литургија. Се ползуваме од Светото Писмо, од постот, од молитвата, од исповедта. Ни го дал достоинството да бидеме гостилничари во Црквата Негова. Иако, се разбира, во некоја смисла и ние самите сме болни, ги носиме раните Адамови и повредите од нашите страсти и прегрешенија, но, сепак, имаме и таква улога и благодат од Него да им помагаме на други. Е сега, за да можеме вистински да помогнеме, треба почесто да си ги повторуваме зборовите на Христос од Евангелието: Лекаре, излекувај се Сам! (Лука 4,23). Значи, секој монах треба одговорно да пристапува прво кон себеси, кон своето духовно здравје, та да може да лекува и други, а не да погубуваме души со нашето лошо поведение. Прелест е да мислиш дека си Христов, а да не одиш по патот на Добриот Самарјанин.
Да се потсетуваме, браќа, на зборовите Христови:
Простете ми, отци и браќа мои, и спомнувајте ме во молитвите ваши.