Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба во чест на нашиот Светиот Отец наш Партениј Лампсакиски Чудотворец, на 6/19 февруари 2025 лето Господово
Високопреподобни и сечесни отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Возљубени браќа, сестри и чеда во Господа,
Собрани сме вечерва овде, во оваа Свештена Обител, за да го прославиме годишниот спомен на Светиот Партениј Ламсакиски – големиот Христов угодник и чудотворец, чиешто име ми беше дадено како голем благослов на денот на моето монашење. Се сеќавам како тоа име го добив без мое претходно знаење, како избор од Божјата промисла, преку која Светиот Партениј ме повика да се угледувам на неговиот подвиг и живот во Христа. Од тој ден до денес, веќе триесет години, неговото моќно застапништво, неговите благослов и љубов ги чувствувам како ѕвезда водилка што го осветлува и патеводи мојот живот и моето служење во Црквата.
Оваа вечер, возљубени, вашето присуство во толку голем број, вашиот копнеж по Светиите, вашиот стремеж кон светоста, нè потсетува на таинствената и нераскинлива врска меѓу Црквата на Земјата и Црквата на Небото, којашто, всушност, е една единствена Црква. Сите ние, и земните и небесните, сме дел од едното Тело Христово, во кое нема граници на времето и просторот. Светиите, како денешниот славеник Свети Партениј Ламсакиски, се оние кои со своите животи сведочеа и сведочат за победата на животот над смртта и за преобразувањето на човекот преку благодатта на Светиот Дух. Тие сега светат како незаодни светила на духовното небо и се молитвени застапници за нас пред престолот на Бога.
Животот на Светиот Партениј Лампсакиски е веќе шеснаесет века сведоштво за силата на љубовта и на смирението. Тој не го барал своето, не ги следел поривите на паднатиот човек, не ги исполнувал желбите на болното его, туку секогаш и целосно се предавал на волјата Божја. И затоа примил дар од Бога да ги лекува не само телесните болести на луѓето, туку и раните на нивните души. Неговото срце било полно со сомилост, со онаа љубов што Господ Христос ја донесе на Земјата – љубов што не осудува, туку утешува и спасува. Затоа, неговиот спомен не е само настан со кој се сеќаваме на животот на една историска личност, туку призив и ние да ја следиме неговата љубов, да се стремиме кон светоста што го осветила него. Впрочем, вашето присуство вечерва овде го открива и потврдува сето тоа.
Возљубени, не заборавајте дека Црквата е заедница на љубовта. Таа не е само место на богослужение, туку место каде што срцата на верниците се преобразуваат преку присуството на Живиот Бог. Кога се собираме заедно, како сега оваа вечер, не сме само ние тие кои се молат и слават; тука со нас се и сите Светии, сите оние кои веќе го достигнале Царството Небесно. Преку своите молитви и застапништва тие ни содејствуваат во нашата борба со искушенијата и притесненијата од овој свет и нè водат кон единствената вистинска цел – единството со Христа. Да, во земната Црква се наоаѓаме сите ние што физички сме присутни тука, но од небесната ни содејствуваат и помагаат: нашиот Бог Света Троица, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител, светите небесни сили, нашите ангели пазители, ни помагаат нашите светци чиишто имиња ги носиме – и сите ние, и земните и небесните, стануваме едно во Христа.
Треба да се потрудиме, мили мои, како што сите Светии Божји уште овде, во овој живот Го видоа Бога, така и ние да Го познаеме додека сме на земјата. Свети Симеон Нов Богослов ни вели: „Ако некој не Го видел Христа овде, на Земјата, нема да Го види ни во Царството Небесно“. Оваа мисла на прв поглед може да звучи обесхрабрувачки, но не е така. Потребно е да имаме вера. Ние можеме да Го видиме Бога во своето срце. Го гледаме дури и видливо и опипливо на Светата Литургија преку Светата Причест и се соединуваме со Него преку Неговите Божествени несоздадени енергии. Кога се причестуваме, ние стануваме учесници во светоста и во обожувањето.
Свети Партениј и сите Светии, уште овде, во овој живот, станале вистински Христови и се обожиле. Сите ние, значи, кои ги носиме нивните имиња имаме во нив силни покровители на Небесата. Колку е голема одговорноста да се носи име на Светител! Тоа е голема чест, но и голема одговорност. Меѓутоа и оние кои не носат име на некој Светија не треба воопшто да се обесхрабруваат, оти сите заедно носиме едно најсвето и највеличествено име, а тоа е „православни Христијани“. Јас до својата дваесет и петта година не носев име на Светија, но кога се замонашив во овој храм, Свети Партениј ме избра и оттогаш го носам неговото осветено име. Сепак, најголема и највозвишена е одговорноста што сите заедно ја носиме, името и презимето што е заедничко за сите нас – православни Христијани. А што значи да се биде православен Христијанин? Тоа значи да бидеме кротки, полни со љубов и исполнети со добродетели. Христос, нашиот Бог, беше кроток како јагне. Тоа го читаме во Евангелието и го гледаме во преданието на Црквата, преку Неговите Светии – знајни и незнајни. Кога Он е таков, тогаш и ние сме повикани да бидеме како Него – кротки, љубовни и смирени. Таква е нашата задача, а таква е и нашата радост, зашто преку таа кроткост и љубов Го носиме Христа во своето срце и Го сведочиме во овој свет.
