Огласително слово при почетокот на светата и велика Четириесетница (2026)

+ В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА

АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА,

НЕКА ИМА БЛАГОДАТ И МИР

ОД НАШИОТ СПАСИТЕЛ И ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС,

А ОД НАС МОЛИТВИ, БЛАГОСЛОВИ И ПРОШКА


Сечесни браќа јерарси и благословени чеда во Господа,

Исполнети со свештен трепет и умиление, влегуваме и оваа година, по Божјото благоволение, во Светата и Велика Четириесетница – во поприштето на подвижничките подвизи, во времето на постот и покајанието, на смирението и молитвата, на духовната будност и братољубието, со очите на срцето свртени кон животворниот Крст Господов, којшто нè води сите нас кон Светата Пасха и му ги отвора на човечкиот род портите на Рајот.

Благословениот период што започнува претставува можност повторно да станеме свесни за вистината на подвигот по Христа и неговата нераскинлива поврзаност со евхаристиското остварување на Црквата, која во сите свои пројави и димензии се озарува од светлината и радоста на Воскресението. Духот на аскезата во никој случај не е туѓ елемент внесен во христијанството, ниту пак, е плод на влијанија од вонцрковни дуалистички идеологии. Подвигот е друго име за христијанското битие, поврзан со апсолутната доверба во Божјата промисла, со неисцрпната духовна радост на животот посветен на Христа, со самонадминувањето и саможртвеното принесување, со човекољубието и со почитта кон сето создание.

Подвигот не е прашање на самоволни избори и субјективни особености, туку потчинување на правилото и на „соборниот опит“ на Црквата. Тој, како што е речено, претставува „црковен“, а не „индивидуален“ настан. Животот во Црквата е неразделив. Покајанието, молитвата, смиреноумието, проштавањето, постот и делата на милосрдието се меѓусебно поврзани и проникнати едно со друго. Во православното Предание не постои подвиг како самодоволна цел, бидејќи тоа секогаш води кон преценување на личниот труд и поттикнува склоности кон самооправдување. Великата Четириесетница е вистинското време за живеење на Црквата како место и начин на откривање на даровите на Божјата благодат во нејзините пазуви, секогаш како предвкус на радоста од Воскресението Господово, кое е краеаголниот камен на нашата вера и светлоносниот хоризонт на „надежта што е во нас“. Движена од Бога, Црквата, во саботата на Сирната седмица го чествува сесвештениот спомен на светите мажи и жени кои засветлиле во подвигот, кои се поткрепа и сопатници на верните во долгата патека на подвижничкото трчање. Во поприштето на духовните подвизи ја имаме како свој заслон Пресветата Богородица и Мајка на сите нас, којашто има благоволение во Троичниот Бог, како и молитвеното застапништво на светиите и на мачениците на верата.

Здравиот христијански подвиг претставува учество на целиот човек, како единство на духот, душата и телото во животот во Христа, без омаловажување на материјата и на телото и без манихејско сведување на духовноста. Како што е запишано, христијанскиот подвиг во крајна смисла е борба „не против, туку за телото“, согласно и со реченото во Старечникот: „Ние не сме научени да бидеме телоубијци, туку страстоубијци.“

За жал и без основано, од некои современи мислители христијанскиот подвиг е окарактеризиран како одрекување од радоста на животот и како ограничување на човечката креативност. Ништо поневистинито  од тоа! Подвигот, како ослободување од „имањето“ и од приврзаноста кон поседувањето на нешта, и пред сè, како избавување од егото, од „барањето на своето“, од претворањето на „имањето“ во мерка на нашето битие, е извор и израз на вистинската слобода. Што е повистинито од излегувањето од затворот на „индивидуалното право“ и од отворањето во љубов кон ближниот, од внатрешната „добра преобразба“ и од постојаноста во исполнувањето на Божјите заповеди? Што е покреативно од постот, кога тој е сеопфатен животен став и го изразува подвижничкиот и евхаристискиот дух на Црквата, кога е „заеднички подвиг“, а не индивидуално натпреварување? Што е егзистенцијално попотресно од покајанието, од внатрешното преобразување, како животна насоченост кон вистината, од повторното откривање на силата на Божјата благодат, на длабочината на животот во Христа и на надежта за вечен живот? Впечатливо е тоа што, кога првохристијанскиот карактер на Светата и Велика Четириесетница како период на подготовка за светото Крштение за време на Пасхалната божествена Литургија бил заменет со „етосот на покајанието“, сепак останало нејзиното доживување како „второ крштение“. Затоа периодот на пост и покајание не е мрачен. Нашата химнографија говори за „пролетта на постот“, а богословието ја нарекува Великата Четириесетница „духовна пролет“ и „време на радост и светлина“. Сето ова добива особена актуелност и вредност пред современата антрополошка збунетост и новите облици на отуѓувања што произлегуваат од цивилизацијата.

 Со овие чувства и мисли, потсетувајќи ги чедата на Светата Христова Велика Црква низ сета област на нејзината духовна власт дека на денот на Акатистната химна ќе се заокружат празнувањата по повод 1400 години од 626 година, кога, како израз на благодарност кон Богородица за избавувањето на Константинопол од опасна опсада, во храмот на Пресвета Богородица во Влахерна била испеана „стоејќи“ Акатистната химна, ви посакуваме на сите вас лесен и благословен потфат на постот – во подвиг и трпение, во благодарење и славословие. Нека, вистинувајќи во љубовта и осветувајќи се во Господа, одиме по патот кон полнотата на радоста на Неговото светлоносно Воскресение.   

                                                                                                                        Света и Велика Четириесетница 2026

† Константинополскиот

огнен молитвеник кон Бога за сите вас