Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, на празникот Обрезание Господово, на споменот на свети Василиј Велики и на почетокот на Новото лето Господово, на 1/14 јануари 2026
Возљубени мои во Христа,
Нека ни е честита и благословена Новата година на добрината Господова! Да Му благодариме на великиот дародавец Бог што нè удостои да застанеме на прагот на уште еден благодатен временски круг, зашто секој миг од нашето време, секој час, секоја седмица, секој месец и секое лето Господово не се наша сопственост, ами дар на Неговата неискажлива добрина и љубов кон човекот.
Времето, како што нè учи Црквата, не е само хронолошки тек, туку простор на спасение, „време благопријатно, ден на спасението.“[1] И затоа благодариме – што нè приведе Бог на почетокот на новото 2026 лето, коешто според стариот Јулијански календар започнува денеска, на први јануари.
Не е случајно, возљубени, што Црквата токму на овој ден го претставува пред нашите духовни очи ликот на големиот светител и учител, светиот Василиј Велики. Со почетокот на годината, Црквата ни дава почеток и во добродетелта; нè воведува во новото време со личност која ни покажува како времето се осветува преку верата, смирението и целосната доверба во Бога. Затоа, покрај Обрезанието Господово денес го празнуваме светиот отец наш Василиј Велики Чудотворец, архиепископ Кесариски, столб на православието, боговдахновен богослов, пастир на сиромашните, ненадминат творец и автор на светата Литургија што и денеска ја отслуживме. Таа Литургија, постара од онаа на свети Јован Златоуст, се служи во неделите на Великиот пост и на некои големи празници, како сведоштво за длабочината на неговото богословие и молитвен дух.

Епитетот „Велики“, кој ретко се среќава дури и меѓу светителите, свети Василиј не го добил поради човечка слава, туку затоа што во сè бил голем: во верата, во смирението, во љубовта кон Црквата, во своето врвно богословие и во својата непоколеблива доверба во живиот Бог. Неговата величина не произлегува од надворешна моќ, туку од внатрешното соединување со Христа. Тој живеел во едно исклучително тешко време за Црквата. Тоа било време на жестоки искушенија – и однадвор, и однатре. По падот на царот Јулијан Отстапник, кој се обидел да го обнови паганството и повторно да го угнети христијанството, Црквата се соочила со нова, уште посуптилна опасност: Ариевата ерес.
Презвитерот Ариј лажно учел дека Синот Божји не е совечен и единосуштен со Бог Отецот, туку е создаден во времето, со што ја нарушувал самата догма на Светата Троица. Свети Василиј Велики, заедно со другите Кападокиски отци, со живот и со слово ја бранел верата на Црквата, исповедајќи Го Христа како „единосуштен со Отецот“. Во тие немирни времиња, неговата вера не била само теоретска, туку длабоко практична и пожртвувана.
Свети Василиј не бил само борец против ересите, туку и човек на длабока молитва. Затоа во неговата света Литургија, која ја служиме до ден-денес, постојано се молиме Господ да ја запази Црквата во мир, да ги прекрати соблазните, да ги смири немирите и да нè сочува во единството на верата. Неговите молитви, втиснати во литургиската свест, се плод на едно срце кое страдало со Црквата и живеело за Црквата. И денес, преку тие молитви, и ние се вклучуваме во истата таа борба за чистотата на верата и за спасението на светот.
