Храмот на Богородица во с. Ростуше – радост на душата

Слово на Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба во Храмот на Пресвета Богородица во с. Ростуше, при „Отворањето на дверите“ пред неговото осветување, на 16/29 јули 2023 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Високопреподобен Архимандрите отче Доситее,

Почитувани браќа монаси и сестри монахињи,

Драги Христијани,

Да Му благодариме на Господ Бог и на Пресветата Владичица наша Богородица што нè удостоија овде, на ова возвишение, во славниот мијачки крај, над некогашниот славен манастирски комплекс наречен Двораник, да го видиме обновен во полн сјај овој свет и сечесен храм, посветен на Мајката Божја. Бездруго многу поколенија го очекувале овој свештен миг. Оти, историјата на ова Светилиште се протега длабоко во вековите и со него се поврзани доста значајни моменти од историјата на православниот народ во овој крај, но и многу премрежија и искушенија.

За Богородичната црква во с. Ростуше имаме сигурен запис уште од првата половина на 15. век. Имено, како мошне побожен Христијанин, тогаш познатиот феудалец од овие простори, Иван Кастриот – таткото на легендарниот Георгиј Кастриот, наречен Скендербег, големиот борец за христијанската вера – посакал дел од својот посед да ѝ го подари на Светата Гора Атонска, поконкретно на манастирот Хилендар. Така, во неговата дарителска Повелба до Хилендарската Света Обител стои, меѓу другото, дека тој ѝ ја подарува Црквата на Пресвета Богородица во с. Ростуше, којашто суштествувала од порано, заедно со селото Радостуше (Радост на душата) и селото Требиште. Оттогаш поминаа речиси 600 години и еве, по Божја промисла, ние токму сега го правиме осветувањето на новиот храм на Царицата Мајка, кој не е ништо друго, освен еден непрекинат континуитет на црковната историја и наследство во овој крај.

Старата црква на Пречистата се наоѓала на местото Двораник, сред село, каде што денес се простира игралиштето. Во време на османлиското владение, заедно со процесот на исламизација, таа црква била претворена во џамија. За ова, покрај усните преданија, имаме и писмени сведоштва, од кои попознати се тие на иконописецот Апостол Христов Фрчковски, на Архимандритот Кирил Рилски и на учителот Риста Лоноски. Во мемоарските списи на познатиот Архимандрит Кирил, родум од с. Битуше и Игумен на Рилскиот Манастир, се наоѓаат бројни сведоштва и преданија поврзани за овој крај, меѓу кои и за црквата во месноста Двораник. Имено, тој, како администратор на Дебарската епархија, којашто во тоа време на Првата светска војна била лишена од архиереј, одговорајќи на потребите на месното христијанското население коешто немало соодветен молитвен дом, на 30 август 1918 година, храмот  што претходно бил претворен во џамија, повторно го востановил како црква. Благочестивите Христијани од с. Ростуше ја украсиле црквата со икони и со потребните утвари, така што таа одново започнала да функционира како христијанско светилиште. Потоа, во Кралска Југославија, некаде околу 1922 година, Христијаните смогнале на црквата да ѝ дадат еден велелепен архитектонски лик во византиски стил. Тоа здание постоело сè до Втората светска војна, поточно до 1943 година, кога, за жал, била минирана и разнесена.

Благочестивите ростушани, имајќи силна вера во Христа дури и во времето на комунизмот, кога вероисповеданието, да кажеме, беше презирано и кога беше речиси невозможно да се градат нови храмови, тие сепак се потрудиле, со дел од каменот што останал од старата црква, да изградат еден скромен храм токму на ова место каде што сега се наоѓаме. Тука ги пренеле и камбаните што ги спасиле од стариот храм. Тој скромен храм, изграден со кал, го  затекнавме и самите кога дојдовме тука и ни беше толку мило заради него, што започнавме секоја година, заедно со верните мештани, да се собираме овде на Водици и да се молиме, обновувајќи го така обичајот на осветување на водите во р. Радика, со положување на светиот крст.

