Во името на Отецот, Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри,
Нашите прародители беа создадени за вечност. Таа блажена, благодаттна состојба ја изгубија заради нивната непослушност кон Бога. Но, љубовта Божја кон нас луѓето и кон севкупниот човечки род продожува и покрај непослушноста на нашите прародители. Она што Бог го бара и очекува од нас, е да покажеме грижа и љубов кон нашето спасение. Сите останати средства потребни за спасение, Бог преку Светата Црква обилно ги нуди на секој од нас, но повторно, од нас зависи дали со истите ќе се ползуваме, или ќе покажеме негрижа и отстапништво.
Ако еден човек се подготвува за посета на некоја видна личност, од кого очекува некои времени, овоземни благодетти, тој однапред размислува и се подготвува психички и физички за таа средба. Осмислува како да се претстави пред него, како да се облече, како и што да проговори, а сѐ со цел, да го оствари она што испланирал, односно да ги добие од него оние времени благодетти кои му се потребни. Но, истиот тој човек, не постапува исто кога треба да посвети грижа, труд и да даде свој влог за да се подгови соодветно и да се сретне со Небесниот Цар, односно Бог Отец, Кој наместо времени, ни нуди вечни богатства и вечно спасениие на нашите души. Истиот тој човек не покажува доволна грижа кон таквите вредности, кои Господ Исус Христос ни ги нуди и очекува од нас како од христијани. Тие вредности потребно е, не само декларативно да ги сакаме со зборови, туку треба да се трудиме со нашите постапки и нашите дела да ги спечалиме.
Ние како христијани, честопати знаеме да посветиме голема грижа за овоземни потреби, да спечалиме, да изградиме убава куќа, да купиме убава кола и да го уредиме нашето живеалиште. Но, честопати забораваме да посветиме доволно внимание на нашето спасение. Ако пак посветуваме малку од нашето внимание, тогаш тоа го третираме како нешто малку важно и последно од нашите приоритети. Некои од нас, дури и гревот не го рачунаат како отсапување од исполнувањето на волјата Божја, туку тоа го разбираат како нешто најнормално, нешто кое се случува со сите луѓе. Притоа, забораваме дека, Бог очекува од нас како од христијани, да покажеме борба против секаков грев, за да можеме да се нарекуваме вистински христијани, ние ќе мораме и да ги исполнувамне заповедите Божји. Свети апостол Јаков вели: И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва. (Јак. 2, 17)
Потребно е ние како христијани, малку повеќе да размислиме за тоа дека нашиот Спасител Господ Исус Христос, ја проли Неговата пречиста крв, за наше спасение. Потребно е да се покаеме, за да не се лишиме од вечното спасение. Без покајание нема спасение за никого. Човекољубивиот Бог, покажа така чудесна промисла во неговиот домострој, за да се покае секој грешник и за да се приведе кон спасение. Но, ние луѓето често пати остануваме апатични и не покажуваме доволно интерес, за ова спасително дело. Христос, Синот Божји, ни покажа нам и на светот дека Он дојде во светот и добрололно пострада, покажувајќи големо смирение и давајќи го својот живот за да не избави од сите болести, маки, страдања и смрт. Бидејќи Самиот доброволно Се даде за жртва, распнат на крст, со тоа ни порачува и нам, дека сето тоа го направи заради нас, и од нас очекува самопокајание за да можиме и ние да се ползуваме со сите овие благодетти кои ни ги нуди.
Бог сака секој човек да се спаси и да добие живот вечен, но, ние грешните луѓе најчесто ја потценуваме тоа Божја грижа. Честопати, ние како грешни луѓе ја отфрламе таа Божја милост, и несакаме како разумни битија да одговориме на подадената Божја рака, туку остануваме незаитересирани и одиме по погрешни патишта, кои нѐ одалечуваат од вистината, правтата и љубовта, односно не отуѓуваат од самиот Бог. Честопати изгледаме како некој давеник, на кого му подаваме рака за да го спасиме, но доколку тој непокаже и своја волја и несака да одговори на таа подадена рака, ние неможеме да му помогниме. Слично се случува и со нас, Бог постојано штедро ни ја нуди својата десница и не повикува цврсто да се фатиме и држиме за неа, за да не избави од овој греовен и лажен свет. Повторно, од нас самите зависи, дали ќе покажеме волја и желба да одиме кон вечноста, кон непреодното, трајното и спасоносното за да спечалиме спасение за нашите души.
И денес прославувајќи го гораздиот маченик за верата Христова, светиот Георгиј Победоносец, кој го жртвуваше својот живот со маченичка смрт, се поучуваме дека вечноста се спечалува и со мачеништво. Тој презрел се од овој свет, и богатство и слава и младост и убавина и се жртвувал за Христа, за да им помогне на своите браќа христијани. Од нас денеска, Светата Црква не бара такво мачеништво, но бара да покажеме достојна христијанска љубов, грижа и труд за нашето спасение, а тоа ќе го постигнеме преку исполнувањето на заповедите Божји и прописите на нашата Света Православна Црква. Исполнувањето на овие прописи, е можно со вложување на наш труд, но да не забораваме дека ни е потребна и Божја благодат, која ни помага во нашиот подвиг, не поткрепува да можиме успешно и достоинствено да го исполниме она што од нас се бара како од христијани. Молитвата е главното средство преку кое најмногу се излива благодаттта божја на секој христијанин, кој со вера и искреност бара помош од Севишниот Бог.
Сето досега кажано се однесува на секој христијанин, независно дали е лаик, свештеник, монах или монахиња. Но, сепак определбата за монашки подвид подразбира и очекува поинтензивно живеење согласно барањата на Светата Црква и учењето на нашата православна вера. Молитвата, постот и послушанието се трите основни столба на кои треба секој монах да го втемелува своето монашко подвижништво, и преку кои ќе може да ги победува сите овоземни искушенија кои не снаоѓаат како луѓе од крв и месо. Обраќајќи се кон сестрите кои вечерва ги зедоа монашките завети, би сакал да им порачам да се угледаат на подвигот, на страдањето, на мачеништвото, но и неотстапувањето, односно од цврстината на свети великомаченик Георгиј. Па и тие со цврстина и непоколебливост да ги живееат монашките завети. А сето тоа нека биде за слава на Троичниот Бог, за просперитет и углед на оваа света обител, за афирмација на Македоската Православна Црква – ОА и за спасение на нивните души. Амин!