Луѓето не сакаат да се покајат

Првосоздадените не ја запазиле Божја заповед и отпаднале. Нивниот пад ги довел во незавидна положба. Побрзале веднаш да се сокријат себеси и својот престап од Бога. И кога Бог го изнел на светлина она што тие се беа обиделе да го сокријат, тогаш се лизнале во поголем престап.

И пред да продолжам, би сакал на ова место да додадам неколку работи, за коишто мислам дека се неопходни.

Кога првосоздадените паднале, кога направиле грев, би можеле да реагираат на еден од следниве три начини.

Да увидат дека згрешиле, да се покајат и да побараат прошка од Бога, да речат: „Безгрешен, (ти згрешивме, прости ни)“. Како што велат Отците, Бог ќе им простел и ќе останеле во Рајот. Не го направиле тоа коешто било најдобро или, можеби, било единственото добро.

Вториот начин е токму она што го направиле тие. Всушност, увиделе какво зло се случило и затоа се сокриле, но кога Бог ги повикал, наместо да се покајат, тие се оправдувале. Како што читаме во Светото Писмо, Адам за нивниот грев се оправдал себеси, фрлајќи ја вината на Ева, а Ева се оправдала себеси, фрлајќи ја вината на змијата (Битие 3,1-13).

Третиот начин е да останеле рамнодушни, да не ги засегало тоа што паднале, што не биле послушни веќе на Бога – и на некој начин си станале послушни на себеси – и почнуваат еден нов живот. Тоа, всушност, што се случува со денешниот човек. Со овој трет начин било речиси невозможно да реагираат првосоздадените, коишто ја почувствувале за прв пат состојбата на гревот.

Би ве замолил да го забележиме овој момент. Проблемот со денешниот човек не е тоа дека греши и не се кае. Денешниот човек воопшто не ни чувствува дека греши. И вложува напори во светски рамки да не постои свесноста за грев воопшто. Не станува ни збор дека човештвото се наоѓа во грев, дека човештвото не е во мир со Бога, дека треба да го почувствува тоа, да се покае и да се врати во Бога.

Доколку обратиме внимание на нашиот секојдневен живот, ќе видиме дека помалку или повеќе кај сите постои таа тенденција: не само да грешат, ами ако е можно, дури и да се оправдаат себеси, ако е можно да не чувствуваат вина, да не чувствуваат грижа на совест и многупати дури да прават грев а да мислат дека прават богоугодно дело.

По ова дополнување, да продолжам.

Првосоздадените, значи, се оправдале и така се слизнале во поголем престап. Бог дошол со подготвеност да им прости, доколку би го исповедале својот грев со искрено покајание. Но тие се оправдале. И го изгубиле Рајот можеби не толку поради нивниот пад, колку од тоа што не се покајале.

Да го кажел макар само зборот ‘Безгрешен’ со чувство, Адам ќе се спасел од сите страдања кои следеле, кои се и наши страдања. И секако, во тој случај сите си помислуваме: „Какво зло ни направи Адам!“ Но, не стојат така работите. Адам би бил искушуван, но како што ќе доаѓавме и ние во постоење еден по еден, сите ќе бевме искушувани. Што би направиле?

Сега кога дојде Христос и нѐ спаси – вистински нѐ спаси од гревот – колкумина од нас не остануваме верни на Неговата волја? Или, кога грешиме, колкумина од нас веднаш велиме: Безгрешен, веднаш го исповедаме гревот, веднаш се каеме, веднаш се враќаме кај Бога со цело срце? Сите, помалку или повеќе, освен некои исклучоци, наместо да го правиме тоа, се обидуваме да се оправдаме.

Во ова лежи изворот и причината за трагедијата на сите луѓе: во нивната побуна и оддалечување од Бога. И лошото е тоа што не сакаат да ја прифатат својата грешка, не сакаат да се покајат. Сѐ друго не им е тешко да го направат, но да се покајат – не сакаат. Немаат никакво расположение да се покајат.

Сите ние го имаме забележано тоа, дека не е тешко да правиме метании, да кажуваме молитви, да даваме милостина, да дадеме и пари, да правиме и многу други работи, па дури и жртви. Сѐ друго, бидејќи е надвор од нас, го правиме со задоволство, не се измачуваме многу.

За покајанието, меѓутоа, се измачуваме. Зошто? Затоа што оној којшто ќе се покае, се смирува пред Бога. Кај него се уништува егото, престанува да постои егото и токму тоа е она што човекот сака да го избегне, од кое сака да се извлече – и со намера да го избегне тоа, со задоволство прави многу други работи.

Луѓето, значи, не сакаат да се покајат, немаат никакво расположение за покајание. И доколку околностите ги принудуваат да ја прифатат грешката, ќе се обидат да ја оправдаат на илјадници начини, само за да се претстават себеси невини.   


Извадок од книгата: π. Συμεών Κραγιοπούλου, «Αδάμ, πού ει;», Δ’ έκδ., Πανόραμα Θεσσαλονίκης, 2013, σελ. 30.
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител