Еден „таинствен“ Бог…

Велат дека пред да умреш си го гледаш целиот живот пред очите, како на филмска лента. Да. И тоа го прочитав во слово на еден светител. Не паметам кој беше. Како да ги паметам сите зборови кои ги имам во умот, целиот свој живот. „Другите нека се фалат за страниците што ги напишале, јас се чувствувам горд за тие што сум ги прочитал“ – кажа еднаш Хорхе Луис Борхес и јас целосно се согласувам. Се разбира, јас сум горд со тоа што сум го преживеал, иако сè сум „оплескал“. Но, се научив да пливам. И тоа Ти го должам Тебе, Боже мој, Кој ме спушти во отворени води, иако имаше бура и тревога. Зашто ако не се намокриш до коските, нема да се научиш да пливаш.

Се обидувам да ги замислам последните мигови од мојот живот и гледам, како што кажуваат, животот ми поминува пред очите како на филмска лента. Се прашувам, што би видел? Повеќе сакам да знам што би почувствувал.

Секојпат кога го гледаш омилениот филм или ја читаш омилената книга, откриваш нешто што не си го забележал претходно. Мислам дека ми побегнале многу сцени од мојот животот.

Отец Харалампиј Пападопулос

Но, веќе сум сигурен дека она што ќе го почувствувам е една длабока благодарност кон Тебе, Боже мој. Да, тоа го чувствувам. Само тоа. Сега веќе само благодарност. Роптањето, оплакувањето, збунетоста изгледаат толку непознати и далечни.

Колку повеќе го гледам филмот на мојот живот, толку повеќе ме облева еден крик – но, овој пат не на очајание. Тоа е крикот на славословието.

Јас, кој живеев со толкава збунетост и оплакување, чувствувам дека сакам да Ти кажам едно големо благодарам. Тебе, Боже мој. По толку години можам да кажам дека го препознавам Твоето присуство, кое во животот ми се јави како „отсуство“ и „молчание“.

Да, многу пати почувствував дека ме остави; дека ме пропушти. Како го издржуваш тоа молчење, Господи!? И колку се криеш од нас! Колку само ме измачи Твоето „отсуство“!

Ти се допаѓа да си молчалив. Да седиш на последното место. Да стоиш надвор на студот. Да не проговориш кога сите зборуваат. Секогаш сакаш да го имаш последниот збор.

Ќе ми кажеш сега, бидејќи не Ти го имав кажано досега. Знаеш, Господи, кога ја живееш болката таа те тера многупати да се сопнуваш, јазикот ти го пресушува, ти ги зема сите зборови и ги става во едно провлечено „ах!“. Тој заеднички крик на сите страдалници. Што да правам со зборовите кога болката е голема? Доволно ли е едно прашање, едно „зошто“?

Има и нешто друго, Господи. Во животот ги оставаме важните, а ги чуваме сите суетни и мали работи. Се мачиме да живееме со работите кога ги имаме, не знаеме што да правиме со нив, а кога ќе ги изгубиме, неверојатно е колку ни недостасуваат. Само во загубата го оплакуваме Рајот.

Така, многупати почувствував и посакав да Ти кажам дека Те сакам. Дека имав потреба од Тебе, но не го направив тоа никогаш, или само неколку пати. Зошто? Најверојатно затоа што кога имаме нешто го рушиме за вечно да го бараме.

Таа самодеструктивна постапка ме потсети на онаа позната сцена кога плачеме над мртвите родители и ридајќи дошепнуваме: „Прости ми за секое ‘те сакам!’ кое не го кажав, прости ми за секоја прегратка која не ти ја дадов…“

Јазикот се разбира со сигурноста. Чувствата замрзнуваат со убеденоста. Копнежот се умртвува. Кога чувствуваме дека нешто или некој ни припаѓа, тогаш молчиме. Кога нè напушта, чувствуваме дека сме имале толку многу да му кажеме. Така и со Тебе, Боже мој.

Но, сега, макар и малку пред да умрам, сакам да Ти кажам едно големо благодарам! Не за тоа што Го направи, туку за тоа што не Го допушти. Не за тоа што ми Го даде, туку за тоа што не Го дозволи. Не за Твоето присуство, туку за Твоето „отсуство“. Не за Твојот глас, туку за она Твое жестоко молчание. Без тоа немаше да се научам да го слушам гласот на своето срцето. А, срцето никогаш немаше да ја научи азбуката на мојот јазик.

Ти си таинствен Бог. Знаеш, нели? Верувам дека Ти го кажале и друг пат. Не сум првиот. И уште колку пати ќе Ти го кажат? Безброј пати, додека да решиш сите да нè собереш во Своето царство. Таму, каде луѓето чувствуваат повеќе отколку што зборуваат. Таму, каде едниот вика на другиот „љубов моја“. Дотогаш ќе го слушаш ова.

