Црквата и младите

Постојат одредени тешкотии за современата младина да може да се приближи кон Таинството покајание. Се мачат да се доближат до Црквата и клириците, бидејќи токму преку Црквата се хранат предрасудите за неа. Црквата денес е исмевана, клеветена, злословена, понижувана во очите на светот и на младите. Оние, пак, млади луѓе коишто се залагаат за својата вера, ќе станат предмет на… иронија.

Денешните научни дисциплини, како психологијата, философијата, политиката, развиваат еден човекоцентричен карактер кај луѓето, кои пак, во себе создаваат едно лажно чувство за себеспасение, култивираат самодоволност, себељубие, егоцентризам. Сето тоа е против духот на покајанието и исповедта. Одредени системи, како што е егзистенционализмот, дури потенцираат дека гревовноста се состои во гревовните услови и настроение, а не во личноста. И така го префрлаат прашањето за личната одговорност од поединецот врз колективните и општествени услови. Во тој случај, човекот започнува да смета дека не носи лична одговорност за злото што го врши.

Тело и Крв Христови за најмладите

Согласно теоријата на Фројд, гревот не е исполнување на лошите човечки желби, туку во нивното неисполнување… Исто така, се култивира психологија на масата на штета на личноста и на личната одговорност. Прекумерната употреба на зборот маса и нејзините производи (на пример, масовен отпор, масовни игри, масовни протести итн.), за да се определи дадена севкупност на луѓе, претставува обид човечката личност да биде проголтана од таа маса. Масовизираниот човек не мисли, не решава и не постапува лично и затоа тој не чувствува дека има лична одговорност. Други го управуваат.

Потоа, општата атмосфера и корупцијата ја отапуваат моралната свест. Кога децата од мали ги гледаат работите кои се прикажуваат, совеста отапува. Злото не го сметаат за зло, или не го препознаваат како такво. Затоа, со болка заклучуваме дека престапноста е многу порасната, а особено престапноста кон човечкиот живот.

Друго нешто коешто, исто така, го отежнува пристапот на младите до Црквата е немоќта на парохиите, најмногу на големите парохии, кои денес бројат неколку илјади верници, да покажат евхаристиско и еклисиолошко конституирање на парохијата. Односно, некој да отиде во својата парохија, да ја почувствува евхаристиската соборност и да рече: „Тука е моето семејство, семејството на Бога; тука е домот на мојот Бог и Отец“. Тука сите сме членови на Телото Христово, братство и заедница Христова. Тука е мојот духовен отец, а јас, за да можам да учествувам во таа Евхаристија на Божјиот народ, не треба да се одделам преку гревот ниту од Бога, ниту од Црквата. Кога грешам, она што е најважно да го направам е да отидам кај мојот отец и духовник и да му го кажам мојот грев. Тој да ми прости и јас да можам да учествувам во соборноста Христова на моето братство и семејство, кое е мојата епархија и да учествувам во пречистите Тајни. Еклисиолошкото и евхаристиско преориентирање на парохиите ќе им помогне на младите да се вратат во Црквата и да пристапат кон светата тајна исповед. 

Секојдневно поучување во дворовите Господови (Фото: Злате Дангев)

На што може да застанеме, кои допирни точки да ги најдеме, за да помогнеме младите да се свртат кон светата тајна покајание? Сметам дека тоа може да се направи преку отворање и зборување за нивните болни, егзистенцијални проблеми. Младите денес од мали не водат традиционален живот, без исклучок; живеат во секуларен свет и имаат опит со злото. Повеќе пати – разочарувачки опит. По многу трагање, пробување и разочарување чувствуваат горчина во себе. Тогаш кога почнуваат да ја преживуваат таа горчина, богословот, свештеникот или мирјанинот може да ги сретне и да каже: „Види брате, сето тоа кое го проба е очај, неуспех, но постои нешто кое не си го пробал и тоа може да ти ја даде суштинската, вистинска радост“.

Имаме многу примери на млади луѓе, кои разочарани од сè, се свртуваат кон Христос како последното и единствено решение на нивниот безизлез. Многу млади кои потекнуваат од добри семејства и кои прибегнуваат кон наркотици, ми го кажале ова: „Отец, посегнавме по наркотици не дека сме скитници, туку сме разочарани од сè и бараме некој излез“. Лукавиот ги заблудува и мислат дека во наркотиците ќе ја пронајдат таа длабочина за која копнее човечката душа.  

Нешто друго, кое може опитно да го разбере младиот човек, е тоа дека секој грев всушност е себељубие т.е. болна, егоистична љубов кон нашето јас. Себељубието нè води до осаменост и безизлез. Не може човек со себељубива љубов да воспостави вистински однос со Бога и со ближните. Затоа тој живее во неподнослива самотија. Таа самотија е „ад пред адот“. А тие во адот чувствуваат недостатокот на секаква поврзаност. Кога го запрашале Свети Макариј Велики како се чувствуваат луѓето во адот, тој рекол дека тие не можат да се гледаат еден со друг. Додека ние во Црквата можеме да се гледаме меѓу себе во Исуса Христа.

Човекот како создание по Божјиот образ е богословско суштество. Автономноста не може да му го даде тоа кое го исполнува, кое го објаснува и го утешува длабоко во душата, освен ако не се врати кон Првообразот на својот образ – Христос. Човекот во Црквата може да ја спознае вистинската своја личност преку општење со Бога и со луѓето и да стигне до повисоката цел на своето суштествување – обожението. Црквата му дава можност за вистински хуманизам.

Бог и Црквата го сакаат човекот каков што е, многу пати дури и тогаш кога родителите би го отфрлиле. Црквата го прифаќа човекот колку и да е грешен и каков и да е, со цел да му даде можност да стане таков, каков што го сака Бог. И колку многу му помага ова прифаќање! Познато е човекољубието на светите отци и старците во пустината. Сè до денес гледаме духовни отци коишто се строги кон себе си, а покажуваат крајна љубов и разбирање кон паднатиот човек и кон болната и трулежна човечка природа. Тие со голема смелост нудат помош на секој човек, земајќи го од каде што е – од неговиот пекол, и водејќи го со многу љубов и расудливост до Бога.

Во Црквата постои можност за таинствено искуство со Бога. Човекот не може да се утеши само со една надворешна врска со Него. Тој е создаден за да е вљубен во Бога. Божествената љубов, кажуваат светите отци, е нужна потреба на човечката душа. Љубовната врска со Бога го утешува човекот. Таа љубовна врска, тој таинствен живот и опит со Него се храни од светотаинскиот живот, непресушната молитва и целата аскетска практика на Православната Црква, којашто ни е предадена од „Добротољубието“ и од светите отци.

Благодатта Христова дава небесни искуства на православните Христијани кои добро се подвизуваат. Затоа немаме потреба на друго место да бараме спасителен опит и да се трудиме напразно.

Овие се некои потенцијални можности, допирни точки од кои можеме да зборуваме и да допреме длабоко во душите на младите, во јадрото на нивното битие, на нивната тревога и нивниот копнеж. Секогаш со еден позитивен став на љубовта и нежноста кон нив и кон нивната душа. Се разбира, за сето ова потребни се просветлени учители и харизматични духовници. Затоа треба да Го молиме Бога да ни ги даде. Тие се светлината на светот.


Извор: hristianstvo.bg
Превод: Ана Масларова