Да бидеме „рацете на Крстот“

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија, во чест на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле на 29 јуни/12 јули 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Да Му благодариме на Бога, мили мои, што и оваа година се удостоивме да го прославиме сечесниот годишен спомен на Светите, славни, сефални, првоврховни Апостоли Петар и Павле и да извлечеме поука од нив за нашето христијанско живеење.

Кога вчера на Вечерното богослужение ги пеевме стихирите на празникот, особено многу ме допре стихот во кој овие два велики и носечки столба на Црквата беа наречени „реки на премудроста и раце на крстот“. Навистина, двајца чудесни избрани Христови садови!

Од евангелските раскази знаеме дека претходно во својот живот, апостолот Петар бил обичен рибар и едноставен селанец. Апостолот Павле, пак, претходно работел како кожар и иако бил мошне учен во тајните на Светото Писмо, сепак, тој бил страшен гонител Христов. И погледнете сега колку можат да се преобразат животите на луѓето, кога до нив ќе се допре Божјата благодат! Не е случајно тоа што нашиот мил Господ избрал токму едни вакви, на прв поглед потполно неподобни личности за Свои водечки проповедници: едниот, најобичен прост рибар, другиот, пак, дури и гонител на Црквата Христова. Он успеал со Својата чудесна љубов до тој степен да ги преобрази обајцата, што тие да станат Негови огнено ревносни Апостоли, кои најпрвин со својот живот ја проповедале, а потоа и со својата сопствена крв ја запечатиле вистината која ја виделе во Христа. Имено, од црковната историја знаме дека Апостолот Петар завршил маченички во времето на царот Нерон, и тоа распнат на крст со главата надолу, што, всушност, било на негово сопствено барање, бидејќи се сметал недостоен да биде распнат на потполно ист начин како неговиот и наш Спасител Господ Христос. Апостолот Павле, исто така завршил маченички и како што ни кажува преданието, тоа се случило на истиот ден како и со неговиот собрат и соподвижник, Апостолот Петар. Нему, како на римски граѓанин, само му била отсечена главата, согласно тогашните закони за смртна пресуда.

Па така, мили мои, имаме, значи, еден Апостол кој трипати се одрекол од својот Господ и еден Апостол кој бил гонител. А сепак, и двајцата станале непоклатни столбови на Црквата, огнени Христови проповедници. Но што е тоа што овие двајца мажи, кои имале свои слабости, ги направило такви силни и бесмртни Апостоли? Најпрвин љубовта Божја, а секако и нивното добро, приемчиво за Бога срце. Господ, со Својата љубов, трикратно му простил на Апостолот Петар за трикратното одрекување, кога по Воскресението му се јавил и трипати го прашал: Симоне Јонин, ме љубиш ли? Третиот пат Апостолот Петар се нажалил оти по трет пат го прашува и Му рекол: Господи, Ти сè знаеш; Ти знаеш дека Те сакам. Тогаш Господ му рекол: Паси ги овците Мои! (Јован 21,15-17). Со тоа како да сакал да му рече: „Немој за себе да помислуваш нешто високо, оти и ти си како еден од луѓето во светов, човек со свои борби и слабости. Затоа, паси ги словесните овци, односно душите човечки со љубов, прошка и разбирање, оти само така, преку љубовта ќе можеш да се наречеш Мој вистински ученик и проповедник“.

Апостолот Павле, пак, рековме, најпрвин бил гонител на Христијаните, предизвикувајќи страшни потреси во раната Црква. Впрочем, така и го нарекувале – Савле, што на старогрчки значи токму тоа: потресител. Но добриот Господ и него го уловил со Својата преголема љубов: му се открил во светлина, од која Свети Павле ослепел и не прогледал сè до своето крштение од Апостолот Ананија, после што станал посветен ученик Христов и најревносен благовестител на Евангелието.

Ги гледаме, значи, двајцата врховни Апостоли во нивните претходни слабости: Свети Петар се одрекол од Христа од страв за својот живот, а Свети Павле, претходно Савле, западнат во самоизмама, Го гонел Христа, сметајќи дека така на Бога Му принесува служба. И во поглед на двајцата се овистиниле претходните две Христови пророштва: за Апостолот Петар – Сите вие ќе Ме оставите уште оваа ноќ; зашто е напишано: „Ќе удрам по пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат“ (Матеј 26-31); и за Апостолот Павле – Па уште и ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба (Јован 16,2), зашто тој ги гонел Христијаните, мислејќи дека на тој начин Го слави Бога.

Мили мои, и ние во нашето секојдневие честопати се откажуваме од Бога, од страв да не се доведеме во опасност, или да не изгубиме нешто, или, пак, доколку влеземе во борба со нашиот стар човек во себе, да не треба да се откажеме од нешто што толку пристрасно го сакаме. За жал, наместо да Му дадеме простор на Христа да заживее во нас, наместо да го градиме и раснеме новиот човек во Христа, ние сè уште го сожалуваме стариот човек по Адама, кој нè влече по разни похоти и нè оковува со многубројни страсти. Претпочитаме да ги задоволуваме сопствените желби и повеќе да им оддаваме чест на нашите страсти, отколку на Бога, откажувајќи се така од Него. Затоа неопходна ни е Неговата љубов и Неговата помош. Христовата љубов може да ги покрие нашите слабости и гревови, исто како што им ги покрил и на Апостолите кои ги славиме денес.

