Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на светото Евангелие, на Божествената Евхаристија во чест на споменот на светиот отец наш Партениј Лампсакиски, на 7/20 февруари 2026 лето Господово
Високопреподобни и сечесни отци,
Преподобни монаси и монахињи,
Возљубени браќа и сестри во Христа,
Според Божјата милост, повторно се собравме денес на ова свето литургиско собрание, за да го прославиме споменот на великиот Христов пастир и чудотворец, свети Партениј Лампсакиски. Сигурно знаете нешто за неговиот живот, сте чуле, сте прочитале. Но, дали некогаш сте застанале мисловно пред ликот на еден таков светител и сте допуштиле неговата појава да ве обземе? Оти, светителот не е само повест или поучен расказ од минатото; тој е жива присутност, застапништво, огнена молитва, која и сега се издига пред престолот Божји за нас.
Светиот отец наш Партениј со целиот свој живот се уподобил на архипастирот Христос. Од Евангелието пак, што ѓаконот пред малку ни го прочита – наменето секогаш да се чита кога славиме Божји архиереј – ги чувме прекрасните зборови на Господа Христа, Кој зборува за Себе како за Архипастир. Тоа отпочна со мистични и чудесни зборови, кои одѕвонуваат низ вековите:

Јас сум вратата: кој преку Мене ќе влезе, ќе се спаси, и ќе влезе и ќе излезе, и пасиште ќе најде[1].
Каква е таа таинствена врата преку која се влегува и се излегува и пасиште се наоѓа? Господ често зборува со примери од обичниот, секојдневен живот, со метафори, но тука метафората го надминува самиот говор, зашто Самиот Он, во случајов, е Вратата на животот. Оти, Он влезе заради нас во последната и најстрашна врата – вратата на гробот, и ја отвори однатре, со силата на Своето Воскресение. Таа страшна врата, којашто за човештвото беше затворена уште од Адамовиот пад, со Христа е повторно отворена. Вратите на гробовите се отворија кон вечноста.
Апостолот Павле вели: Бидејќи смртта дојде преку човекот, така и воскресението од мртвите, стана преку Човек.И како што по Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе бидат оживеани[2]. Првосоздадениот Адам, со своето непослушание, ги затвори за нас портите на Рајот; новиот Адам, пак, Христос, не само што ги отвори, туку Самиот стана за нас врата за вечноста. Он за Себе вели дека е самата таа врата, зашто доколку сакаме да стигнеме до вечноста – а нема човек кој ќе се согласи со смртта; смртта не е природна за човекот, таа е последица на гревот – единствениот пат кој води преку неа и пак излегува во живот бесконечен е Христос Бог. Ние сите сакаме да најдеме начин да живееме подолго, и уште повеќе – да живееме вечно. Но, единствената врата преку која можеме да влеземе и да излеземе во вечноста и да заживееме со Неговиот вечен живот, е Самиот Он, Христос. Не идеја, не морал, не филозофија, туку Личност.
Следствено, за да се случи тоа, треба да се уподобуваме на Него. Да се стремиме да бидеме светлина, како што Он е Светлина[3]. Он да биде наш Пастир, а ние Неговите јагниња. Во овој живот да се трудиме да бидеме милостиви, и дури тогаш ќе можеме да влеземе низ нашата вечна врата, преку најмилиот ни Христос.
Господ од нас бара да бидеме милостиви и љубовни. Љубов што дејствува. Сетете се на Евангелието од минатата недела, од подготвителното четиво пред Великиот пост. Господ ни покажа дека само преку милостивоста, преку онаа добродетел што се крепи на Божјата љубов, ќе може да се влезе во Царството небесно. Поточно, само преку милосрдието Он ќе нè препознае како Свои. И иако таа недела се нарекува Недела на Страшниот суд, таму, ако внимателно погледнеме, нема суд според нашето вообичаено поимање на тој збор. Таму има нешто многу подлабоко: едно чудесно откровение. Откривање. Господ на сите ќе им покаже какви христијани биле. И доколку нè препознае, тогаш сме биле Негови. А како ги препозна оние од десната страна, спасените? Вели: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството приготвено за вас од создавањето на светот, оти болен бев и Ме посетивте, во затвор бев и дојдовте кај Мене, жеден бев и Ме напоивте, гладен бев и Ме нахранивте.“
Ете, тоа е суштината на христијанството: Христос нè препознава не по нашите зборови, ниту по нашите титули и знаења, туку по тоа дали нашите раце биле раце на служење, дали нашето срце горело од сочувство, дали нашиот живот бил добрина и милосрдие. Само така ќе можеме да влеземе во вечноста и да бидеме препознаени од нашиот Христос.