Од житието на свети Василиј Велики ни е предадено уште едно мошне поучно чудо, коешто Црквата го чува како живо сведоштво за силата на православната вера и за тоа што значи вистинска доверба во Бога. Имено, во тоа време, кога Јулијан Отпадник бил убиен, новата царска власт, иако веднаш се зафатила со обнова на христијанството, се наоѓала во недоумение кое вероисповедание е вистинито. Царот, збунет од спротивставените учења, почнал наизменично да им дава поддршка и на православните, и на аријаните. Аријанската ерес, која ја негирала Божественоста на Синот Божји, се обидувала да се утврди со помош на државната власт, а не со вистината на верата. Така, во градот Никеја – местото каде што некогаш, на Првиот вселенски собор (325 година), Светиот Дух ја запечати православната вера – се случила голема неправда. Царот, под влијание на аријаните, ја предал митрополитската црква на еретиците, а православните христијани, оние што ја исповедале вистинската вера, биле истиснати и принудени да останат надвор од храмот. Тогаш, народот, беспомошен пред човечката власт, го направил она што секогаш го правеле верните: побарал помош од духовен отец. Сите погледи се свртеле кон свети Василиј Велики, за кого веќе надалеку се слушало дека е човек со голема вера, со чист живот и со силна молитва пред Бога. И дошле кај него, го замолиле да отиде кај царот и да застане во одбрана на Црквата. Свети Василиј не се поколебал. Со смирение, но и со духовна смелост, отишол кај царот и му рекол:
„Врати им ја црквата на правоверните.“
Царот се двоумел, објаснувајќи дека и едните и другите тврдат дека ја имаат вистината. Тогаш свети Василиј, исполнет со доверба во Бога, предложил нешто што не било човечка досетливост, туку целосно предавање во рацете на Божјата правда. Имено, тој предложил да се затвори храмот и да се провери внимателно дека внатре нема никој. Клучевите да останат надвор, во рацете на царот или на градскиот епарх. И потоа, да се молат две групи: од едната страна православните, кои ја исповедаат вистината на верата, а од другата аријаните. И кога дошол часот, свети Василиј застанал заедно со православните. Не држел говор, не расправал, туку клекнал и почнал да се моли. Молитвата била тивка, но полна со доверба. Не била барање, туку предавање на сè во Божјите раце. И тогаш, по неговите молитви, се случило чудо: клучалката на затворениот храм сама се раздвижила, а вратите со силен тресок сами се отвориле. Царот, гледајќи го тоа, се уверил дека вистината не се докажува со сила, туку со благодат; не со државна поддршка, туку со Божја потврда. Така станало јасно дека православното учење е вистинското, а аријанското – лажно.

Возљубени мои,
Црквата неслучајно ни го поставува пред очи овој велик наш отец токму на почетокот на Новата година. Таа не ни раскажува историја за да нè информира, туку за да нè преобрази. Оти, да веруваш, значи да имаш доверба во Бога. Не половична, не пресметлива, туку целосна и искрена. Свети Василиј не се сомневал дека Бог ќе дејствува. Не затоа што Бог морал, туку затоа што тој Му верувал. Истото тоа Бог го бара и од нас. Да Му веруваме во секој час од нашиот живот. Да Му веруваме кога сме во храмот, но и кога сме надвор од него. Да Му веруваме кога работите се јасни, но уште повеќе кога се затворени, како што бил затворен храмот во Никеја. Зашто таму каде што има вистинска доверба во Бога, таму вратите се отвораат – не со човечка сила, туку со благодат и вистина.
Со секој изминат час, со секоја измината година, времето неизоставно го запишува своето писмо на минливоста. Денес, на пример, храмот во кој свети Василиј се помолил, и самиот град во кој се случило големото чудо, се претворени во некропола. Низ историјата, тој простор бил осквернуван, преуредуван, па дури и претворен во џамија, а денес стои како нем сведок на минливоста на сè создадено. Гледате, како времињата се менуваат. Колку е бурен овој свет. Исти такви се и нашите лични животи. Полн е светот со искушенија, а полни се и нашите срца со бури. Тоа е нашиот крст. Немири, распаѓање, болни разделби. Понекогаш дури и рушевини од односи што некогаш биле блиски: луѓе со кои сме делеле трпеза, пријателства, љубов. И тие остануваат зад нас како урнатини, како спомени од нешто што веќе не постои.
Но тоа, мили мои, не треба да нè обеспокојува. Зашто таков е светот во кој живееме. И уште повеќе: светот ние таков сме го направиле. Оваа вознемиреност, овие судири, оваа несигурност – не се дело Божјо, туку последица на човечкиот избор. Бог не го создаде светот во немир; човекот го внесе немирот со својата самоволја. И токму затоа Господ направи сè, за да нè избави од таа самосоздадена беда. Затоа Синот Божји слезе меѓу нас. И Словото стана плот и се всели меѓу нас[2]. Он дојде како човек за да нè изведе од темнината, да нè направи чеда Божји, чеда на светлината[3]. Он заради нас ја прими нашата природа. Заради нас се распна на Крстот. Заради нас постана совршен Бог и совршен човек, за да го исцели она што беше болно и да го спаси човекот во целост.