Силно ме трогнаа и ми оставија длабок впечаток сите ваши обраќања. Особено ме допре мислата дека кога нѐ гледаат другите, ние сведочиме за нашиот Татко – Господ Исус Христос, и за Неговите Светии, кои се наши духовни отци и учители. Од нас зависи дали ќе го оправдаме тоа име. Христос ни вели: „Вие сте солта на светот“. Колку е потресна оваа мисла! Малку сол е потребно за да се осоли целата храна, а исто така и малку вистински Христијани се доволни за да го осолат своето опкружение со љубов и вера. Но дали сме ние навистина таа сол? Секој нека погледне најнапред во своето срце и нека се запраша – дали е вистински сведок на Христовата љубов? Ова е прашање што секојдневно треба да си го поставуваме и да се раководиме според него.
И немојте да се плашите или вознемирувате кога нѐ судат, нѐ ругаат, нѐ озборуваат. Особено денес по социјалните мрежи, слушаме, ме напаѓале мене, клеветеле еден, суделе друг, трет… Ја напаѓаат нашата заедница. Кога велам заедница, мислам на Црквата Божја, бидејќи сите ние сме едно. Не се вознемирувајте. Така е уште од почетокот на Христијанството. И Самиот Христос Го понижија и Го осудија, па затоа кога и нас нѐ клеветат или неправедно ни судат, знаеме дека сме на Неговиот пат. Нашата одбрана не е да возвратиме со иста мерка, туку да ја сведочиме љубовта и вистината на Христа. Тоа е нашата сила и таа сила нема да биде победена, бидејќи Христос вети дека вратите на пеколот нема да ја надвладеат Црквата Негова. Христос секогаш победува. Затоа, да останеме цврсти во верата и во љубовта, сведочејќи за Христовото присуство со секој наш збор и дело.
Ви благодарам од сѐ срце што вечерва дојдовте во толку голем број и со своето присуство и молитви нè укрепувате да продолжиме по патот на подвигот и на верата. Посебна благодарност упатувам до отец Тома Хрисикос, Протопрезвитер на Вселенскиот Трон, кој заедно со својата благочестива презивитера Константина, допатува од далечната Атина, за да биде заедно со нас на овој ден. Нашата поврзаност со о. Тома има една интересна историја. Имено, уште во раните деведесетти години од минатиот век, кога бев псалт во храмовите во Битола, честопати се случуваше откако ќе завршеше богослужбата кај нас, штом се вратев дома, ќе начекав пренос на богослужби на грчка телевизија, (во тие години во Битола со тв-антена можеше да се фати по некоја грчка телевизија поради географската близина со нашиот јужен сосед). Во тоа време кај нас богослужбите ни оддалеку не беа толку торжествени и велелепни како во Грција, поради комунистичкиот режим, а згора на тоа беа и доста пократки. Особено со големо внимание ги следев уникатните богослужби на Страсната Седмица. Тогаш о. Тома беше ѓакон во митрополитскиот храм во Атина. И морам да ви исповедам дека тој со својот силен и калофоничен глас оставаше толку длабок впечаток врз мене што до ден денес ги паметам неговите прекрасни читања на Евангелието. Евангелските зборови изговорени преку неговиот глас сè уште одекнуваат во моето срце. Подоцна, кога испратив студенти во Атина, ги поттикнав да го најдат отец Тома, и така започна нашето прекрасно духовно пријателство. Овој човек навистина е духовен пеликан, свештеник кој и според внатрешноста и според надворешноста го чува и го сведочи светото православно предание. Сѐ што е во него и на него – љубовта, духовноста, држењето, зборовите, расото, подрасникот, калимавката – сето тоа сведочи за неговата посветеност кон Бога и кон Црквата Негова. Навистина, од сѐ срце му благодарам на отец Тома што е денеска со нас.
Им благодарам срдечно и на студентите од Атина, кои се потрудија да дојдат и да ни се придружат; на отец Анатолиј кој допатува од Рим, и на сите вас, возљубени мои, ви упатувам искрена и огромна благодарност. Ги просам вашите молитви, бидејќи без нив не можам да продолжам, без вашата љубов не можам да живеам, и без да ги гледам вашите радосни лица не можам да се успокојам. Вие сте моето најголемо богатство во овој живот.
Деновиве му раскажував на отец Тома токму за времето на почетокот кога ја славевме Страсната Седмица овде, во Бигорски. Тоа беа денови на духовна замреност кај нас, особено, пак, во овој крај, кого православното население го имаше веќе напуштено. Манастирот беше без богослужбен живот повеќе од шеесет години, па народот немаше навика да доаѓа. И се сеќавам, првата година кога дојде Велики Петок, ден со долги и возвишени богослужби и со многубројни читања, во храмот имаше само неколкумина верници, среде кои и мајка ми. Тогаш со голема ревност се трудев да го извршам целото богослужение според типикот, сите читања и пеења, со помош на неколку верници. Службите беа многу долги, а уморот – неизбежен. Мајка ми Живечето – нека ѝ е споменот вечен – ми велеше: „Отче, Господ знае дека сакаш сè да испееш, сѐ да направиш како што треба, ама пак, нема кој да те слуша, нема луѓе в црква, гледаш и самиот. Скрати малку, одмори, и тебе и нас нè болат нозете“. Но јас, гледајќи од олтарот кон храмот, секогаш во срцето го видував ова што сега го гледам – преполн храм и двор исполнет со побожен народ. Со сето срце Го молев Господ: „Господи, дај по неколку години овој храм да биде исполнет со луѓе и Манастирот да се полни со народ и со молитви“. И фала Му и слава Му Нему, така и бидна. Значи, тоа е моето најголемо богатство. Не барав ништо друго – барав да има монаси, да има вистински верници, да има православни Христијани; да се полнат црквите насекаде низ нашата Татковина, не само овде.
Ви благодарам уште еднаш на сите за вашата љубов! Да сте благословени и радосни во Господа! Благословот и молитвите на Свети Партениј да бидат со сите вас!