Значи, ние треба да живееме онака како што сака Христос. Ако сакаме да се осветиме, како што се осветил денешниот наш славеник, свети Партениј – а светоста е повик до секого од нас, според зборовите на Светото Писмо: Бидете свети, зашто Јас сум свет[4] – тогаш треба да се уподобуваме на Христа, Кој е Архисветецот, Светецот Израилев. Кон Него треба да се стремиме сите. Он е урнекот за тоа каков навистина треба да биде човекот. Ако првосоздадениот падна и престана да биде пример за човештвото, бидејќи ја погази послушноста кон Бога, новиот Адам е Христос, Кој е за сите нас пример и образец. Подобие според Кого сме создадени. Следствено, не треба само да се именуваме според Неговото име и да се нарекуваме христијани, туку и да живееме онака како што Он сака. Да бидеме милостиви и добродетелни.
Милосрдноста била главна одлика на свети Партениј, уште пред да стане свештеник и архипастир. Според неговото Житие, тој бил рибар во градот Мелитопол во Мала Азија, кој живеел во 4. век. Од заработеното од продажбата на рибите речиси ништо не задржувал за себе. Оставал само онолку колку му било потребно за преживување. Сè друго разделувал на сиромасите. За него христијанството не било теорија, туку начин на живот. И сите го знаеле тоа, и сите го љубеле заради тоа. Гласот за неговата милосрдност стасал и до тогашниот епископ Филит, кој најпрвин го ракоположил за чтец, а потоа и за свештеник. И Бог, гледајќи ја неговата чистота, му подарил дар на чудотворство уште додека бил свештеник. Оти Бог ги возвишува смирените. Подоцна, тој бил ракоположил за епископ на градот Лампсак, каде што со уште поголема ревност творел дела на милосрдие и така го утврдил христијанството.

Овој светител е пастир Христов во полнотата на зборот. И затоа денес го читавме Евангелието за Христос добриот Пастир, кое се однесува и на сите пастири кои се повикани да бидат вистински подражатели на Архипастирот, зашто и пастирите мораат да Го имаат за свој образец Христа и преку Него да се образуваат и да влегуваат во Царството небесно уште овде, во овој живот. Оти во спротивно, и за пастирите има строг укор и страшни зборови од Христа, Кој вели: Вистина, вистина ви велам: кој не влегува низ вратата во овчото трло, а прескокнува од друга страна, крадец е и разбојник[5]. И додава: Јас сум добриот Пастир; и ги знам Моите, и Моите Ме знаат Мене[6].
Многу е важно Христос уште одовде, во овој живот, да нè препознава како Свои и ние да Го познаваме Него. Односно, да бидеме Негови пријатели. Тоа е светоста: не далечна цел, туку длабоко познанство со Христа, живо и секојдневно.
Да се потрудиме во ова, мили мои. Имаме безброј светии до ден-денес кои ни го сведочат тоа. Апостолот Павле вели: Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба, имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус[7]. Има многу обични христијани, кои се смирени и кротки и кои се патокази кон Царството небесно. Светителите, пак, се тие кои ни помагаат на тој пат. Денешниот голем славеник, свети Партениј, го покажува тоа низ вековите, а го покажува тоа и овде, преку нас недостојните, бидејќи, ете, заради тоа што јас, грешниот, го носам тоа свето име, почнавме да го славиме овде уште повеќе. Впрочем, поради традицијата на имињата во овој манастир, пред триесет години ми беше дадено тоа име и сметам дека големи чуда направи свети Партениј тука.
