Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Умилителната вечерна на проштавањето, на 9/22 февруари 2026 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Да Му благодариме, мили мои, на милостивиот Бог што нè удостои да влеземе во ова особено свето и благословено време – светата и велика Четириесетница. Ова не е обично време во годината, туку еден благодатен период на враќање кон срцето, на враќање кон Отецот небесен, на враќање кон самите себе во светлината на Христовото присуство.
Денеска во нашите храмови, на светата Литургија, Црквата нè повика на пост, со зборовите на Самиот наш Спасител Господ Исус Христос. Но не на пост само како надворешен подвиг, ниту како телесна дисциплина сама по себе, туку како пат кон вистинското богатство. Христос ни ја откри целта на нашето живеење и ни го покажа постот како средство за стекнување на духовното богатство, кое не поминува.
Да се потсетиме на денешното литургиско Евангелие, според светиот апостол и евангелист Матеј[1].
Најнапред, Господ го поставува темелот: простувањето. Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен.Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.
Еве ја вратата на постот – простувањето. Пред да се воздржиме од храна, неопходно е да се воздржиме од злопаметење. Пред да ја смириме утробата, треба да го смириме срцето. Простувањето не е психолошки чин, туку онтолошка промена: ослободување од затворот на сопствената повреденост. Оној што не простува, останува врзан за земјата; оној што простува, веќе стои во просторот на Царството.

Потоа, Господ зборува за постот: Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата нажалени за да се покажат пред луѓето дека постат. Вистина ви велам дека тие веќе ја добиле својата награда.А ти кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое,па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа во тајност, ќе те награди јавно.
Колку длабоко и колку нежно нè воведува Христос во тајната на подвигот! Постот не е сцена, туку тајна. Не е показност, туку скриен разговор со Отецот наш небесен. Во тајноста се раѓа вистинската духовност. Таму, каде што никој не гледа, освен Бог, таму се гради вистинскиот човек. Светите Отци постојано нè предупредуваат дека подвигот без смирение се претвора во фарисејство. Свети Јован Лествичник вели дека суетата може да го придружува дури и постот, ако срцето не е очистено од желбата да биде видено. Затоа Христос нè учи на радосен пост, на светол лик, на внатрешна тишина.
И на крајот, Господ ни го открива крајниот критериум: богатството. Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат;но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ’рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат.Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше.
Еве ја суштината на Четириесетницата: пренасочување, односно преумување на срцето. Човекот секогаш има богатство, прашањето е каде го положил. Ако богатството му е на земјата, срцето му е врзано за пропадливото. Ако богатството му е на небото, срцето веќе живее во вечноста. Постот, простувањето и скриениот подвиг се начини срцето да се ослободи од земното и да се насочи кон небесното. Тоа не е презир кон материјалното, туку преобразување на односот кон него. Не живееме за да поседуваме, туку за да се принесеме. Светата и велика Четириесетница е време кога Црквата нè повикува повторно да го избереме вистинското богатство. Не она што го чуваат трезорите, туку она што го чува Бог во Својата тајна ризница – солзите на покајанието, опростените навреди, скриениот подвиг, љубовта што не бара возврат.
Господ Бог ни го претставува постот како пат; не како цел сама по себе, туку како средство за достигнување на целта, односно за стекнување на духовното богатство. А кое е тоа духовно богатство? Не нешто создадено, не некаква состојба или чувство, туку Самиот Он, Христос Бог. Он е нашето вистинско и единствено богатство. Во Него ја добиваме сета вечност: заедничарејќи со Него, стануваме причасници на животот вечен. А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христос[2]. Значи, вечноста не е само идно ветување, туку познание, живо и личносно, на Христа.
И најнапред овде, на земјата, се соединуваме во Него – литургиски, во светата Евхаристија, станувајќи едно Тело. Бидејќи лебот е само еден, едно тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден леб[3].Така, заедничарејќи во Него, веќе го наследуваме залогот на вечниот живот.
Но Господ јасно ни вели: ако сакате да стигнете до Мене, ако сакате да го придобиете духовното богатство, најнапред треба да се помирите со сите. Да бидете во мир. Да барате прошка едни од други. Зашто срцето што носи омраза не може да стане обиталиште на Христа. И знаејќи ги нашите жестоки срца, знаејќи ја нашата наклонетост кон самодоволност и затвореност, милиот Бог не ја нарушува нашата слободна волја. Тој ја вградил слободата како закон на нашето битие и не ја укинува. Затоа и не нè присилува. Неговата благост понекогаш нè плаши, зашто гледаме колку е љубовен Бог, колку е трпелив, колку е Отец Кој сите нè сака и нè очекува. И токму затоа нè остава на нашата мерка. Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери[4]. Ако не простиме, нема да примиме простување. Ако не љубиме, не ќе можеме да ја вкусиме љубовта. Бог не нè заплашува со надворешна казна, туку нè соочува со сопствената внатрешна состојба. Ако човекот не Го прифати Христа во своето срце како што треба, живеејќи пожртвувано за Него, ако не Го постави како свое духовно богатство и како центар на своето битисување, тогаш постепено се преобразува во нешто што не може да биде препознаено од Христос. Не затоа што Бог не сака да го препознае, туку затоа што човекот станал туѓ на ликот Христов.