Затоа, возљубени, Бог нè повикува на доверба. Не на наивна сигурност, туку на жива доверба во Него. Нека не нè плашат искушенијата, ниту бурите што доаѓаат од сите страни. Денес гледаме како светот повторно стои на работ од нови катастрофи. Како за миг може да се разгори нова војна, да згаснат илјадници животи. Но ние веќе и сме сведоци на безумни војни. А војната, според учењето на светите отци, секогаш е безумство. Во православното предание нема оправдување за војната. Таа е зло по својата суштина. Тоа јасно беше потврдено и во поновата историја на Црквата. На светиот и велик Собор на православната Црква, одржан на Крит (2016 година), архиереите повторно го потврдија традиционалниот став на Црквата: дека војната е трагедија и зло, и дека не може да се оправда од христијанска перспектива. Во православното разбирање, војната никогаш не била благословувана, туку само по неопходност – допуштена, и тоа единствено како одбрана од напад. Дури и кога Црквата живеела во рамките на големи држави, како Источната Ромејска Империја, која траела најдолго во историјата, православните не биле агресори и освојувачи. Тие се бранеле кога биле нападнати, но не ја претвориле војната во средство за доминација.
Возљубени, нашата борба не е телесна, туку духовна. Таа се води во срцето на човекот. И секој од нас е повикан лично да му служи на доброто, да го победува злото најнапред во себе. Зашто имаме Бог Кој се застапува за нас, Кој нè укрепува и Кој никогаш нема да нè остави.
Кога во времето на Јулијан Отстапник се заканувало уништување на градот Кесарија, свети Василиј, воден од длабоко човекољубие и грижа, собрал богатство за да го откупи народот, знаејќи дека царот бил среброљубив. Но Бог имал поинаков план. Царот заканувач бил убиен, бидејќи животот на секој човек е во Божји раце. И тогаш, свети Василиј го вратил богатството на народот на чудесен начин. Она што не било побарано, го разделил на сиромашните. Основал сиропиталишта, домови за старци, болници. Тој е еден од првите светители во историјата на Црквата што систематски се посветил на грижата за најранливите – она што денес го нарекуваме хуманитарна дејност, или социјална мисија на Црквата. А дел од скапоценостите, според преданието, го ставил во лебови и им го вратил на луѓето, така што секој го добил назад она што го приложил. Така настанал и обичајот за Василопитата. Ова предание, кое Црквата го чува до денес, не е само народен обичај, туку живо сведоштво за неговата пастирска грижа и татковска љубов.

Сето тоа се многубројни сведоштва за неговата силна и дејствителна вера. И затоа свети Василиј Велики ни е поставен како пример токму на почетокот на Господовото лето – за да нè научи дека верата не е збор, туку доверба; не теорија, туку живот.
Најмили мои, од сѐ срце ви благодарам на сите што денеска сте заедно со нас; што со своето присуство, со својата љубов и со својата молитва го разубавувате овој празничен ден. Благодарност до сите што заедно со нашите монашки братство и сестринства ја споделувате радоста на празниците, зашто Црквата живее токму во заедништвото.
Особена благодарност упатувам до хорот „Митрополит Козма Пречистански“, како и до другите новоосновани музички и играорни друштва, на кои им посакуваме благословен раст и духовен напредок. Тоа се млади луѓе, деца музичари, кои се образовани во Средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, но, пред сè, се дарувани со талент и со љубов кон црковната уметност. Со радост гледаме како тие таланти не ги задржуваат само за себе, туку ги принесуваат на служба на Црквата, создавајќи пејачки и играорни друштва. Во деновите на Божикните празници, тие пееја низ цело Скопје, носејќи икони со Рождеството Христово во пештерата, најавувајќи го доаѓањето на Богомладенецот. За многумина, тоа беше голема утеха и радост – вистинска проповед, со песна и со сведоштво.
На сите вас ви посакувам Новото лето Господово да ви биде плодно и благословено! Нека Господ ги исполни добрите желби на вашите срца. На монасите и монахињите нека им дарува уште поголема љубов кон подвигот, трпение во искушенијата и радост во служењето. И сите нас да нè удостои, на крајот од оваа 2026 година, повторно да Му запееме на Господа за Рождеството Негово, кога најмногу се пројавува вашата жива служба во Црквата.
Сега, со Божји благослов, ќе ја поделиме Василопитата и ќе видиме кои ќе бидат благословените добитници на паричката. А додека се случува тоа, ве молиме да ни ги запеете прекрасните каланди, за уште еднаш со песна да Му ја принесеме нашата благодарност на дародавецот Бог.
Нека е благословено Новото лето Господово и нека ни биде мирно и спасително! Амин.
[1] 2 Кор. 6, 2.
[2] Јован 1, 14.
[3] сп. Јован 12, 36.