Затоа треба нив да ги имаме како молитвени сопатници во нашиот стремеж кон покајанието, како наши моќни спомагатели, бидејќи и тие самите биле исцелени со љубовта Христова. Бог го поставил Свети Петар за прв меѓу Апостолите, за архипастир на Црквата Своја, откако претходно го научил дека треба да проштава, бидејќи и самиот доживеал слабости и падови. Го поставил како пример за идните пастири, епископи, свештеници, за и тие да проштаваат и да љубат.

Што се однесува до Апостолот Павле, зарем не ни се случува и ние да се однесуваме во нашиот живот, исто онака како што некогаш правел тогашниот Савле, кога во својата неразумна ревност и самоизмама, ја прогонувал Црквата Божја? И ние понекогаш, немајќи доволно просветление поради тоа што се оддаваме на страстите, Го гониме Самиот Бог во лицето на нашите ближни, сметајќи дека правиме нешто добро, нешто многу големо, дека Му вознесуваме слава на Бога. Погледнете: не е ли една таква појава денешното меѓусебно обвинување и осудување на Христијаните по социјалните мрежи, но и надвор од нив? Се нарекуваат Христијани, слуги Божји, а само се препукуваат еден со друг. Верници се занимаваат со прашања што им припаѓаат на епископите, или и на свештенството. Да, точно е дека  во однос на поредокот и каноните во Црквата многупати во историјата имало спротивставени мислења меѓу епископите, како што впрочем имало недоразбирања и меѓу самите Апостоли, но никогаш тие спротивставености не треба да доведат до расколи и омраза и до оддалечување од љубовта Божја. Еве, да ги земеме за пример денешните славеници, Светите Апостоли Петар и Павле. Од новозаветната книга Дела Апостолски, како и од некои од апостолските посланија дознаваме дека меѓу нив двајца имало разномислие, па дури и отворен спор во однос на обрезанието. Меѓутоа, тие двајца никогаш не допуштиле да се оддалечат од љубовта во Христа и да се исполнат со омраза еден кон друг. Напротив, останале вистински браќа во Христа и најсилни столбови на Црквата Христова. Затоа во православното предание тие често се сликаат во меѓусебен целив, или како заеднички ја држат Црквата, оти ништо не можело да ги оддели од љубовта Христова.

Доколку непрестајно се судиме и осудуваме едни со други, тогаш од Христијани ќе станеме лажни браќа и рушители на Христовата најсвета заедница – Црквата, која е втемелена на самата Неговата крв истечена од Крстот. Ете и самите слушнавме пред малку од апостолското четиво во кое Свети Апостол Павле, исповедајќи ги пред Христијаните своите маки што ги претрпел заради Евангелието, меѓу другото, вели дека бил многупати во опасност од лажни браќа (сп. 2. Кор 11,26). Следствено, да не си дозволиме да станеме лажни браќа, туку да бидеме деца на Христовата љубов. Оти, гледаме како Он само преку љубовта ги исцели двајцата Апостоли. Оној кој се откажа од Него трипати, исто толку пати проштевајќи му со љубов го исцели, а оној кој беше гонител, и кому со огромна љубов му се појави, го направи Апостол на народите.

Овие двајца Првоврховни Апостоли, како и сите други Свети Апостоли, се молитвеници и застапници пред престолот Божји за нас. Да ги помолиме, затоа, особено денес кога го празнуваме нивниот спомен, да ни ја дадат својата апостолска ревност и онаа иста љубов што тие самите ја имаат кон Господа Христа. Токму љубовта Божествена ни е насуштно потребна во овој возмутен и несреќен свет, за да можеме да останеме до крај во Христовиот подвиг, па и ние, како великиот Павле, да кажеме: Не живеам веќе јас, туку Христос живее во мене (Гал. 2,20). Тоа, мили мои, е она што го посакува нашиот себлаг Спасител – да станеме Нему подобни, да станеме мали христоси, да станеме Негови раце на крстот, што значи да станеме зраци на Неговата светлина и љубов. Оти, токму таму, на Крстот, Он силно засветли со Својата Божествена љубов и таму дефинитивно ја победи смртта. Таа победа од Крстот му засветли на целиот свет, а ученците Негови кои Го прифатија како Син Божји и Месија, станаа „рацете  на Крстот“, како што испеал свештениот химнограф. Сите ние, мили мои, треба да бидеме раце на Крстот. Да бидеме распнати за стариот човек и за страстите, за со своите раце, подобно на Христос Кој го прегрна светот, да ги прегрнуваме и ние нашите ближни и сиот свет и да станеме показатели кон Царството Небесно, патеводители по патот што ни го отвори Христос. А Царството небесно започнува одовде и е внатре во нас. Него да почнеме да го градиме во себе, по молитвите на великите, чудесни Првоврховни Апостоли Петар и Павле, чиишто благослов и молитви да ги имаме сите.

Амин!