Затоа е и Страшниот суд. Кога Господ говори за Крајниот суд[5], Он не изрекува произволна пресуда, туку открива какви луѓето станале во текот на својот живот. Кога ќе се појавиме пред лицето Господово, на оние од левата страна им вели: „Одете од Мене, проклети… Не ве познавам.“ Зошто не ги познава? Зошто не ги препознава? Затоа што тие не Го познале Него. Иако можеби формално биле христијани, сепак, во реалноста не ја познале, не ја вкусиле и не ја живееле Неговата љубов. Не ги прифатиле Неговите заповеди да бидат милостиви, да нахранат гладен, да посетат болен, да опростат. Затоа не се сродиле со Него.
Додека оние од десната страна, во истата парабола, Господ ги препознава и им вели: „Дојдете, благословени од Мојот Отец, наследете го Царството подготвено за вас од создавањето на светот.“ Тие станале слични на Него преку милоста, љубовта и жртвата.
Возљубени мои, ова е време кога секој од нас треба да се запраша: Што сум поставил како приоритет во својот живот? Во кој правец сум тргнал? Дали ме привлекуваат само созданијата Божји – убавините, даровите, насладите, привремените нешта – или Го ставам Создателот над сè?
Христос дојде во светот токму за да го разреши проблемот на смртта. Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее[6]. Но овој дар не се наметнува, тој се прима слободно. Преку нашата слободна волја треба да го избереме патот кој е крстовоскресен. Затоа и во стихирите на вечерната богослужба се молевме да се удостоиме да стигнеме до страдањата Господови, да се поклониме на Неговиот Крст и потоа да се поклониме и на Неговото светло Воскресение. Овој пат не е само историски спомен, туку духовна реалност. Четириесетницата е време кога доброволно и суштински влегуваме во подвигот на Крстот, за да станеме причасници на радоста на Воскресението. Само оној кој се распнал за светот, може да воскресне со Христос. Само оној кој Го поставил Него како свое единствено богатство, ќе биде препознаен од Него во денот на Неговото славно јавление.
Значи, во овој живот неминовно имаме искушенија, имаме крст, имаме борба и болка. Христијанскиот живот не е удобност, туку подвиг. Богатството за кое Господ говори е сокриено. Не блеска со земен сјај, не се наметнува, туку се открива на оној кој го бара со чисто срце. Да се потсетиме на една друга парабола за Царството небесно. Господ вели: Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сè што имал, и ја купил таа нива. И Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери;па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сè што има и го купува.
Тој скапоцен бисер, тоа сокровиште е Самиот Христос. Кога човек ќе Го најде Него, тогаш сè друго доаѓа на своето место. Не затоа што светот исчезнува, туку затоа што Создателот е ставен во срцето на прво место. И тогаш „сето ова ќе ви се додаде“[7], бидејќи поредокот е воспоставен: Бог прв, сè друго во Него и преку Него.
Но тоа духовно богатство е сокриено. Треба да се потрудиме да го бараме. Не се наоѓа без напор. Ќе го бараме преку подвигот. Ќе го бараме преку простувањето. Ќе го бараме преку милосрдието. Ќе го бараме преку тивката и скриена борба со сопствените страсти. Овој пост токму тоа е – патување кон големото богатство на Пасха, кон празникот на Воскресението. Четириесетницата е икона на целиот човечки живот: од раѓањето до смртта. Почеток, борба, очистување, страдање – и конечно светлина.
Во нас сега се раѓа желбата да бидеме со Христа. Да пораснеме духовно. И тоа секоја година, по Божјата милост, се повторува како благодатен циклус. Бог не се уморува да нè повикува; Црквата не престанува да нè раѓа повторно преку покајание. Веќе две илјади години, откако Он се смилостиви и влезе во човечкиот род, ние учествуваме во Неговите страдања. Сострадуваме со Него и совоскреснуваме со Него. Тоа не е поетска слика, туку реалност на Црквата.
И Царството небесно се исполнува. Небесната Црква ни помага. Светиите, кои веќе ја поминале борбата, стојат како сведоци дека патот е можен. Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себе секакво бреме и грев, што лесно се прилепува за нас, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба[8].

Овде сè е минливо, сè е пропадливо. Земното богатство старее, ’рѓосува, се распаѓа. „Молци и ’рѓа го јадат, и крадци го поткопуваат и крадат.“[9] Колку и да се трудиме да го сочуваме, времето го нагризува. Затоа Господ нè повикува да собираме духовно богатство. Да се сосредоточиме на најважното: да Го придобиеме Христа, за да станеме вистински луѓе.