И вчера, кога говорев на вечерната, и секогаш кога ќе се сетам на ова, се воодушевувам. На овој ден секогаш, дури и кога не бевме признати, ни доаѓале претставници од другите јурисдикции на едната света православната Црква. Еве, и оваа година свети Партениј нè удостои да имаме браќа од Црквата на Грција, од далечниот град Волос, со благослов на нивниот почитуван владика Високопреосвештениот митрополит г. Игнатиј. Овие браќа ги предводи архимандритот г. Амвросиј, наш долгогодишен пријател и вистински брат во Господа. Имено, тој е човекот кој на споменот на свети Партениј во 2017 година побара за нас мошти од Светиот и ни ги подари. И за да ми направат тогаш вистинско изненадување, претходно бев известен дека ќе дојде некој архиереј од Црквата на Грција. Јас навистина си помислив дека станува збор за некој мој пријател, но само се прашував кој би можел да биде, зашто имаме повеќе браќа и пријатели оттаму. Така, излеговме сите браќа и се подготвивме за вообичаен пречек на владика. И навистина, на необичен начин дојде мојот најголем пријател меѓу епископите, оној чиешто име со радост го носам. Значи, тоа е ова делче од чесните мошти на свети Партениј што го гледате и на кое се поклонувате. Кога го пречекавме пред портите на манастирот, отец Амвросиј ми рече: „Не знаевме кој друг поголем дар од моштите на твојот небесен патрон би можеле да ти донесеме.“ И несомнено тоа е така, за што бескрајно до ден-денес му благодарам! Тој, исто така, е отецот кој по нашето прифаќање од Вселенската Патријаршија, беше прв кој нè покани да служиме во Солун, во храмот на Пресвета Богородица – Панагуда, каде што своевремено беше старешина. Затоа, мојата благодарност кон него и кон неговата чесна синодија – отец Ставрос и Елевтериј – е преголема што денеска се тука, заедно со нас околу чашата Господова.

Исто така, на наша огромна чест и неизмерна радост, ни дојдоа и отци и браќа од Црквата на нашата соседна земја Србија: Високопреподобниот отец архимандрит г. Доситеј, почитуван духовник од Србија, кој посебно го сака нашиот народ. За нагласување и пофалба е тоа што овој човек, уште додека нашата Црква се наоѓаше во раскол, со голема љубов се грижеше, доаѓаше и нè љубеше, молејќи се и застапувајќи се за надминување на тој раскол. И еве, веќе втор пат свети Партениј нè удостојува да служиме заедно; тој беше и пред две години на овој ден, а и оваа година ја почести нашата обител со своето скапоцено присуство, заедно со уште двајца свештеници, отците Лукијан и Александар од Сремската епархија.
Вчера кај нас имаше навистина многу народ. Јас цела ноќ не можев да заспијам, затоа што Му благодарев на Бога што манастирот ни беше толку исполнет; што ги гледав сите тие возљубени лица ваши, со кои постојано другаруваме во Христа, и во радост и во маки, споделуваме заедно и добро и лошо, и што овој манастир, по милоста Божја, стана една заедничка куќа на толку многу народ.
Тоа е она што Црквата треба да биде: дом. Затоа Господ ја основа, за да биде наш дом. И сè она што Господ го направи за спасение на човештвото, теолошки го нарекуваме домострој (грч. οἰκονομία); целиот тој свет што Бог го сотвори, го устрои, поставувајќи го човекот како Свое највозљубено создание во таа вселена, сето тоа создание, целото тоа устројство, сите тие настани за нашето спасение во Црквата се нарекуваат домострој. Бог устрои дом за човекот, зашто човекот е дете Божјо. Христос, пак, е нашиот Домостроител и Пастир.
На сите ви благодарам неизмерно и воедно ви барам прошка отсега, доколку не успееме да се видиме во недела со некого, бидејќи ќе ни отпочне и најголемиот, најубавиот и најсветиот пост во текот на годината, како подготовка за светлото Воскресение – светата Пасха.
Нека овој пост ни биде, како што вели свети Јован Златоуст, не само воздржување од јадења, туку воздржување од грубост, од осуда, од рамнодушност и завист, од омраза и секој грев. Нека нашите очи Го бараат Христа, нашите раце да служат во милосрдие, нашето срце да се шири со љубов! И нека молитвите на свети Партениј Лампсакиски, денешниот голем славеник, нè придружуваат на овој спасоносен пат!
Уште еднаш ви благодарам од сѐ срце, што посакавте да се видиме и да другаруваме во Христа сите заедно денес. На многу години!
[1] Јован 10, 9.
[2] 1 Кор. 15, 21-22.
[3] Јован 8, 12.
[4] 1 Петр. 1, 16; сп. Лев. 11, 44.
[5] Јован 10, 1.
[6] Исто, 14.
[7] Евр. 12, 1.