Ех, и Ти имаш вина. Меѓу нас кажано, виновен си. Не се прилагодуваш на нашите барања. На сè се противиш. На нашиот мозок, на нашите програми и планови. Додека чувствуваме дека Те разбираме, нè воведуваш до целосно незнаење. Додека кажеме дека Те познавме, си го променил Својот образ. Додека кажеме дека Те најдовме, Ти повторно исчезнуваш. Стануваш непознат. Чувствувам дека никогаш не Те разбравме.

Како сакаш да кажам дека не си „непознат“? Ниту зборуваш, ниту, пак, сакаш многу да зборуваш. Трчаш по нас, трчаш кон нас, но секогаш внимаваш. Знаеш да одржуваш растојание, како би го зголемил копнежот по Тебе.

Ти благодарам, Господи, што ме научи да живеам со прашања. Колку пати Те замолив за „одговор“, но Ти молчеше. И така, со време се научив да живеам без „одговори“ за сите и за сè. Да ја прифаќам тајната. Да се смирувам пред фактот дека не е можно сè да научам или сè да знам. И, најважното, сето тоа да не ме ужаснува. Да не ми ја открадне жедта за животот.

Се сеќаваш ли колку пати Те прашав „зошто“? Ти не ми се налути. Но, не ни одговори. Просто, молчеше и ме водеше низ животот, да се научам да живеам и да спијам без да решам сè.

Само со прашања и недоумици може човекот да живее. Патувањето, а не неговиот крај, има убавина. „Тргнувај“, но не „пристигнувај“.

Господи, вистината е дека беше „жесток“ со мене и многу „пожесток“ со многу мои ближни. Но, веќе Ти благодарам за тоа. Зашто ми помогна да станам ова коешто сум и да ги најдам работите кои ги најдов. Да го преживеам тоа, кое го преживеав.

Ме остави сам, денови и ноќи. Не ме издигна во моменти во кои немав никаква помош, дури ни човечка. Ме научи да ги ставам рацете на студениот под, но најмногу ме научи да го охрабрам срцето за да се исправи.

Се сеќаваш ли на таа вечер во Атина? Ноќ, зима, дожд. Јас сам. Сосем сам, Боже мој. Не знам дали Ти беше таму. Јас секако не Те гледав. Само смртта стоеше пред мене во еден огромен вакуум, подготвен да ми ги проголта сите надежи. Но, издржав и тогаш и многупати после тоа. Неопходно беше да поминат сите овие години за да прифатам дека Ти беше таму, во собата таа ладна ноќ. Години беа потребни за да почувствувам дека не Те гледав бидејќи Те ограничив. Ти всушност не се јавуваш секаде. Не се појавуваш како и кога сакаме. Ти си толку „непознат“, толку парадоксален што Твоето присуство може да се крие во најневеројатните појави, на кое било место и во кое било лице. Но, најмногу Те има таму каде умот никогаш не оди, каде погледот никогаш не застанува.

Сега можам да кажам, Господи, дека беше со мене, беше секогаш близу до мене. Во мојот крик и Тебе ти запираше гласот, во мојата болка и Ти просолзуваше, во моето испитание и Ти се распнуваше. Да, беше таму секогаш. Во сè беше Ти. Но, требаше да не Те гледам, за да ми се рашири погледот…

Понекогаш страдаше кога се губев по патиштата без излез, кога талкав во загубена татковина и мртви мечти. Не сакаше да се мешаш, не затоа што не можеше, туку затоа што не сакаше да ја запреш лекцијата. Ах, Господи, ниедно патување не посака да Го застанеш.

И Ти си Бог, на Кого Му се допаѓа премреже. Ги сакаш смелите кои знаат да прават грешки, оние кои се поучуваат, оние кои умеат да се покајат. Сакаш луѓето да го живеат животот со сите дарови што си ни ги дал. Да не се кријат зад Твоето име и заповеди. Сакаш да го почувствуваат дишењето коешто Го вдахна во нив.

Ми дозволуваш да Те нарекувам Татко, нели? Иако не сум најдоброто Твое дете. Но, чувствувам дека длабоко во Тебе ја почувствува таа радост на мојата „вистина“, на таа моја жед да дознавам, да вкусувам, да препознавам.

Никогаш не го направи тоа кое не би можел јас да го направам (сам). Ме остави да бидам јас. Ми дозволи да ги оставам улогите, да ги симнам маските, да престанам да се восхитувам и да се споредувам со другите, да не живеам во нивната сенка.

Посака да бидам јас, за да си Ти. Бидејќи, само онолку колку сме ние може да Те сретнеме, Боже мој. Како ќе Те препознаеме ако не знаеме кои сме? Треба да бидеш, за да станеш.

Со овие мисли и благодарност мислам дека ќе го завршам својот животот, гледајќи сцени од него.

Само да знаеш, Господи, колку одговори ми даде со Твоето мачно молчание. Ми затвори толку врати, оставајќи ме надвор, во ноќта на животот, сам, во прегратките на криковите и задушувачките прашања „зошто?“. Едвај сега почнувам да разбирам дека во часот во кој ги затвораше вратите пред мене, ми го отвори срцето.

Животот со Бога е една криенка, ајде да видиме кој прв ќе го најде другиот.


Извор: hristianstvo.bg
Превод: Ана Масларова