Светот зборува за хуманост. Зборува за алтруизам. Сите сакаат да бидат сакани. Сите сакаат светот да биде подобар. Но без Оној Кој стана вистински Човек заради нас, тоа не успева. Човекот по Адама се распадна во лажните похоти и страсти. Но во Христа се откри вистинскиот Човек. Кога Понтиј Пилат Го изведе пред народот и рече: „Еве Го Човекот!“[10], не знаејќи, изговори пророчка вистина. Христос е Човекот во Кого треба да се огледуваме. Не човекот паднат, туку Богочовекот, совршен Бог и совршен Човек, Кој го победи гревот и смртта заради нас.
Така и ние сме повикани секојдневно да ја победуваме смртта во себе. А што е смртта? Гревот. Страстите што нè обвиткуваат: омраза, завист, гордост, себичност. Тие се семиња на распаѓањето. Затоа треба да се оддалечуваме од нив, да бидеме кротки, како што е кроток нашиот Спасител: Научете се од Мене, зашто сум кроток и смирен по срце[11]. Така, ден по ден, ќе ја победуваме смртта во нас. И кога ќе дојде часот кога телото привремено ќе се оддели од душата, душата да замине кон Христа, очекувајќи го Неговото славно Второ доаѓање, зашто знаеме дека и овој свет ќе заврши со хепи енд за сите оние кои го љубат Христа. И ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот[12]. Он сите ќе ги повика. Сите се во Неговото знаење. Мртвите ќе го чујат гласот на Синот Божји, и тие што ќе го чујат, ќе оживеат[13].
Но тука е и нашата одговорност. Да не ни се случи да слушнеме: „Не ве познавам!“ Затоа сега е времето на изборот. Сега е времето на подвигот. Сега е времето да Го направиме Христос наше единствено богатство, за во денот на Неговото јавување да бидеме препознаени како Негови.
Затоа, во овие свети пости, целиот труд на Црквата, целата нејзина духовна педагогија – преку евангелските зборови, псалмите, читањата, духовната поезија и богослужбените химни – сè е насочено кон една цел: да Го достигнеме Христа. Ништо во Црквата не е случајно. Секоја молитва, секоја стихира, секое читање има за цел да го преобрази срцето. Црквата нè води низ годината како мудра Мајка. А особено во овој најголем пост, светата и велика Четириесетница, таа нè подготвува постепено, ден по ден, да се соединуваме со Христа. Не само на Пасха, туку секојдневно – преку молитва, преку покајание, преку светото богослужение.
Се радувам што сте во толкав број во оваа наша голема светиња, како претставници на покајниците од целиот род. Вашето присуство не е обична формалност, туку сведоштво дека срцето копнее по Бога. И можеби вечерва и во други храмови, низ градовите и селата, се собираат верни на ваква молитвена вечер. Но овде, на ова свето место, има и една особена тежина. Оти, вие не дојдовте од блиската улица, блискиот град, туку направивте подвиг. Поминавте пат, вложивте труд, за да стигнете дотука и да принесете молитва. Тој труд не е мал. Секој чекор кон светињата е чекор кон преобразување.
И притоа го чуваме и го почитуваме наследството што ни го оставиле нашите предци. Овој манастир е значаен од многу аспекти – и историски, и културен, и национален. Но пред сè, тој е духовно прибежиште низ вековите. Место каде што народот наоѓал утеха, сила и надеж. И денес тој игра важна улога во духовниот живот на нашата татковина.
Затоа, да сте благословени. Нека Господ ни дава сили на сите – да го издржиме постот и, уште поважно, да го живееме правилно. Постот треба да се види во односот кон ближниот. Прво дома – таму каде што сме најиспитувани. Потоа на работното место. Потоа во секојдневните средби. Да станам подобар син, подобра ќерка, подобар сопружник, подобар колега. Така, чекор по чекор, станувам патник кон Царството небесно. Тоа го бара од нас нашиот Спасител. Не совршенство одеднаш, туку искрено покајание и постојан стремеж. И Он ќе ни помага. Он и многубројните Негови светии, кои се осветувале низ вековите и се осветуваат и денес во нашата историја. Тие сведочат дека патот на подвигот не е бесплоден, туку води кон светлина.
Сега ќе продолжиме со тропарите, а на крај ќе ги прочитаме молитвите за благодатни сили во текот на постот. Потоа ќе седнеме на заедничка трпеза, а по тоа ќе следува проштавањето – едни од други да побараме и да дадеме прошка, како што нè научи Господ. Нека оваа вечер биде почеток на еден вистински духовен пат.
Добра Четириесетница!
[1] Матеј 6, 14-21.
[2] Јован 17, 3.
[3] 1 Кор. 10, 17.
[4] сп. Матеј 7, 2.
[5] в. Матеј 25, 31-46.
[6] Јован 11, 25.
[7] сп. Матеј 6, 33.
[8] Евр. 12, 1.
[9] Матеј 6, 19.
[10] Јован 19, 5.
[11] Матеј 11, 29.
[12] Јован 5, 29.
[13] Исто, 25.