Пред дванаесетина години, пак, во 2011 година, повторно во соработка со жителите на селото, започнавме со обнова на стариот Храм на Царицата Мајка, со намера да ја вратиме архитектурата и ликот на старата црква што била во Двораник. Пресвета Богородица го благослови тој наш труд и неизмерно ни ја даваше Својата помош низ сите овие години и еве, најпосле, вечерва сме собрани овде, за да се помолиме и да го осветиме ова дело на милоста Божја, коешто Бог благоволи да го прими од нашите раце, испраќајќи ни благослов и радост. Навистина, големо дело е да се изгради еден храм Божји; човек да се удостои да Му подари и посвети храм на Бога. Од Стариот Завет дознаваме колку многу големиот и свет пророк и цар Давид, тој Божествен писател на чудесните псалми во Светото Писмо, копнеел да Му изгради Храм својот Бог: Нема да влезам во сеницата на домот свој, нема да се качам врз постелата на леглото свое, нема да им дадам сон на очите свои, дремка на веѓите свои и спокој на слепоочниците свои, сè дури не најдам место за Господа, сеница за Бога Јаковов (Пс. 131,3-5). Но, бидејќи згрешил, или, можеби, затоа што Божјата промисла била таква, не тој, туку неговиот син, како поголем и повешт градител, го изградил Храмот. Бог не му дозволил на Давида, иако прво тој ја добил идејата да изгради дом Божји, и дури го имал направено целиот нацрт според вдахновението Божјо, а имал собрано и голем дел од потребните материјали, вклучително и највештите мајстори, како и многу злато за претстојната градба. За ова, самиот цар Давид сведочи: Ми беше на срце да изградам дом за почивка на ковчегот на заветот Господов, за подножјето на нозете на нашиот Бог, и го подготвив потребното за градење. Но Бог ми рече: „Не гради дом на името Мое, зашто си човек војник и крв си пролевал“ (1. Лет. 28,2-4). Така, надалеку и историски прочуениот и велелепен Храм на гората Морија во Светиот Град Ерусалим бил изграден не од Светиот Пророк Давид, туку од неговиот син, царот Соломон. Следствено, колку многу треба да Му благодариме на Бога, што еве, по толку време, Он го удостојува нашево поколение, за да го прими од нашите раце овој свештен храм во слава Негова!

Вечерва, на ова богослужение ги пеевме прекрасните стихири што се пеат секогаш кога има осветување на храм. Тоа се, всушност, стихирите посветени на празникот Обновување на Храмот на Воскресението Христово во Ерусалим, кој се празнува секоја година на 13/26 септември. Станува збор за одбележување на споменот од осветувањето на Храмот на Воскресението, завршен во 335 година од страна на Светиот рамноапостолен цар Константин Велики и на неговата мајка, Светата рамноапостолна царица Елена. Тоа е Храмот каде што се наоѓа Сесветиот Гроб на нашиот Господ Исус Христос. И според него, денес секој христијански храм го симболизира празниот Гроб Господов; во светиот олтар се наоѓа света трпеза, вообичаено направена од мермер и од други скапоцени материјали, во којашто се положуваат мошти на светител. Тоа место во олтарот симболично го претставува празниот Гроб на Господа Исуса, од каде што Он, Милостивиот, го спаси и просвети светот. Во олтарот на секој храм, значи, се наоѓа светата трпеза, каде што се извршува најголемото таинство на верата наша – бескрвната жртва на Телото и Крвта Господови. Така, утре пред Божествената Евхаристија, ќе биде осветена чесната трпеза и на овој храм, со што таа ќе стане најсветото место во него.

