„Вие сте храм на живиот Бог“

Слово на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, на Светата Литургија, по повод осветувањето на храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше, на 17/30 јули 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Светиот апостол Павле, во своето Послание до Коринтјаните, вели: И така, возљубени, имајќи вакви ветувања, да се очистиме од секоја нечистотија на телото и на духот, исполнувајќи ја светоста во страв Божји (2. Кор. 7, 1). Оваа порака што денес ја слушнавме од апостолот е вечна и непреодна. Таа е повик за сите луѓе, за секое човечко битие, и упатство по кој пат треба да оди човекот овде на земјата. Сите заповеди Христови се собираат во овие боговдахновени зборови на ап. Павле. Тоа е она на што е повикан човекот, што е неговата цел во животот и негов предуслов, подготвувајќи се во него да се всели силата Божја, Светиот Дух Животворен.

Само во чистото срце, во чистата душа, во чистиот сад на човечкото битие може да се всели силата Божја и Светиот Дух. И човекот, кога се вселува во некој дом, не се вселува во нечисто, во валкана куќа, туку најпрво ќе ја очисти, измие, вароса, па дури потоа ќе влезе во неа. Ако тоа важи за човекот, толку повеќе тоа важи за живиот Господ, Создателот на Небото и на Земјата. Неговото престојување е во човековото срце. Но, не случајно има речено Господ во Евангелието: лисиците имаат легла и птиците небески гнезда; а Синот Човечки нема каде главата да ја приклони (Мт. 8, 20).

Се поставува прашањето, зошто Синот Човечки нема каде главата да ја приклони? Затоа што има малку очистени храмови и малку очистени човечки души. Малку има чисти срца на кои Бог може да ја наклони Својата глава. Затоа што онаму каде што е чистото срце, таму Бог ја приклонува Својата глава, и во чистото создание се вселува. Секое битие, а особено човекот, е создадено со чистина и со раката Божја е обликувано. Меѓутоа човекот, паѓајќи во грев, го осквернил образот Божји, иконата Божја која ја носи во себе. Го извалкал сосудот на Божјата благодат, домот на своето срце, кое Бог го создал. И затоа и Господ нѐ повикува преку устата на боговдахновениот ап. Павле да ја очистиме секоја нечистотија на своето тело и душа, а дури потоа да ја исполнуваме светињата во страв Божји, а стравот Божји е почеток на мудроста (Пс. 111, 10). Така работеле сите свети Божји луѓе, така работеле и светите пророци, така постапувал и светиот Богоносец Мојсеј, кој најпрво ја очистил својата душа и тело, па потоа се искачил на Синајската гора, за да го види лицето Божјо и да ги прими Божјите заповеди, кои ќе стојат запишани во неговото битие.

На тоа биле повикувани и апостолите Христови и тие на таков начин се подготвувале за да постанат сосуди на благодатта Божја. Така работеле и сите свети луѓе низ вековите. Секој од нив ја правел својата душа чиста, ја чистел својата нечистотија, за да може семоќниот Бог да си најде обиталиште и да се всели во човековото срце и ум.

Таква била и св. вмч. Марина – Огнена Марија, чиј спомен светата Црква денеска и го прославува. Уште како млада девојка, иако ќерка на многубожечки свештеник, односно жрец, Го засакала Христа, и поради тоа била отфрлена од нејзиниот татко. Потоа еден моќен човек од власта посакал таа да му биде сопруга, но св. Марина му кажала дека е ветена на Христа и дека е христијанка. Најпрво пристапиле со разни разубедувања, но, откако ништо не помогнало, била подложена на најсвирепи измачувања. Силата Божја, пак, била врз неа и таа сите страдања и маки ги претрпела, и јавно, пред да биде погубена со меч Го исповедала Христа како свој Спасител и Учител. Така маченички и го завршила својот живот во III век, во времето на гонењето на христијаните од страна на римскиот император Диоклецијан.

Но, ние денеска сме собрани во овој свет храм, посветен на Пресветата Божја Мајка, што го осветивме, па по тој повод би сакал да кажам неколку збора и за храмот. Ап. Павле во своето Прво послание до Коринтјаните вели: Божјиот храм е свет, а тоа сте вие (1. Кор. 3, 17). И ние, кои денеска се наоѓаме во овој свет храм, да се поучиме од овие зборови на св. ап. Павле. Потребно е најнапред и ние да постанеме храм Божји, па дури потоа Бог да се всели во храмот што го изградивме со нашите раце. Истиот апостол ни порачува: Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: „Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ (2. Кор, 6,16). Живеејќи според волјата Божја, луѓето постануваат храмови Божји. Носејќи Го Бога во своите души, тие Го внесуваат Бога во храмовите создадени од нивните раце. Бог си создал дом во човековите срца, а луѓето ги создаваат храмовите за заеднички да Го слават Бога, па така подлабоко и посилно да ја доживеат заедницата со Него.

Не е доволно што е подигнат овој свет храм. Народот Божји, подигнувајќи го овој храм, врз себе примил и обврска дека со својот благороден живот и работа, ќе го надградува во себе и во својата душа духовниот храм во кој ќе престојува Бог. На тој начин, овој храм создаден со човечки раце, ќе постане живеалиште Божјо, населба на Неговата слава и прибежиште на немоќните, пристаниште на носените од бури, место кое ги прогонува лошите духови и лечилиште на страстите. Овој ден е и момент сите да почувствуваме дека сме храмови Божји и духовно да го почувствуваме овој настан поврзан со осветувањето на храмот на Божјата Мајка. Нека е честито и од Бога благословено. Амин.

Ја користам оваа прилика да му се заблагодарам на Епископот Антаниски Партениј, Игумен на Бигорскиот Манастир, за иницијативата и заложбите; потоа, на неговите во Христа браќа, на сестрите од Манастирот на Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, како и на благочествите дарители и на сите што на каков било начин помогнале да се изгради овој велелепен храм, за прослава на Пресветата Мајка Божја, а за спасение на христијанските луѓе. И дај Боже што повеќе вакви храмови, но и повеќе духовни храмови да се градат во душите и срцата на луѓето. Амин!

Осветување на храм „Пресвета Богородица

с. Ростуше, Дебарско

30.07.2023 год.