Овие чесните мошти што утре ќе бидат положени во светата трпеза, вечерва ги изнесовме за поклонение пред иконата на Спасителот Христос. Значението на моштите врз кои се осветува еден храм е многу големо. Имено, првите христијански храмови, во времето на Римското Царство, биле постројувани токму на места каде што пострадале некои Христови маченици, а честопати и врз самите нивни гробови. Таков е, на пример, случајот со базиликите на Светите Апостоли Петар и Павле, коишто се подигнати токму врз нивните гробници. Така значи, кога некој ќе пострадал заради Христа, Христијаните имале обичај врз неговите мошти да служат Света Литургија, со јасна вера и визија дека во Христа никој не умира, туку сите се живи. Он е суштиот Живот и сите кои се во Него се вечно живи. Затоа, инспирирани од познатиот мозаик на Спасителот во црквата Хора во Константинопол, изградена уште во византиско време, посакавме и ние овде, од надворешна страна над западната врата од овој храм, да ја имаме претставата на нашиот Господ Исус Христос, наречена „Место на живите“. Таа претстава гледа токму кон православните селски гробишта, каде што, меѓу другите, се погребани и предците коишто го граделе стариот храм што го реконструиравме. Се молам и чувствувам дека добриот наш Бог ќе ни ги испрати нивните души денес и утре, за да се радуваат со нас за делото што го заеднички го изградивме. Силно ме трогнува сеќавањето на оние Христијани што ги затекнав и кои ми раскажуваа со колку маки и со колку големи надворешни притесненија го граделе тој претходен скромен храм. Нивните гробови се тука. И сега многу се радувам и Му благодарам на Бога за нивните души, оти знам дека и тие се радуваат и ликуваат во Местото на живите.

И што друго би можеле да правиме во ова светло ноќеденство на осветувањето на овој храм, освен да се радуваме и да Му благодариме на Бога и на Пресветата наша Богородица?! Да се радуваме и да благодариме, но и да не забораваме дека ние Христијаните сме неракотворена црква и дека секој крстен Христијанин е вистински храм Божји, кој му е особено драг на Господ. Затоа и ги градиме ракотворените храмови, оти сите ние сме едното тело Христово; се собираме во храмовите на свештено собрание, за да се соединуваме со Неговото животворно и спасоносно Тело, станувајќи браќа и сестри во Христа. Заради тоа да не дозволиме нашите храмови да бидат празни. Тие се, всушност, нашиот темел, нашиот духовен идентитет и нашата свештена постојба – тие се најдлабоките народни корени. Еве, историјата на овој храм се протега дури до 11. век. Архимандритот Кирил, кого претходно го спомнавме, вели дека црквата на Пресвета Богородица во с. Ростуше, најверојатно постоела уште од времето на ктиторот на Бигорскиот Манастир, Светиот Архиепископ Охридски Јован Дебранин, кој ја пронашол чудотворната икона на Свети Јован, веројатно кога како монах или игумен се осамувал на молитва во гората Бистра. Потоа, како Архиепископ, тој го гради Бигорскиот Манастир во 1020 година.

Голема е, значи, и свештенолепна нашата радост и благодарност што, со помош на Царицата Мајка, но и на повеќетемина благочестиви дарители, ја постигнавме целта храмот да личи на еден мал рај. Деновиве во Манастирот имаме еден брат од Турција, од неодамна православен Христијанин, кој им помагаше на браќата околу завршните подготовки за осветувањето на храмот. Едно попладне дојдов тука, за да видам како одат работите и забележувајќи го, го прашав што мисли за црквата, дали му се допаѓа. Тој, полн со ентузијазам, ми одговори: „Личи на еден мал рај!“ Дај Боже долги години да му се радуваме на овој мал рај, и ние а и поколенијата по нас, та да има многу крштевки и венчавки во него, и тој да постане темел за многу Христијани, да се обратат многу луѓе во вистинската вера, да тргнат по патот Христов, кој е пат на вистината, на љубовта, на мирот, на радоста; како што Самиот Он вели: Јас сум патот, вистината и животот (Јован 14,6). Он е апсолутната вистина и друг пат освен Него, нема. Да сте благословени и нека Пресвета Богородица нè чува сите во својата мајчинска прегратка, да нè благословува, да ни испраќа голема благодат. И само радости да стануваат во мијачкиот крај! Христијанството никогаш да не згасне во крајов и да има кој да ги пали кандилата во храмовите, сè до крајот на светот.

Амин!